Една изложба во полскиот град Гдањск на северот на земјата предизвика своевиден земјотрес во тамошното општество затоа што прв пат нацијата отворено ја соочи со работите кои беа премолчувани од 1945 година до денес. Или до овој јули, кога беше отворена изложбата „Нашите мочиња“ во Музејот на Гдањск.
Проектот на Музејот на Гдањск за 450.000 Полјаци кои биле принудени да му се приклучат на Вермахтот и да се борат за Третиот рајх за време наВтората светска војнапредизвика остри протести од десницата, па дури и обвинувања за национално предавство, но други инсистираат дека земјата треба да се соочи со своето болно минато. И да каже какво било минато, па колку и да било трауматично од денешна гледна точка.
Оваа изложба, или подобро кажано, проект, е толку амблематична што би можела да биде и паралела како би реагирале други општества со вакви предизвици кои може да предизвикаат болни општествени рани и соочување на нацијата со самата себеси за однесувањето на некои нејзини делови во исклучително комплицирани историски околности.
Македонија има голем проблем да излезе од ќор-сокакот на европскиот пат поради францускиот предлог и неисполнетиот услов за внесување на Бугарите во уставот, кој е потхранет со бесмислените уцени од бугарските власти во последниве шест години и неколкуте вета (прво од Франција, а потоа од Софија) по кои општеството го загуби компасот. И не знае каде да тргне со „гордоста“ од местото во коешто стои. Но тоа не значи дека Македонија не може да направи еден гигантски чекор и да позборува за „нашите момчиња“ кои служеа од 1941 во бугарските униформи на окупациските сили. Повеќе како војници, а помалку како полицајци.
Историчарот Александар Литовски за потребите на овој текст изјави за Дојче веле дека дури 50.000 Македонци биле дел од окупациските сили од 1941 до 1944 година. Тоа е неверојатно голема бројка. За тие луѓе, за нивните мотиви зошто се приклучиле кон бугарската војска, дали биле насилно мобилизирани или во еден момент окупаторите ги гледале како ослободители по српското владеење со Вардарска Македонија, би можело да се тргне во истражување и подготовка на еден голем проект за македонските „наши момчиња“. Ако некој воопшто сака да се зафати со таква работа и притоа да бидат обезбедени средства за еден ваков потфат.
Темата може да изгледа странична во актуелната политичка ситуација и небиднината која се надвиснува над Македонија. Но, токму обратно, таа може да биде важен лек за здравјето на едно општество. Поради тоа, ваквото тешко соочување со самото себе на едно општество ќе го претставиме во два текста – оваа сабота заПолска,а идната за тоа што би можело да се направи во Македонија и зошто толку многу луѓе се приклучиле на окупаторските војски, а потоа, по разочарувањето, заминувале во партизани.
Изложбата во Гдањск
Насловот на изложбата во Музејот во Гдањск, „Нашите момчиња“, не е случаен. Авторите се повикале на фразата „Ons Jongen“, што Луксембуржаните - принудени да служат во Вермахтот за време на војната - ги нарекувале своите најблиски испратени на фронтот. „За многу семејства од Померанија, ситуацијата беше слична. Вклучувањето во Deutsche Volksliste (Германски народен список) не беше идеолошки избор, туку форма на преживување“, објаснуваат претставниците на Музејот во Гдањск. „Ова беа луѓе од тука, и затоа ‘нашите момчиња’. Нивните семејства живеат тука - во Померанија - денес“, напишаа кураторите на изложбата.
Изложбата надополнува нишка што се појави во учебник по полско-германска историја конечно одобрен во 2024 година за училишна употреба од заедничката полско-германска историска комисија.
Оние што ја подготвија изложбата јасно се дистанцираа од обвинувањата за промовирање нацизам: „Изложбата нема за цел да пропагира нацистичка идеологија или да ги оправда или негира злосторствата на германската армија за време на Втората светска војна“.
Полските медиуми наведуваа повеќе предмети од изложбата. Две стари семејни фотографии ја прикажуваат истата група: жена со кратка коса, девојка во пругаста облека и маж во униформа. Но, постои една разлика помеѓу овие добро сочувани слики: на едната, мажот носи униформа на Вермахтот; на другата неговата воена облека е изменета за да се скрие неговата воена служба.
Тие беа донирани на Музејот во Гдањск од синот на девојката во пругастата облека. Тие на директен начин ги претставуваат масовните присилни регрутирања на Померанците (жители на предвоениот пограничен регион) во германската армија. Составена од фото албуми, семејни наследства и усни сведоштва на Полјаци кои служеле во Вермахтот, изложбата прашува дали некој може да биде и жртва и војник на агресор и сугерира дека соочувањето со овие сложености е од витално значење за националниот идентитет. Целата идеја го поплочи патот кон голема контроверзност.
Померанија е регионот што се протега по должината на јужниот брег на Балтичкото Море во денешна Полска. Во меѓувоениот период, дел од него беa во состав на Германија, а дел во Полска. Самиот Гдањск тогаш беше Слободен град Данциг.
По германската инвазија во септември 1939 година, некои полски територии, вклучувајќи ги Померанија, Шлезија и Голема Полска, беа директно вклучени во Рајхот. Жителите на овие региони беа регистрирани во Deutsche Volksliste, кој ги класифицирал жителите на окупираните територии. За мажите на возраст за регрутација, ова честопати подразбирало задолжителна служба во Вермахтот. Оние кои одбивале да служат, дезертирале или се обидувале да се приклучат на полските вооружени сили или партизански групи, а ако биле фатени биле осудени на смрт или испраќани во концентрациони логори.
Историчарите проценуваат дека помеѓу 400.000 и 450.000 граѓани на Втората полска република служеле во Вермахтот, повеќе од бројот на оние што служеле во Домашната армија, доминантното движење на отпорот во окупираната Полска - болна реалност која, како што се претставува во Музејот во Гдањск, треба да се прифати за да се овозможи поискрено соочување со минатото.
Повеќето регрути служеле на помошни позиции во Норвешка, Франција, Србија и Грција; тие не биле целосно доверливи. Се проценува дека 90.000 од нив избегале или се приклучиле на полските вооружени сили на Запад откако биле заробени. Околу 75.000 загинале.
Жителите на другите полски региони - надвор од Шлезија и Голема Полска - знаат малку за Volksliste. Несомнено е дека воведувањето на германската Volksliste служело за брза германизација. Жителите биле поделени во четири групи. Првата вклучувала луѓе од германска националност и политички активни луѓе. Втората група вклучувала луѓе кои тврделе дека се германска националност, го задржале германскиот јазик и култура, но биле политички пасивни. Поединците во првата и втората група се сметале за полноправни граѓани на Третиот рајх. Третата група била составена главно од домородно население (на пр. Кашубијци), кои се сметале за делумно полонизирани. Четвртата група вклучувала луѓе од полска националност, кои се сметале за „расно вредни“, кои работеле за Третиот рајх. Одбивањето да се потпише Volksliste можело да се смета за чин на „предавство“. Ставовите на луѓето биле мотивирани од различни фактори, вклучувајќи обиди за адаптација или едноставно потреба од наоѓање работа.
„Нашите момчиња“ во германски униформи
Масовните регрути беа последица на овој закон - особено од февруари 1942 година. „Кога ги напуштаа своите родни места, тие беа придружени од страв, депресија, но честопати и возбуда од новото искуство и можноста да видат претходно непознати земји“, може да се прочита на изложбата.
Репортерот на весникот „Жечпосполита“ пишува за впечатокот што се добива кога се гледаат фотографиите од насмеани момчиња во германски униформи со нивните семејства на отсуство. Според кураторите, „доброволците беа маргинален феномен во Померанија“ - тие беа главно „померански Германци или поединци кои се идентификуваа со германската нација“.
Кураторите на изложбата потсетуваат дека „една од најважните задачи на Германија беше да ја интегрира оваа област во Рајхот преку германизација на полските граѓани или отстранување на групите несоодветни за германизација“. Затоа, оваа изложба ја истражува историјата на репресијата и теророт, масакрот во Померанците и логорот во Штутово, каде што локалните жители биле испратени уште во септември 1939 година.
Во големите градови кои се подалеку на исток, како Варшава, Краков и Лублин, полскиот идентитет бил јасен - полскиот бил главен јазик, а католицизмот ги обединувал луѓето. Историјата на овие места се фокусирала на востанијата и отпорот кон странските угнетувачи, а разликата помеѓу локалното население и странците била остра. Но во региони како Шлезија, Кашубија, Померанија, Мазурија, животот бил помешан. Луѓето зборувале неколку јазици, практикувале различни религии и честопати имале членови на семејството кои служеле во различни армии.
Еден од кураторите на изложбата, Анджеј Хоја, вели дека иако ова комплексно поглавје од воената историја на Полска е широко прифатено во Померанија, било тешко да се дадат лични приказни и фер расправа на национално ниво. „Тоа е тајна на семејно ниво“, вели тој. „Многумина чуваат слики од таа ера бидејќи тоа се единствените фотографии што ги имаат. Меѓутоа, во националната дебата, ако имате роднина кој бил присилно регрутиран, тоа може да ве направи лесна цел".
Случајот со дедото на сегашниот премиер Доналд Туск е прилично илустративен за тоа колку е ова комплицирана и чувствителна тема во полската јавност. Во октомври 2005 година, Доналд Туск, либерален политичар од Гдањск, победи во првиот круг од претседателските избори во Полска со солидна разлика од 8 процентни поени. Лех Качињски, брат близнак на Јарослав, лидерот на партијата Право и правда (ПиС), заврши втор. Седум дена пред вториот круг, избувна скандал откако Јацек Курски, спин-доктор на Качињски, во интервју за неделникот „Тигодник Ангора“ тврдеше дека „доверливи извори во Померанија велат дека дедото на Туск се пријавил како доброволец во Вермахтот“.
Целта на Курски беше јасна: да сугерира дека Туск ги претставува политичките интереси на Германија, а не на Полска. За таа цел, тој беше успешен: Качињски победи во вториот круг, а ПиС го започна својот марш кон власта. Така, „дедото од Вермахтот“ стана симбол на кампањата за клевета. Сепак, тоа беше блеф, како што подоцна Курски им призна на новинарите. Јозеф Туск, железнички работник, беше уапсен од Гестапо на 1 септември 1939 година, првиот ден од војната. Тој беше испратен во концентрационите логори Штутхоф и Нојенгаме, а потоа насилно регрутиран во Вермахтот во последните денови од војната во август 1944 година. Само три месеци потоа, тој веќе служеше во полските вооружени сили на Запад.
Лавина од гнев
Сосема очекувано, изложбата предизвика голем гнев во Полска. Особено меѓу опозициските конзервативци од партијата Право и правда. Се случија и протести кои ги надмина стравувањата на кураторите. Толпи се собираа пред зградата, мавтајќи со национални знамиња. Претседателот во заминување, Анджеј Дуда, кој беше на функцијата до 6 август, зборуваше за „морална провокација“. Мариуш Блашчак, кој беше заменик-премиер во владата на ПиС до 2023 година, ја нарече изложбата „имплементација на германскиот наратив“.
„Прикажувањето на војниците од Третиот рајх како ‘наши’ не е само историска лага, туку и морална провокација, дури и ако фотографиите од млади мажи во униформи наХитлероватаармија прикажуваат Полјаци насилно регрутирани во германската војска“, рече Дуда. „Полјаците, како нација, беа жртви на германската окупација и германскиот терор, а не нејзини сторители или учесници“, додаде тој.
Поранешниот премиер на ПиС, Матеуш Моравјецки, во објава на Икс рече: „Она што се случува во Гдањск е во согласност со цела низа настани што се вклопуваат во концептот на замаглување на вистинската историја и релативизирање на злото извршено од Германците на полска територија“.
На овие осуди се приклучи и сегашниот министер за одбрана во владата на Туск, Владислав Косињак-Камиш кој рече дека изложбата „не им служи на полските интереси или на историскиот наратив“, додавајќи дека „хероите на Полска кои ја бранеа татковината од нацистичка Германија заслужуваат изложби“.
Лукаш Кохут, член на Европскиот парламент од Граѓанската коалиција на Туск одговори на овие напади од Право и правда: „Членови на ПиС викаат за ‘искривување на историјата’. Не! Искривувањето на историјата е молчење за овие настани. Моите претци, Шлезијци, исто така загинаа во војната, честопати носејќи различна униформа од полската, и тие не заслужуваат да бидат заборавени. Историјата не е црно-бела и време е да престанеме да се преправаме дека некогаш била“, рече тој на Икс.
Директорот на Музејот на Гдањск, д-р Анджеј Гиршевски, изјави: „Нашата улога како музеј е да едуцираме, а не да се воздржуваме од тешки теми. Да ја покажеме сложеноста на историјата - дури и онаа што со децении била маргинализирана или сметана за незгодна".
Поддршка дојде и од еден познат ветеран од Втората светска војна. Роман Раковски, поранешен командант на полската морнарица и борец во Домашната армија, кој наполни 101 година, напиша отворено писмо до музејот како одговор на жестоката дебата, во кое тој ја забележува суровата репресија и присилното раселување во Померанија и повикува на сеќавање на оние кои биле принудени да донесат тешки одлуки. „Ова беа наши момчиња, момчиња од нивните семејства, принудени да одат во непријателската војска за да ги спасат најблиските“, напиша тој. „Полесно е да се суди отколку да се соочиш со таква опасност“.
„Полесно е да се пишува со пенкало отколку со сопствена крв, полесно е да се фалиш и да судиш без да го загрозиш својот живот и животите на твоите најблиски. Лесно е да седиш во удобна фотелја, да пиеш чај и да си играш со туѓиот живот и крв, а не со својот, и гледајќи наназад низ годините да мислиш како требало да постапиш“, напиша тој во писмото.
Стефан Чвин, почитуван писател поврзан со Гдањск, во својата статија за полски „Њусвик“ толкуваше од каде доаѓа гневот против изложбата: „Сакаме да заборавиме на ‘нашите момчиња’ затоа што длабоко во себе сме ужаснати од прашањето како би реагирале ако, не дај боже, бевме во нивна кожа и се најдевме во таква проколната ситуација каква што се случи“.
Друг познат писател, Шчепан Твардох, напиша на социјалните мрежи дека неговиот дедо бил регрутиран во Вермахтот во 1941. „За нас, тие отсекогаш биле и секогаш ќе бидат наши момчиња. За вас, тие не мора да бидат, но ова е нашата приказна; ние немаме друга, сè додека живее сеќавањето на нив“, напиша Твардох.
Не е лесно соочувањето на една нација со самата себеси. Или со постапките на дел од неа. Особено кога просудувањето ќе биде извадено од историскиот контекст, условите, личните драми, грижата за семејството. Тие некогаш можат да бидат пред идеологијата. Но секогаш е подобро да се зборува за ретушираните делови од историјата отколку да им се додава уште еден нов слој ретуш.
Лукаш Кохут, член на Европскиот парламент од Граѓанската коалиција на Туск одговори на овие напади од Право и правда: „Членови на ПиС викаат за ‘искривување на историјата’. Не! Искривувањето на историјата е молчење за овие настани. Моите предци, Шлезијци, исто така загинаа во војната, честопати носејќи различна униформа од полската, и тие не заслужуваат да бидат заборавени. Историјата не е црно-бела и време е да престанеме да се преправаме дека некогаш била“, рече тој на Икс
Директорот на Музејот на Гдањск, Анджеј Гиршевски, изјави: „Бевме свесни дека изложбата може да предизвика силни емоции, особено кај оние кои се воспитани во историските традиции на другите региони на Полска. Нашата улога како музеј е да едуцираме, а не да се воздржуваме од тешки теми. Да ја покажеме сложеноста на историјата - дури и онаа што со децении била маргинализирана или сметана за незгодна“.
Оваа изложба е резултат на четивото што се појави во полско-германскиот учебник за основни училишта „Европа. Нашата историја“, кој беше одобрен за училишна употреба во 2024 година „по четири години чекање за одобрение од министерството“, како што истакнуваат авторите на изложбата. Затоа, изложбата има поширок контекст; дека работите не се црно-бели дека историјата е полна со нијанси и дека е лесно луѓето да се оцрнуваат или присвојуваат, а потоа да се водат политички и други битки.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
