1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Направен е чекор кон завршување на буџетската блокада во САД

Тагесшау | ЕМФ
10 ноември 2025

Американскиот Сенат направи прв чекор кон завршување на блокадата на владата. Сенаторите се согласија на компромис кој би можел да го отвори патот кон преодно финансирање. Сега на потег е Претставничкиот дом.

Демократите и Републиканците во Конгресот во САД со недели не можат да се договорат околу буџетот
Поради тоа што Демократите и Републиканците не можат да се договорат околу буџетот, редовното функционирање на владата е во голема мера парализирано од почетокот на октомвриФотографија: picture-alliance/J. Schwenkenbecher

Републиканците и Демократите во САД направија конкретен чекор за прекин на делумната блокада на буџетот. Сенатот во текот на ноќта – со поддршка и од демократите – гласаше за разгледување на привремен буџет предложен од Претставничкиот дом. Со тоа, владините активности би се финансирале до 30 јануари. Ова гласање претставува прва надмината важна пречка за завршување на најдолгата блокада во историјата на САД.

Речиси сите републиканци, како и седум демократи и еден независен претставник, гласаа за одобрување на следниот чекор потребен за постигнување договор. Еден од 53 републиканци гласаше против, а беа потребни најмалку 60 гласови. Десетици демократи останаа при своето вето – меѓу нив и влијателниот лидер на малцинството во Сенатот, Чак Шумер. На крајот, сè зависеше од републиканскиот сенатор Џон Корнин од Тексас, кој го даде својот глас со значително доцнење. Со неговото гласање, доцна вечерта беше достигнато потребното мнозинство од 60 гласови.

Спор околу здравственото осигурување – Трамп реагира

Главниот спор се однесува на тоа дали одредени финансиски субвенции за здравствено осигурување ќе бидат продолжени или не. Демократите сакаат да спречат зголемување на здравствените трошоци за милиони граѓани. Републиканците досега го одбиваа продолжувањето.

Демократскиот сенатор Тим Кејн на платформата X напиша дека договорот, меѓу другото, предвидува гласање за намалување на придонесите за здравствено осигурување, што беше барање на демократите. Исто така, треба да се обезбеди повторно вработување на федералните службеници отпуштени за време на блокадата и исплата на заостанатите плати.

И претседателот Доналд Трамп повторно се вклучи во дебатата. Тој побара субвенциите за АЦА-здравствените осигурувања (осигурувања според Законот за заштита на пациентите и пристапна здравствена заштита, познат и како Обамакер) да се заменат со директни исплати на поединци. На неговата платформа Truth Social ги нарече субвенциите „среќа за осигурителните компании и катастрофа за американскиот народ“.

Дебатата во Сенатот продолжува

Во следниот чекор, Сенатот треба да се договори околу соодветен пакет. Дури по постигнување на договорот, предлогот повторно ќе оди во Претставничкиот дом, каде што исто така мора да биде одобрен. Процесот, зависно од отпорот во двете партии, може да трае неколку дена.

Компромисот предвидува гласање за продолжување на одредени субвенции за намалување на придонесите за здравствено осигурување, но тоа не е гаранција дека тие ќе продолжат. Демократскиот сенатор Крис Марфи на X оцени дека е голема грешка да се заврши блокадата без претходно да се осигура продолжување на помошта.

Поради тоа што Демократите и Републиканците во Конгресот не можат да се договорат околу буџетот, редовното функционирање на владата е во голема мера парализирано од почетокот на октомври.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми