1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГлобално

Настинката не доаѓа само од студ

Гудрун Хајзе
12 ноември 2022

Зошто настинуваме и зошто тоа се случува често во студените зимски месеци? Факт е - не нè разболува само студот, зад тоа се кријат повеќе фактори.

Грип настинка
Грип и настинка најчесто се добиваат во зимаФотографија: blackday/Zoonar/picture alliance

Температура на телото од 36,5 до 37 степени Целзиусови е идеална за луѓето. Тогаш работиме најдобро. Нашиот метаболизам и сите наши органи зависат од оваа основна температура, а нашето тело прави сѐ што може за да ја одржи.

За да измери дали ја има вистинската темпертура, нашето тело користи рецептори. Степен или два не се многу важни. Меѓутоа, ако температурата нагло падне, телото се обидува да го активира метаболизмот за да ја одржи рамнотежата.

Сопствениот термостат на телото

Нашиот метаболизам ни ги обезбедува потребните хранливи материи. Тој обезбедува разлагање на храната и нејзино трансформирање, за клетките да можат да ги искористат хранливите материи.

Покрај тоа, метаболизмот го загрева телото. Кога е студено, му треба повеќе енергија. На студ крвните садови се стеснуваат за да не се изгуби премногу топлина. Значи, потребно ни е повеќе енергија за добра циркулација на крвта.

Треперењето е исто така еден вид заштитен механизам. Кога на голем студ трепериме, нашето тело се обидува да произведе топлина и да спречи ладење на телото.

На студ крвните садови се стеснуваат за да не се изгуби премногу топлинаФотографија: Rolf Kremming/imago images

За настинка се одговорни вирусите

Не се разболуваме само поради смрзнување и студ. Настинката обично е предизвикана од вируси.

Риновирусите се главната причина за настинка. Тие постојат ширум светот и водат до инфекции на горниот респираторен тракт. Вирусите ги шириме првенствено преку нашите раце ако тие се заразени со риновируси. Но, можеме да се заразиме и преку воздух.

За разлика од грипот, кој е предизвикан од инфлуенца-вируси, против настинка не постои вакцинација - едноставно треба само да поминеме низ тоа.

Вирус на грипФотографија: Novartis Vaccines

Настинките обично доаѓаат во зима

И покрај сето ова, настинките на северната хемисфера се поврзани со студените годишни времиња. За тоа има и причини: кога е студено, значи во зима, патогените микроорганизми поминуваат особено лесно, бидејќи студениот воздух е сув и таквата средина е идеална за вирусите на настинка. Но, не само што тогаш е сув надворешниот воздух, туку и влажноста во затворените простории е често премала, па нашата слузница се суши. Без овој заштитен слој на слуз, вирусите можат многу брзо да навлезат во нашите тела.

Клима уредите, на пример, предизвикуваат и сушење на нашата слузница, бидејќи ја црпат влагата од воздухот. Воздухот што се испушта од клима уредот е посув од оној што претходно бил вовлечен.

Покрај тоа, кога е студено многу делови од нашето тело се помалку снабдени со крв. Тоа го вклучува и носот. За време на студената сезона, нашите имунолошки клетки не се доволно способни да им објават војна на натрапниците и успешно да ги блокираат. Кога е студено, нашиот имунолошки систем е соочен со особени предизвици.

Жените се соочени со поголема веројатност од мрзнење отколку мажитеФотографија: Blend Images/Bildagentur-online/picture alliance

Вирусите сакаат ниски температури

Доколку температурите паднат под 19 степени, се зголемува ризикот од инфекции и настинки. Зголемен ризик од инфекција постои особено кај постарите луѓе, луѓето со низок крвен притисок и оние кои се движат недоволно. Според Светската здравствена организација (СЗО), пониските собни температури се поврзани со поголема подложност на настинка и други респираторни заболувања, на пример на луѓето кои имаат астма.

Особено во затворени простории, патогените микроорганизми лебдат во воздухот и таму можат лесно да се акумулираат. На отворено, пак, ги разнесува воздухот. Ризик од инфекција на свеж воздух постои само ако разговарате со некој што стои спроти вас и ги вдишувате вирусите од воздухот што лицето наспроти вас го издишува.

Жените мрзнат побрзо од мажите

Жените се соочени со поголема веројатност од мрзнење отколку мажите. Тоа главно се должи на биолошки причини. Мажите обично имаат многу поголема мускулна маса и тоа нуди одредена заштита од студот. Мускулните клетки создаваат топлина поради тоа што согоруваат калории. Мажите имаат подебела кожа од жените, па женското тело побрзо се лади.

Децата генерално не смрзнуваат така лесно. Од една страна, ова едноставно се должи на тоа што тие обично се движат повеќе од постарите луѓе. Мускулната активност може да го загрее нивното мало тело побрзо од она на возрасен човек, и, на крајот на краиштата, тие често се интензивно ангажирани во игри, па дури и не го чувствуваат студот.

- повеќеКако да разликувате настинка или грип од коронавирус?

Зошто не смрзнуваат Инуитите?

Луѓето кои живеат во студени региони, како што се Инуитите, не смрзнуваат толку лесно како, на пример, Европејците. Ова делумно се должи на генетиката. Жителите се прилагодени на екстремните температури во татковината. За ова се одговорни низа генски мутации. Тие обезбедуваат и променет метаболизам. Како резултат на тоа, Инуитите на Гренланд, на пример, можат ефикасно да ги претворат телесните масти во топлина и добро да ја користат својата исхрана богата со риби. Истражувачите предводени од Матео Фумагали од Империјал Колеџ во Лондон за ова пишуваа уште во 2015 година и студијата ја објавија во списанието Science.

- повеќе: Против настинката со рецепти од „домашната аптека“

Спречување настинки

За жал, повеќето луѓе немаат ваква адаптација. Сепак, не сме целосно на милост и немилост на настинките. Ковид-19 покажа колку се важни хигиенските мерки, како што е редовното миење на рацете. Климата во просторијата исто така може да биде одлучувачка за ризикот од инфекција: Сувиот загреан воздух предизвикува сува слузница, што е добро за вирусите, затоа што тие можат полесно да влезат во телото. Тоа може да се спречи со редовно проветрување.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми