1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Што ја поврзува Турција со Хамас?

Астрид Пранге | Јан Валтер
22 април 2024

Членката на НАТО, Турција, важи за прибежиште за водачи на милитантно-исламистичката организација Хамас. Претседателот Ердоган повторно имаше средба со шефот на Хамас, Ханија.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и лидерот на Хамас, Исмаил Ханија
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и лидерот на Хамас, Исмаил ХанијаФотографија: Murat Cetinmuhurdar/TUR Presidency/Anadolu/picture alliance

Реџеп Таип Ердоган во саботата повторно се сретна со лидерот на Хамас, Исмаил Ханија. Ергодан во таа прилика ги повика Палестинците на единство и се изјасни за примирје во Газа. Според информации на турската државна телевизија ТРТ, средбата се случила во Истанбул.

Членката на НАТО со години одржува контакти со милитантно-исламистички Палестинци. Според конзервативниот американски тинк-тенк „Фондација за одбрана на демократии“ Хамас не само што добива политичка, туку и финансиска и материјална поддршка од Турција.

„Група на отпорот" контра „терористичка држава"

Хамас од 2007 година го контролира Појасот Газа и тамошните административни структури. Околу 40 држави милитантните исламисти ги категоризираат како терористичка организација, меѓу кои и Израел,  ЕУ и повеќето членки на НАТО,  но не и Турција. Ердоган го осуди големиот напад од 7 октомври минатата година врз Израел, во кој терористи од Хамас убија околу 1200 лица и земаа 240 заложници во Појасот. Истовремено тој палестинската организација ја нарече „група на отпорот“, а Израел, кој е сојузник на НАТО, во повеќе наврати  го нарекува „терористичка држава".

Лидери на Хамас со турски пасоши

Актуелно политичките контакти меѓу Хамас и Турција  се особено интензивни. Неколку дена пред средбата со Ердоган, лидерот на Хамас, Ханија, се сретна со министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, на разговори во Катар. Релациите со турската владејачка партија АКП датираат од пред повеќе од десет години. На почетокот на 2012 година Ердоган, во тоа време премиер на Турција, го покани Ханија, кој стана премиер по засега последните одржани избори во палестинските автономни подрачја во 2006 година.

Турција во меѓувреме важи за сигурно прибежиште за  раководството на Хамас. Во изминатите години земјата им даде турско државјанство на Ханија и други команданти на Хамас, меѓу кои и неговиот заменик Салех Ал Арури, кој беше убиен на почетокот на годинава во напад со дронови во Либан, за кој се верува дека го извеле Израелците.

Турскиот претседател Ердоган во средината на 2023 година беше домаќин на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија и на Фатах, Махмуд АбасФотографија: Mustafa Kamaci/Anadolu Agency via REUTERS

Финансиска помош од Турција

Освен тоа, има бројни индиции дека  Турција игра важна улога  во финансирањето на Хамас. Организацијата според различни истражувања, има банкарски сметки во турски банки, преку кои меѓу другото се одлеваат средства за исламистите од поддржувачи од земји од ЕУ. Според информации на турските медиуми, и турската влада под водство на Ердоган на милитантните исламисти во Газа во 2012 година им ставила на располагање околу 300 милиони долари. Турски невладини организации исто така се сомничат дека собираат донации за Хамас.

Повеќе фирми со седиште во Турција се поврзуваат со Хамас и се санкционирани од страна на американското Министерство за финансии заради поддржување тероризам. Истото важи и за Џихад Јагмур, претставникот на Хамас во Турција, кој наводно собирал донации во Турција. Како што утврди еден суд во САД, Јагмур финансирал терористички напад на Хамас на Западниот Брег во кој во 2015 година беа убиени двајца Израелци со американско државјанство. Кратко по терористичкиот напад од 7 октомври 2023 година, министерството на листата на санкционирани лица заради тероризам, стави уште четворица осомничени поддржувачи на Хамас со место на живеење во Турција.

Плановите на Ердоган со Хамас

Веќе подолго време турскиот претседател се обидува да посредува меѓу раскараните политички крила на Палестинците, имено исламистичката Хамас и лаицистичката Фатах, од чие редови е претседателот на палестинските автономни власти, Махмуд Абас и која го контролира Западниот Брег. Турскиот новинар Фехим Тастекин, кој живее во егзил, во интервју за Втората канал на германската телевизија објаснува дека Ердоган сака Хамас да ја придвижи кон умереност за да ја седне на иста маса со Фатах и на тој начин да ја направи меѓународно прифатлива. „Ако на Турција и` успее да ја трансформира Хамас, тоа значи и дека Хамас ќе се дистанцира од Иран", вели Тастекин. Целта на Ердоган според тоа би можела да биде на тој начин  да го намали влијанието на Иран  во регионот и пошироко, а да го засили влијанието на Турција. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми