1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаПолска

Напад врз Северен тек: Туск против екстрадиција во Германија

Јацек Лепјарц
14 октомври 2025

Во Полска, саботажата на гасоводот Северен тек 2 во Балтичкото Море се смета за херојски чин. Украинецот Володимир З., уапсен во Полска како осомничен соучесник, најверојатно нема да биде екстрадиран во Германија. Зошто?

Чад и пена на морска површина по експлозија на морското дно
Во Полска веруваат дека уништувањето на гасоводот Северен тек било во интерес на Полска и дека напаѓачот заслужува признание, а не казнаФотографија: NDR

Володимир З. е во притвор во Варшава од крајот на септември 2025 година, чекајќи одлука за негова евентуална екстрадиција во Германија. 46-годишниот Украинец беше уапсен на 30 септември 2025 година врз основа на меѓународна потерница. Полска го уапси по барање на германското Сојузното јавно обвинителство во Карлсруе, кое го сомничи за учество во нападот врз гасоводот Северен тек 2 во септември 2022 година. Окружниот суд во Варшава го продолжи неговиот притвор минатата недела за дополнителни 40 дена, до 9 ноември.

Барањето за екстрадиција на Германија го стави премиерот Доналд Туск во политичка дилема. И покрај повремените тензии, Берлин е сè уште стратешки партнер на централно-левичарската полска влада. Покрај тоа, Туск сака повторно да ја претстави Полска како правна држава - по години кршење закони за време на претходната национално-конзервативна влада на ПиС.

Од друга страна, во Полска постои широк политички консензус – речиси сите партии веруваат дека уништувањето на гасоводот Северен тек 2 било во интерес на Полска и дека напаѓачот заслужува признание, а не казна.

Не е проблем експлозијата, туку изградбата

По апсењето на осомничениот, Туск истакна дека неговата судбина ќе ја одлучат независни судии. Сепак, тој не го криеше своето противење на екстрадицијата. „Проблемот со Северен тек 2 не е што беше кренат во воздух. Проблемот е што воопшто беше изграден“, напиша тој на социјалната мрежа X. Туск додаде дека „не е во интерес на Полска, ниту во согласност со чувството за пристојност и правда, да се покрене обвинение против тој човек или да се екстрадира во друга земја“. Тој го изјави ова минатиот вторник за време на посетата на литванската премиерка Инга Ругиниене. 

Полскиот премиер Доналд Туск ја смири Германија и нареди апсење на можен соучесник во нападот врз германско-рускиот гасовод Северен текФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Блискиот соработник на Туск, координаторот на тајните служба Томаш Шимонијак, рече дека задачата на обвинителот е да „го убеди судот дека екстрадицијата во Германија би била лоша одлука“. Тој, исто така, изрази сомневање дали доказите дека ова конкретно лице е поврзано со експлозијата на гасоводот се доволно убедливи.

Туск со отворената поддршка на Володимир З. се обиде да ги ублажи критиките од десничарските конзервативни кругови. Проевропскиот политичар често е обвинуван од десницата дека е „германски агент“. За време на демонстрациите против нелегалните мигранти во Варшава во саботата, лидерот на опозицијата Јарослав Качински го обвини Туск дека сака да ја претвори Полска во „германски протекторат“. Десничарскиот активист Роберт Бакиевич го нарече премиерот „германски слуга“ и изјави дека „империјална Германија е исто толку опасна како и Русија“.

Критики и од Унгарија

Десничарската конзервативна опозиција веднаш го искористи германското барање за екстрадиција како повод за да ја нападне владата. „Државата на Туск сака да го екстрадира уапсениот Украинец на Германците“, предупреди поранешниот заменик-министер за надворешни работи Павел Јаблонски од партијата Право и правда (ПиС). Во Германија, тврди тој, Володимир З. се соочува со „политичка репресија“ затоа што „секој што го напаѓа германско-рускиот сојуз се смета за непријател“, напиша Јаблонски на социјалната мрежа X.

Критики стигнаа и од Унгарија, иако од сосема различни причини. Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, изрази „шок“ од ставот на Туск. „Не сакаме Европа, во која премиерите ги бранат терористите“, напиша тој на Х.

Северен тек - чувствителна тема за Полска

Проектот Северен тек, кој  во 2005 година политички го започнаа германскиот канцелар Герхард Шредер и рускиот претседател Владимир Путин, беше проблем за Полска уште од самиот почеток. Првично, Варшава беше загрижена за губењето на приходите од транзитните такси, бидејќи рускиот гас претходно се транспортираше во Западна Европа преку Полска. Но, со зголемувањето на тензиите околу Украина, во преден план излегоа геополитичките причини.  

Во 2006 година, тогашниот министер за одбрана Радослав Сикорски го спореди гасоводот Северен тек со пактот Хитлер-Сталин од 1939 година. Оттогаш, полските критики за германско-рускиот енергетски проект се постојана тема во полско-германските односи, без оглед на тоа кој е на власт во Варшава. 

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер (втор од лево) и Владимир Путин (втор од десно) на фудбалскиот натпревар Русија-Германија во 2009 година во Москва, придружувани од поранешниот баварски премиер Штојбер и блискиот соработник на Путин, МедведевФотографија: Vladimir Rodionov/Ria Novosti/Kremlin Pool/dpa/picture alliance

Полските медиуми сега прашуваат зошто Володимир З. е уапсен токму сега. Имено, потерницата е издадена пред една година, а осомничениот наводно бил однапред предупреден и успеал да избега во Украина. Не е јасно зошто се вратил во Полска. Тогаш Туск им рече на германските политичари кои ги поддржуваа Северен тек 1 и 2 дека „треба да замолчат и да се извинат“.

Судење во Полска?

Според шпекулациите на порталот OKO.press со седиште во Варшава, полската влада сакала да покаже дека соработува со Германија, бидејќи била заинтересирана да  види дека и нејзините налози за апсење се спроведуваат во западните земји.

Полските медиуми објавуваат дека постои излез од дилемата во случајот со Володимир З. Имено, истрага за експлозијата на гасоводот Северен тек е во тек и во Полска, а тој има статус на сведок во тој процес. Неодамна бил сослушан. „Доколку против него биде покренато обвинение во Полска, ќе му се суди пред полски суд“, пишува OKO.press. Украинецот живее во Полска веќе три години и раководи со градежна компанија во близина на Варшава.

Конзервативниот тинк-тенк Клуб Јагелонски го гледа барањето за екстрадиција на Германија како шанса за Туск. „Со отфрлање на барањето, Туск може да убие две муви со еден удар: да покаже решителност кон Берлин и да ја зајакне својата преговарачка позиција кон Украина“, се наведува во нивната анализа. Ова, според нив, би ги ослабела обвинувањата против Туск од страна на десничарската конзервативна опозиција дека неговата политика е премногу попустлива кон Германија.

 

Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми