НАТО ја засилува одбраната од руските воздушни закани
15 октомври 2025
Министрите за одбрана на НАТО во среда (15.10) ќе расправаат како да ја зајакнат способноста на алијансата да се спротивстави на руските воздушни упади, додека растат стравувањата дека Москва го тестира Западот во сивата зона меѓу војна и мир.
Фокусот ќе биде и на засилување на поддршката за Украина, додека американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет се приклучува на своите 31 колеги од НАТО, а неговиот шеф, претседателот Доналд Трамп, размислува за испорака на ракети со долг дострел за Киев.
Средбата во Брисел доаѓа откако Москва го вознемири НАТО со серија прекршувања на воздушниот простор во Полска и Естонија, што ги зголеми стравувањата од проширување на конфликтот преку границите. Потоа следуваше бран мистериозни дронови кои ја нарушија работата на аеродромите и летаа блиску до воени објекти во низа земји.
Сето ова ги засили стравувањата дека Русија ги тестира границите и ја испитува реакцијата на НАТО.
„На сè повеќе начини, сме во долгорочен и интензивиран конфликт со Русија“, вели еден западен официјален претставник.
Министрите на НАТО ќе се фокусираат на пополнување на празнините на источниот фронт на алијансата, откако беа принудени да користат скапи ракети за да соборат руски дронови во Полска.
„Го правиме она за што сме тренирани, и тоа функционира, но мораме да направиме повеќе“, вели генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
НАТО започна нова мисија и ги засили своите сили по инцидентите, но некои земји блиски до Русија бараат поцврст одговор.
Дипломатите велат дека алијансата се обидува да ги усогласи правилата за ангажман при справување со руските упади и да ги изедначи различните пристапи меѓу земјите членки.
Истовремено, НАТО се стреми да го забрза развојот на подобри способности за борба против дронови и да ја инкорпорира евтината технологија што ја користи Украина во својата одбрана.
ЕУ размислува за „ѕид за дронови“
ЕУ, која ќе одржи своја средба на министрите за одбрана во среда навечер, предложи создавање „ѕид за дронови“ за справување со заканата.
Но, постои скептицизам од земји како Германија за предлогот и стравувања дека блокот од 27 земји може да навлезе во надлежностите на НАТО.
Иницијативата за дронови е еден од неколкуте водечки проекти на кои ЕУ се фокусира како дел од пошироките подготовки за можен конфликт со Москва во наредните години. Пред ссостанокот на НАТО министрите, шефот на НАТО, Руте најави соработка со ЕУ за планот за одбрана од дронови.
ЕУ ќе претстави патоказ за своите планови пред министрите и се надева дека ќе добие одобрување на самитот на лидерите следната недела.
Хегсет, кој во февруари упати остри критики кон НАТО при својата прва посета, се очекува да ги повика сојузниците да го исполнат ветувањето за зголемување на трошоците за одбрана.
Членките на НАТО се согласија на самитот во Хаг во јуни да достигнат 3.5% од БДП за основни воени трошоци до 2035 година.
Томахавки за Украина?
Додека НАТО се справува со заканите кон алијансата, ќе се обиде и да ги засили напорите на Украина за спротивставување на руските напади.
Вашингтон се приближи до Киев, откако Трамп го изгуби трпението со рускиот лидер Владимир Путин поради застојот во мировните напори. Хегсет ќе ги притисне сојузниците да издвојат повеќе средства за иницијативата на Трамп, Европа да плати за американско оружје за Киев.
Досега се договорени зделки вредни околу две милијарди евра, а Вашингтон и Киев сакаат земји како Британија, Франција, Шпанија и Италија да ги отворат своите паричници.
„Оваа програма е од витално значење, и сојузниците мора веднаш да се вклучат и да придонесат за да се изврши притисок врз Русија да седне на преговарачка маса“, рече американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер.
Трамп моментално размислува дали да ѝ дозволи на Украина да добие ракети Томахавк со долг дострел и треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во петок.
Кремљ го предупреди Вашингтон против тој потег, но Трамп можеби ќе биде подготвен да ѝ дозволи на Украина да напаѓа длабоко во Русија за да го притисне Путин кон мир.
„Можноста за длабоки удари може да ја промени пресметката на Путин и да стави многу работи под ризик, вклучително и значајната енергетска инфраструктура во Русија“, рече Витакер.