1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилствата во Велика Британија не престануваат

ЕМФ | агенции
6 август 2024

Во Велика Британија продолжуваат десноекстремните безредија. Вчеравечер во Плимут дојде до судири. Има повредени полицајци, а досега се уапсени речиси 400 лица.

Насилни безредија во Велика Британија
Насилните безредија во Велика Британија не стивнуваатФотографија: Danny Lawson/PA/dpa/picture alliance

Во Велика Британија повторно дојде до безредија предизвикани од радикални групи. Во насилните безредија на десни екстремисти во градот Плимут повредени се повеќе полицајци. „Преземаме мерки против лица кои имаат криминални намери“, соопшти полицијата. Во Плимут се уапсени шест лица, а неколку полицајци, како што е сооппштено, се здобиле со полесни повреди. Би-Би-Си јави дека е демолиран полициски автомобил. На демонстрантите им се спротивставија и контрадемонстранти. Притоа дојде до судири. Репортерот на Скај њуз, кој исто така зборуваше за големо насилство, рече дека е тешко да се разликуваат спротивставените групи.

„Нема да се толерира насилство, нема да се толерира омраза“, напиша во својата изјава полицијата на Девон и Корнвол. Според полицијата, ќе се продолжи со заедничка работа за да се осигура безбедност.

Во британските градови со денови има тешки безредија, главно предизвикани од десни екстремисти. Досега се уапсени речиси 400 лица. Десноекстремните насилници го користат смртоносниотнапад со нож на час по танцување во Саутпорт, во близина на Ливерпул, минатиот понеделник, во кој беа убиени три девојчиња, а беа повредени осум деца и двајца возрасни. На интернет се шират лажни вести дека напаѓачот од Саутпорт е барател на азил со муслиманско име. Полицијата противречи на ова и вели дека се работи за 17-годишник роден во Британија, чии родители се од Руанда. Мотивот за злосторството е нејасен.

Во насилните протести досега се повредени повеќе полицајци, а уапсени се речиси 400 лицаФотографија: Danny Lawson/dpa/picture alliance

Регионалната влада на Северна Ирска ги враќа парламентарците од одмор

Во англиски Дарлингтон, јужно од Њукасл, исто така дојде до „спорадични избувнувања на насилни немири“, го цитира Би-Би-Си началникот на полицијата Ричи Ален. Беа вклучени групи луѓе „кои имаа за цел да нанесат сериозна штета на нашите заедници и нивниот имот“, вели тој. Според информациите на Би-Би-Си, судири повторно имало и во Северна Ирска. Во јужен Белфаст, полицајците кои биле распоредени во област во близина на супермаркет што беше запален во текот на изминатиот викенд, биле гаѓани со камења и бензиски бомби.

Регионалната влада на Северна Ирска ги повика парламентарците да се вратат од одмор поради немирите. Британската централна влада досега не презема таков чекор.

За актуелниот шеф на британската влада, кој на функцијата е само еден месец, Кир Стармер, безредијата се првиот тест. Се чини дека Стармер е добро „вооружен“ со оглед на тоа што беше шеф на обвинителната служба Crown Prosecution Service во моментите кога англиските градови во август 2011 година без потресени од тешки безредија. Но, за разлика од сега, тогаш не се работеше за десноекстремни безредија. Повод за насилствата тогаш беа смртоносните истрели на полицијата кон човек со ирско-јамајканско потекло. Насилствата тогаш почнаа во Лондон и се реширија во сите големи градови. Притоа починаа повеќе луѓе.

​​​​За британскиот премиер Кир Стармер безредијата се првиот тестФотографија: Ben Bauer/PA/dpa/picture alliance

Во тоа време судовите заседаваа 24 часа на ден, седум дена во неделата, со цел брзо да се завршат судските процеси против обвинетите. За такво нешто се размислува и сега, но одлука не е донесена, изјави портпарол на британската влада. Британскиот правосуден систем, исто како и затворите, важи за преоптоварен. Владата досега отфрла ангажирање на армијата за смирување на безредијата, барање кое, меѓу другите, го постави и екс шефот на шкотската влада Хумза Јусаф.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми