НАТО за преговорите за Украина: И оптимистот Руте разочаран
4 декември 2025
Шефот на НАТО, Марк Руте, испраќа јасен сигнал до Москва. Русија ја продолжува својата брутална војна против Украина, напаѓајќи го населението и критичната инфраструктура, особено сега, пред зимата.
Министрите на НАТО бараат зголемување на трошоците за одбрана
Државите на НАТО се исто така загрозени од хибридни напади, и затоа заедницата мора да троши повеќе за својата одбрана, гласи исходот од вчерашниот (3.12) состанок на министрите за надворешни работи на НАТО.
Тој се одржа еден ден по разговорите меѓу американските и руските преговарачи во Москва.
Расположението во НАТО по овие разговори може да се опише како отрезнувачко. Дури и шефот на НАТО, познат по својот непоколеблив оптимизам, гледа мал напредок:
„Синоќа беше важно, но ќе има понатамошни чекори, иако нема да го оценувам секој меѓучекор“.
„Нема сериозна волја од руска страна“
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изрази сличен став. Иако ја пофали американската иницијатива за разговори, тој рече дека „не гледа сериозна волја од руска страна да влезе во преговарачки процес“.
Во текот на ноќта, Американците и Русите преговараа повеќе од пет часа за евентуално завршување на војната во Украина. Потоа, разговорите беа опишани како „продуктивни“, но остануваат значајни пречки на патот кон мирот. На пример, кои територии Украина би морала да ѝ ги отстапи на Русија.
Украина и потенцијалното членство во НАТО како клучни точки
Дали и кога овие пречки можат да се надминат во моментов е целосно отворено прашање.
Можеби најдобрата вест е дека разговорите ќе продолжат. Според извори во Москва, се воделе и дискусии во врска со потенцијалното членство на Украина во НАТО, кое Русија сака засекогаш да го исклучи.
Нови санкции и понатамошна помош за Украина
Брз крај на војната не е на повидок, и затоа земјите-членки на НАТО се држат до двете алатки што им се на располагање: нови санкции против Русија и понатамошна поддршка за Украина.
Сега има толку многу програми за помош што е тешко да се направи преглед. Еден многу успешен инструмент е иницијативата ПУРЛ („Приоритетна листа на барања за Украина“).
Според оваа програма, Украина нарачува оружје што ѝ е потребно од САД, а Европејците го финансираат купувањето.
Дипломатите во Брисел го споредија процесот со нарачување пакет од Амазон. Полска, Норвешка и Германија сега заеднички придонесуваат со уште 500 милиони евра во оваа програма. Холандија и Велика Британија, исто така, дадоа ветувања во вредност од милиони.
Дискусијата за дополнителни милијарди продолжува
Но, ако војната продолжи, на Украина ќе ѝ бидат потребни над 100 милијарди евра за следните две години. Од каде треба да дојдат овие пари во моментов е предмет на жестока дебата меѓу европските партнери.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, презентираше два модели. План А – земјите-членки преземаат заеднички долг. План Б вклучува руски замрзнати финансиски средства што се чуваат во Белгија.
Сепак, белгискиот министер за надворешни работи уште еднаш издаде силно предупредување против овој чекор:
„Секогаш сме велеле: замрзнатите средства се најлошото решение – тоа е опасно и никогаш порано не е направено“, предупреди Максим Прево.
Конечната одлука ќе ја донесат европските шефови на држави или влади на нивниот следен состанок во Брисел.
Авторка: Сабрина Фриц, АРД