1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

„Нашите срца уште се во Газа“

Ана Осиус | АРД
6 ноември 2023

Бројни странци или Палестинци со двојно државјанство имаат право да го напуштат Појасот Газа. Но, често нивните роднини и пријатели остануваат во военото подрачје.

Газа бегалци
Стотици странци и Палестинци со двојно државјанство ја напуштија ГазаФотографија: Abed Rahim Khatib/AA/picture alliance

Носат куфери, детски колички, она малку што го поседуваат е спакувано во хартиени или пластични кеси. Чувствуваат олеснување што успеале. Имаат две државјанства, па изминатите неколку денови можеа да го преминат граничниот премин Рафах и да влезат во Египет. Конечно ѝ избегале на војната.

„Точно, заминавме од војната, но нашите срца уште се во Газа. Целата моја фамилија е уште таму. Се надевам дека се здрави и дека војната ќе престане“, изјавила Хура, која поседува пасош на САД, за новинската агенција Ројтерс.

„Мислев дека грми“

Младата мајка едвај може да поверува дека конечно е на безбедно, по ноќните кошмари во изминатите недели. „Син ми играше на прагот на нашата куќа во Газа, кога ги чув првите удари на бомби. Не знаев што се случува, мислев дека грми. А потоа ми се јавија пријатели и ме предупредија дека почнува војна. Оттогаш како на нас да падна црна завеса. Куќата ни е тотално уништена, а точно пред неа, на улица, удри ракета, таму каде обично си играат моите деца. Да бевме таму, веќе немаше да го најдам својот син. За среќа, веќе бевме заминати во Рафах и таму чекавме“. По неколку дена чекање, имале среќа, нејзиното име било на првата листа на лица кои можат да ја преминат границата.

Дома преку Каиро

Само неколку стотици странски државјани  успеаја да го напуштат Појасот Газа. Тие со автобуси беа пренесени во египетскиот главен град Каиро, од каде можеа да го продолжат патот во своите земји. Луѓето доживеале страшни работи. Меѓу нив е и Јусеф, старецот со американски пасош седи во инвалидска количка.

„Пред наши очи  соседната куќа беше погодена од ракета.  И нашата куќа се запали, сите наши работи изгореа. Истрчавме од неа само со она што го имавме на себе. Ништо не успеавме да спасиме од нашите работи.“

Заминување од воениот конфликт со горчлив вкус - бегалци од Појасот Газа на преминот Рафах кон ЕгипетФотографија: Abed Rahim Khatib/AA/picture alliance

Граничниот премин наводно повторно затворен

Во меѓувреме, според извештаите на медиумите, граничниот пртемин Рафах е наводно повторно затворен. Поради израелското бомбардирање на болнички конвој минатиот викенд, изгледа дека пропаднал договорот за краткорочно отворање на граничниот премин, постигнат меѓу Израел, Хамас и Египет со посредување на Катар. 

Илјадници странски државјани  како и лица со двојно државјанство уште се во Газа, меѓу нив и Германци. Нив сѐ повеќе ги обзема очај.

На пример Ахмед, кој 30 години живее во германскиот град Минстер. Тој со синот сакал само да ја посети својата мајка во Газа за време на училишниот распуст, а сега не може да замине оттаму. Од германското Министерство за надворешни работи долго му порачувале да се стрпи и дека нема дополнителни информации.

Неодамна добил СМС порака дека можат да заминат, а веднаш потоа, дека не можат. Ахмед тоа го нарекува војна на нерви. Во една прилика кога отишол да побара леб, во близината паднала бомба. „Постојано слушам удари на бомби, ги чувствувам. И тие крикови, да не поверуваш.“

Блинкен повика на прекин на огнот

Без оглед на кризната дипломатија,  не е на повидок попуштање.  Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен на викендот беше во Израел, а потоа се сретна со челници на неколку арапски земји. Тој го повика Израел да прогласи хуманитарен прекин на огнот, инсистираше Израел да преземе сѐ што може за да се избегнат цивилни жртви. „Заштитата на цивилите би помогнала Хамас да не ја искористи ситуацијата. Но, пред сѐ заштитата на цивилите е морално исправна.“

Раздвоени членови на семејства

Досега цивилите во Газа не беа поштедени во воените дејства. На евакуираните луѓе тешко им  паѓа да ги остават зад себе своите семејства. Меѓу нив е и 11-годишната Фарах од САД, која морала да го остави таткото во Газа и не знае дали некогаш повторно ќе го види. „Ме бакна во челото и ми рече: ’Засолни се на сигурно.' Потоа ми рече дека ме сака, дека секогаш треба да се присетувам на тоа."

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми