1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаГлобално

Како да се ослободите од зависноста од смартфоните

18 октомври 2025

Ослободувањето од зависноста од паметни телефони има многу придобивки за менталното и физичкото здравје. Но, како да го направите тоа? Научните истражувања нудат конкретни упатства.

Жена со мобилен телефон во рацете
Зависноста од смартфоните станува сè пораспространета и предизвикува здравствени проблемиФотографија: Imago/AFLO

Секојдневно поминуваме 4 часа и 37 минути на нашите телефони, проверувајќи ги во просек околу 58 пати. Си велиме дека тоа е поради дружење, работа или читање вести. Но, повеќето од нас се зависни – и свесни сме за тоа.

Зависноста од смартфоните станува сè пораспространета, што го потврдуваат бројни истражувања спроведени во различни земји и меѓу сите возрасни групи. Во едно истражување во САД, дури 57% од испитаниците признале дека се зависни од своите уреди.

Тука можете да тестирате дали сте зависни од смартфон.

Здравствени последици: од несоница до анксиозност

Зависноста од телефони се поврзува со бројни здравствени проблеми: нарушувања на спиењето, замор на очите, болки во вратот и грбот. Исто така, може да придонесе кон депресија, анксиозност, чувство на осаменост и проблеми со вниманието и помнењето – особено кај адолесцентите.

Истражувањата покажуваат дека луѓето зависни од паметни телефони често брзо стануваат нетрпеливи, почесто се социјално изолирани и имаат чувство на изгубеност кога телефонот не им е при рака.

„Постојат докази дека проблематичната употреба на паметни телефони негативно влијае врз живототна многу луѓе. Постојат врски помеѓу таквата употреба и симптоми на нарушено ментално здравје, како што се депресија и анксиозност“, вели Захир Хусеин, социолог од Универзитетот Нотингем Трент во Обединетото Кралство.

Зависноста може истовремено да биде и причина и последица на ментални проблеми. Токму затоа, нејзиното надминување може да помогне и во решавањето на други проблеми.

„Тешко е да се каже дали зависноста од паметен телефон предизвикува ментални потешкотии – или тие довеле до зависност“, вели Хусеин. „Затоа е важно да се разбере зошто некој воопшто станал зависен“.

Зависност без супстанца – како коцкање или видео игри

Зависноста од паметни телефони ги има сите карактеристики на зависност – вклучувајќи желба, навика и симптоми на одвикнување. Слична е на коцкањето или зависноста од видео-игри, бидејќи не вклучува супстанца, но користи исти механизми на „надградување“.

Апликациите и платформите се дизајнирани да го задржат вниманието на корисниците. Многу луѓе го користат телефонот како начин за бегство од стресни ситуации, како алатка за одвлекување на вниманието од непријатни мисли и чувства.

Луѓето кои сакаат да ја надминат зависноста од паметни телефони можат да се соочат со исто тешка борба, како и оние што сакаат да престанат со пушење — тоа е сериозна битка.

Социјалните мрежи, досадата или секојдневните навики може да ве натераат често да посегнувате по телефонот, а да не сте ни свесни за тоа.

Обидете се со повеќе методи за одвикнување – истовремено

Не постои универзално решение за оваа зависност. На различни луѓе им одговараат различни пристапи. Сето тоа бара сериозна посветеност. Научниот консензус гласи: колку повеќе различни методи се применат истовремено, толку се поголеми шансите долгорочно да се ослободите од зависноста.

Научниците ги препорачуваат следниве стратегии:

  • Отстранете го телефонот од спалната соба или држете го надвор од дофат во текот на ноќта

  • Оставете го телефонот во друга просторија додека работите или учите

  • Вклучете ја опцијата „не вознемирувај“, исклучете звуци и вибрации за известувања

  • Наместете црно-бел екран, тргнете ги апликациите за социјални мрежи од почетниот екран, користете подолги лозинки

  • Инсталирајте апликации за самоконтрола, како Space, Forest, Flipd или Screentime, кои ја ограничуваат употребата и блокираат вознемирувачки содржини

Научни докази: што навистина помага

Едно клиничко испитување тестираше програма во десет чекори која комбинира повеќе пристапи. Програмата користеше благи поттикнувачи за да ја намали привлечноста на телефонот и бројот на сигнали што предизвикуваат импулсивно користење.

„Целта на тие чекори беше користењето на телефонот да стане помалку пријатно, да се додаде мала пречка и да се намали бројот на сигнали кои нè тераат постојано да го земаме телефонот. Идејата беше да се намали проблематичната употреба – без да се потпираме исклучиво на сила на волја“, објаснува Џеј Олсон, психолог специјализиран за зависности од Универзитетот во Торонто.

Програмата се покажа ефикасна на краток рок: учесниците значително ја намалиле употребата на телефонот во рок од шест недели.

Меѓутоа, Олсон предупредува: „Немаме доволно податоци за тоа кои методи остануваат ефикасни долгорочно“.

Други истражувања покажаа дека физичката активност, особено кај младите, значително ја намалува зависноста. Спортот и вежбањето не само што го одвлекуваат вниманието од телефонот, туку и го намалуваат чувството на осаменост, анксиозност и стрес. Захир Хусеин ја истакнува и важноста на престојот во природа.

Кога да побарате помош

Ако чувствувате дека употребата на паметниот телефон негативно влијае врз вашето ментално здравје, односите со другите или секојдневниот живот, можеби е време да побарате стручна помош.

„Се покажа дека одредени терапии се многу ефикасни – како терапиите фокусирани на свесност и когнитивно-бихејвиоралната терапија“, вели Олсон.

Терапиите со разговор нудат конкретни чекори за прекинување на обрасците на однесување и редефинирање на односот со телефонот. Тие помагаат да се идентификуваат причините за зависноста и да се соочите со нив на подлабоко ниво.

 

Германија: Треба ли да се забранат смартфони во училиштата?

00:59

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми