НАТО молчи за критиките од Вашингтон
19 март 2026
Шефот на НАТО, Марк Руте, ретко може да се види во фармерки и дуксер, како неодамна при посетата намисија на НАТО во Норвешка. Но таму, во висорамнините на Норвешка, илјадници километри оддалечени од Блискиот Исток, тој беше соочен со ситуацијата во Иран. „Ормускиот Теснец мора повторно да биде отворен“, рече Руте, додавајќи дека знае оти многу земји-членки заеднички работат на начин за отворање на трговската рута.
На прашањето како се справува со жестоките критики кон НАТО од Вашингтон, Руте не даде одговор. Тоа и не е изненадување бидејќи Руте важи за човек кој има разбирање за Трамп. Тој од самиот почеток се обидуваше да ја држи Алијансата настрана од конфликтот во Иран. Но, овојпат на веселиот Холанѓанец ќе му биде тешко да ја смири топката во Вашингтон.
Војната со Иран е „голем тест“ за Трамп
„Отсекогаш сум се прашувал дали НАТО ќе биде тука за нас. Ова е одличен тест. Не ни се потребни, но би требало да бидат поддршка“, изјави вчера американскиот претседател Доналд Трамп во присуство на ирскиот премиер Михал Мартин, чија земја не е членка на НАТО.
Војната против Иран во секој случај не е сосема можна без Европејците. Во американската воздухопловна база Рамштајн во германската покраина Рајнланд Пфалц, се координираат нападите, а Велика Британија важи за важна база за американските бомбардери, додека Франција, барем телефонски, има директна врска со Техеран.
Трамп бара поголема инволвираност на Германија
Но, тоа не е доволно за американскиот претседател. Тој ја зема на нишан токму Германија. „Германскиот канцелар рече дека не сака да има никаква врска со војната, но истовремено смета дека е одлично што ги елиминираме“, рече Трамп алудирајќи на режимот во Техеран.
Експлозивната ситуација на Блискиот Исток беше тема на дискусија и во политички Берлин. Во владина изјава канцеларот Мерц јасно стави до знаење дека обезбедување на Ормускиот Теснец може да има дури откако ќе се стави крај на војната.
Што ако се активира клаузулата за меѓусебна помош?
Ова прашање ќе игра улога и на состанокот на шефовите на држави или влади на ЕУ во Брисел. Последиците за европската економија се преголеми, за земјите-членки едноставно немо да ја набљудуваат војната.
Но, земјите не се ни подготвени на вистински ангажман, што стана јасно на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ неделава. Додека високиот претставник на ЕУ, Каја Калас, зборуваше за „коалиција на волни“ или пак за проширување на мисијата „Аспидес“, на крај никој не сакаше да учествува во тоа.
Во седиштето на НАТО во Брисел се разгледува сценариото за тоа што би се случило доколку Доналд Трамп го активира Член 5, клаузулата за меѓусебна помош, од договорот за НАТО. На крајот на краиштата, мета на напади се американски бази, борбени авиони и војници. Мора ли останатите земји во тој случај да поитаат напомош?
Кога двајца се караат, третиот страда?
Веројатно не, гласи претпазливата проценка од НАТО. Прво самиот да нападнеш, а потоа да бараш помош, не е првичната замисла на Членот 5. А, ставот на Алијансата, дека војната во Иран „не е наша војна“ би можел да ѝ се врати како бумеранг.
Трамп веќе играше на картата на Украина и посочи дека ни тоа не е негова војна, па сепак неговиот претходник потрошил милијарди на неа. Кога двајца се караат, третиот страда – така би можело да се опише ситуацијата во Украина. Преговорите и финансирањето од Брисел се во застој, а Русија профитира од високите цени на нафтата.
Европејците се заглавени меѓу две војни на исток и на југ. Двете се војни кои Европа не ги започна, но кои веќе сега драстично го променија континентот.
Авторка: Сабрина Фриц, АРД