1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЕвропа

Столтенберг: Можна е повеќедецениска конфронтација со Русија

СН/агенции
10 февруари 2024

Генералниот секретар на НАТО смета дека Владимир Путин ја подготвува руската економија за долга војна. Земјите на НАТО мора да ја зајакнат својата индустрија за оружје, порача Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО, Јенс СтолтенбергФотографија: Dursun Aydemir/Anadolu/picture alliance

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг смета дека Алијансата мора да се подготви за можноста за повеќедецениска конфронтација со Русија. „НАТО не бара војна со Русија“, изјави Столтенберг за Велт ам Зонтаг. „Но, мораме да се подготвиме за конфликт кој би можел да трае со децении.“

Столтенберг ги повика Европејците да го засилат производството на оружје за да се зголемат испораките за Украина и да ги надополнат сопствените резерви, во интервјуто кое е објавено денеска во германскиот весник.

Брзо производство на оружје

Помалку од една недела пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, на 15 и 16 февруари, Столтенберг рече: „Мораме побрзо да ја обновиме и развиеме нашата индустриска база со цел да ги зголемиме испораките за Украина и да ги надополниме сопствените резерви“.

Производството на оружје и муниција во земјите од НАТО, мора да се зајакне, порача Јенс СтолтенбергФотографија: Morris MacMatzen/Getty Images

„Ова значи дека е неопходно да се премине од мирнодопско бавно производство на брзо производство во време на конфликт“, изјави Столтенберг за германскиот весник Велт ам Зонтаг.

„Не постои непосредна воена закана против (НАТО) сојузниците. Во исто време, Кремљ редовно им се заканува на земјите од НАТО“, нагласи Столтенберг.

Путин ја подготвува Русија за долга војна

Нагласувајќи дека руската инвазија на Украина пред речиси две години покажа дека „мирот во Европа не подразбира сам по себе“, Столтенберг ја истакна важноста од заштита на земјите од Алијансата.

„Сѐ додека инвестираме во нашата безбедност и останеме обединети, ќе продолжиме да ја одвраќаме агресијата“, рече тој.

Генералниот секретар на НАТО предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин ја подготвува економијата на својата земја за долга војна во Украина. „Бидејќи Русија ја насочува целата своја економија кон војна, ние, исто така, мораме да направиме повеќе за нашата безбедност.“

Западот има средства да ја надмине Русија и во производство и во инвестиции. Меѓутоа, ако НАТО не го следи чекорот, Путин ќе има корист. Тоа би ја загрозила безбедноста на Европа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми