Можете да ја гледате малата слика полна со минијатури (како портретите на Јоханес Вермер) или голема слика со напрегнати елементи (како пејсажите на Вилијам Тарнер) и некакви заклучоци ќе се појават кога размислувате што значи сето тоа. Македонската јавност (а особено владејачката гарнитура) последниве недели се најде во вител што да мисли откако се појави бомбастичната информација на „Политико“ дека ЕУ ќе одреди целни „патокази“ за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија. И потоа најавата дека еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на 28 октомври ќе ги одреди временските рамки кога треба да завршат преговорите со овие четири земји (но не и датумот за приклучување).
Патоказите ќе разјаснат точно што се очекува од секоја земја-кандидат, ќе се поставуваат приближни датуми за тоа кога групите реформи, познати како преговарачки „кластери“, ќе бидат формално завршени. За жал, Северна Македонија не е меѓу нив. Функционери од ЕУ велат за „Политико“ дека во оваа фаза од процесот на С. Македонија, Босна и Херцеговина и Косово нема да им бидат понудени патокази. Ниту на Грузија, Турција или Србија, чии апликации запреа поради загриженост за демократско и судско назадување.
Македонската владејачка структура изгледа дека може да повторува по илјада пати – ЕУ да, но не по секоја цена – да бара предвидливост, временска одреденост, исклучување на билатералните несогласувања или блокади, но, барем засега, нема да ја променат ниту сликата на Вермер ниту на Тарнер.
Бомбастичноста на информацијата дека Грција ќе ѝ ги предаде на Бугарија останките на царот Самоил беше уште поизвонредна. Тоа беше како силен гром кој дошол од никаде, кога од ведрото небо пече сонце. Ќе ги оставиме настрана реакциите на овдешните (а и на бугарските) историчари што бил Самоил на крајот од десеттиот и почетокот на единаесеттиот век, како се викало неговото големо царство; дали посмртните останки ископани во базиликата на островот Свети Ахил во Малото Преспанско Езеро се навистина негови (со каква ДНК би се провериле)? Митологијата многу често прераснува во стварност, која потоа се претвора во политика.
Може да изгледа поважно како премиерите Румен Радев и Киријакос Мицотакис неочекувано ја договориле „зделката“ Бугарија да отстапи 48 реликвии од манастири во Северна Грција однесени од таму за време на Првата светска војна во 1917 година за останките на Самоил. И дали тоа навистина изгледа како двата соседи да ѝ забиле нож во грб. Како и да се каже, овој договор изгледа многу непријатен за Северна Македонија. За јавноста може да изгледа комплетно неочекувано, неправедно, па дури и предавнички. И да смета дека не е само случајна коинциденција расправата токму во тие денови во грчкиот парламент за учебникот по македонски јазик за шесто одделение. Можеби е коинциденција, но поверојатно е дека не е. Имплементацијата на Преспанскиот договор е замрзната и од македонска и од грчка страна. Па Атина извади на маса, т.е. од Музејот на византиската култура во Солун нешто што боли многу.
Разговори уште од времето на Тодор Живков
Разговорите за зделката меѓу Румен Радев и Киријакос Мицотакис не се ни од сега, ни од пред пет години, ни од пред десет. Тие траат 50 години. Бугарија уште во времето на Тодор Живков била упорна да ги добие останките што ги откри професорот Николаос Муцопулос во 1965 година. Останките на Самоил (владееше од 997 до 1014), заедно со другиот антрополошки материјал беше пронајден во вкупно четири саркофази во внатрешноста на базиликата. Дали македонските дипломати (а и други луѓе) знаеле за овие преговори е прашање на кое би требало да се одговори. Дали кога Никола Димитров и Никос Коѕијас преговараа за Преспанскиот договор го споменале тоа во нивните разговори исто би било пожелно да се знае. Некои од одговорите би ги потенцирале деталите од големата слика (ала Тарнер).
Новинарот на атински „Катимерини“, извонреден познавач на балканските прилики, Ставрос Ѕимас, во јуни, на осумгодишнината од Преспанскиот договор, напиша дека „двете страни не покажуваат подготвеност да го спроведат договорот. Ако некој сакаше да дели профит, Атина ‘доби’ регистрација на сложеното име – Северна Македонија – во меѓународните организации, со што го прекина дипломатскиот ќор-сокак што водеше до него со години, а Македонија пристапувањето во НАТО со новото име. Оттогаш, националистичките лидери на ВМРО-ДПМНЕ, кои дојдоа на власт по падот на социјалдемократската влада на Заев, која го потпиша договорот, систематски се вклучија во напорите да го поткопаат, а Грција, како ‘одговор’, инсистира да не се гласа во парламентот за трите меморандуми што ги предвиде Преспанскиот договор.
Како што стојат работите, иднината на договорот е нејасна, но се чини дека ниту една страна не е загрижена. Северна Македонија има главна цел, по НАТО, да се приклучи на ЕУ, што е невозможно без согласност на Атина. Во моментов, грчката страна нема причина да троши дипломатски капитал за да го принуди Скопје да ги исполни своите обврски ‘под казна за вето’. Бугарија е застаната на патот за пристапување и ја блокира со вето, барајќи уставно признавање на нејзиното малцинство во Северна Македонија“.
Што знаеме за преговорите меѓу Софија и Атина за размената на останките и реликвиите? Со мала помош на Ѕимас вака оди реконструкцијата на настаните.
Враќањето на реликвиите, кои бугарските трупи ги одзедоа од манастирите во Северна Грција за време на Првата светска војна, беше постојана тема на петте средби одржани меѓу 1975 и 1980 година помеѓу премиерот Константинос Караманлис и бугарскиот комунистички лидер Тодор Живков. Двајцата лидери имаа силни пријателски односи, но околностите и ригидниот режим во Софија не одеа во прилог на успешен исход од разговорите. Тие продолжија и во посткомунистичкиот период, главно зад сцената, но без резултат, иако двете страни ја истакнуваа својата добра волја. Немаше грчки претседател или премиер што не го покренал прашањето за враќање на реликвиите на средбите со своите бугарски колеги – дури и Вселенскиот патријарх Вартоломеј имаше интервенирано во врска со тоа.
Еврипидис Стилијанидис, кој како заменик-министер за надворешни работи во владата на Костас Караманлис се занимаваше со ова прашање, во 2014 година изјави за „Катимерини“: „Во периодот 2004–2005 година, по налог на тогашниот премиер Костас Караманлис, се сретнав во Солун со Никос Муцопулос, кој ми кажа дека ги пронашол останките на Самоил и дека ги нуди за да можеме да преговараме за враќање на реликвиите. Го известив премиерот и прашањето беше вклучено во билатералната агенда. Костас Караманлис разговараше за тоа со тогашниот бугарски премиер Симеон, кој имаше позитивен став, исто како и неговиот наследник Станишев. За размената се разговараше и на средбите меѓу Каролос Папуљас и неговиот колега Георги Прванов, исто така во позитивна атмосфера. И покрај позитивниот почеток, по 2009 година, прашањето заглави“.
Плановите на Бугарите за 2014
Темата повторно стана актуелна во 2014-тата, кога Бугарите помпезно ја одбележуваа илјадагодишнината од смртта на цар Самоил во 1014 година (6 октомври) и силно посакуваа, како главна атракција, да ги добијат моштите и погребната облека на „таткото на нацијата“, кои се чуваа во Византискиот музеј во Солун, каде што беа пренесени од... таванот на куќата на Муцопулос, од безбедносни причини.
За нешто да дадеш треба и да добиеш, па за грчката страна ова беше добра можност да ги врати реликвиите што беа одземени. Сепак, во Бугарија, црковните, историските и националистичките кругови кои имаа влијание врз политичкото раководство, силно се спротивставуваа на тоа. Тие стравуваа дека враќањето на реликвиите би го побило нивниот наратив – според кој тие наводно биле одземени од манастири на бугарска територија (како што ги сметаа Источна Македонија и Тракија, или барем делови од нив) за да се спасат од Грците – а исто така би ги вовлекло во прашања со меѓународни институции.
Преговорите траеја повеќе од десет години, а завршницата се случи на самитот на НАТО во Кардиф, Велс, на 4 и 5 декември 2014 година. Таму, на маргините на конференцијата, тогашниот премиер Андонис Самарас официјално го извести бугарскиот претседател Росен Плевнелиев за одлуката на Атина сепак да не ги отстапи посмртните останки на Самоил.
„Бугарите ги издигнаа на национално ниво настаните планирани за октомври во чест на ‘историскиот водач' на нивната нација, очекувајќи дека присуството на останките во Софија ќе го воздигне духот и ќе ги разгори националните чувства. Истовремено, големиот цар Самоил, по своето враќање, би почивал засекогаш во ‘костурницата' на бугарската нација, со што би се ставил конечен крај на спорот околу тоа чиј е тој.
Она што, се чини, ја разлутило грчката страна бил планот за организирање големо официјално поклоничко патување, придружено со паради, до црквата ‘Свети Ахил' во Преспа. Според извештаите во бугарскиот печат, државниот врв – од претседателот и премиерот до патријархот – требало да отпатува за Преспа со хеликоптер, додека илјадници други Бугари би се упатиле таму по копнен пат. Истовремено, планирале да постават надгробна плоча, дрвени крстови, па дури и биста (според некои извори) на местото каде што Муцопулос ги пронашол коските – за кои тој тврди, а бугарските историчари и археолози се согласуваат, дека му припаѓаат на Самоил – при што би се одржале помени, пригодни говори и други свечености.
Барањата упатени до грчката страна, покрај враќањето на моштите и плаштеницата на Самоил, вклучуваа и дозвола за патријархот Неофит да отслужи помен на гробот на цар Самоил на островот во Мала Преспа“, објаснува Ѕимас.
Откако Атина ги одби за коските, а во обид во последен момент да го спасат празничниот карактер на годишнината, Бугарите побараа – само за време на празниците – да ја позајмат барем плаштеницата на Самоил, но и тоа не беше прифатено. Извори од грчката влада тогаш изјавија за „Катимерини“ дека Атина „со должна одговорност“ го разгледала барањето на бугарската страна за позајмување на „остатокот од погребна облека“ поради тоа што „овој предмет е исклучително кревок и поради тоа е повлечен од изложбата во Музејот на византиската култура во Солун, со цел негова заштита и понатамошно темелно научно испитување“. И бугарското барање беше одбиено.
Ѕимас го поставува прашањето дали тогаш се работеше само за лошата состојба на „погребната облека“ или пак, како што се дискутираше во дипломатските кулоари, беа вклучени и прашања поврзани со балканските духови од минатото и етничката инструментализација на историјата? И во Атина со сомнеж гледаа на обидите за оживување на националистичките визии на грчка територија.
Коските и плаштеницата на Самоил не отпатуваа во Софија, но некаде во тој период пристигнаа во Солун и таму им беше оддадена почит од претседателот Росен Плевнелиев, во својство на претставник на бугарската нација.
Ние не знаеме како било возможно преговорите меѓу Радев и Мицотакис од мај годинава да добијат ракетна брзина и она за што не можеле да се договарат Софија и Атина 50 години да се реши за пет месеци. Преговорите ќе продолжат бидејќи постојат и други историски предмети од интерес за двете страни. Според информациите на „Катимерини“, договорот за размена не го опфаќа платното од сино кадифе, пронајдено заедно со останките, на кое е прикажан грбот на цар Самоил. Од своја страна, Грција бара и византиски ракописи од Бугарија, кои се чуваат во Бугарската академија на науките и не се под надлежност на бугарското Министерство за култура.
Што ни останува нам? Да тврдиме дека Самоил не бил Бугарин, туку прв македонски владетел? Да ја доведуваме под прашање веројатноста дека коските не се навистина на Самоил? Можеби не се. А можеби и се. Можеме да ги прашаме и македонските дипломати (а и други важни луѓе) дали знаеле дека течат вакви преговори, чиј резултат е навистина непријатен за македонската држава. Површно да го прочитаме ставот на владата дека „станува збор за билатерален договор меѓу две суверени држави. Ние знаеме кои сме и ја знаеме сопствената историја“. Тоа е тоа.
Индикаторите на Мицкоски и најавата на Бернам
Премиерот Христијан Мицкоски, видно изненаден од веста за патоказите за четирите земји кандидати за членство во ЕУ (меѓу кои не е С. Македонија) порача дека тој нема информации дека С. Македонија нема да добие патоказ за пристапување кон ЕУ, упатувајќи ги новинарите за тоа да го прашаат „Политико“. Тој тврдеше дека пишувањата на медиумот се нелогични кога С. Македонија како земја во два извештајни периоди добива највисоки оценки за реформите. „Затоа треба да видиме дали е така или не е. Моите информации велат дека не е така“, рече Мицкоски. Но неговите информации не биле точни, туку точни биле оние на „Политико“. Или пак Мицкоски сакаше да го облажи лошиот вкус во устата за него, за неговата влада, а и за македонската јавност. Тој и натаму само гледа како на другите им закачуваат медали на градите и не знае што да направи.
Па македонскиот ќор-сокак на патот кон ЕУ тој ги спомена победите на крајно десничарската Алтернатива за Германија во две германски покраини, па дека во Франција се очекува следната пролет на претседателските избори да победи екстремната десничарка Марин ле Пен. „Сите тие се антимигрантски и против проширувањето на ЕУ. Така што ова е некаков индикатор врз основа на кој ќе треба да ги градиме политиките во периодот што следи“, рече тој.
Хм. Ова е индикатор дека нема потреба да правиме уставни жртви кога и така нема да има проширување на ЕУ. Така би му се симнал голем товар од неговите рамена. Нема ЕУ, нема контрола, пари ќе можат да се добиваат преку кредити, а не како бесповратни средства. Економијата и така оди со балистичка брзина.
Неверојатно, но британскиот премиер Енди Бернам не ги разгледал овие индикатори, па ја отвори вратата за повторно пристапување на Обединетото Кралство кон ЕУ. И тоа токму кога крајните десничари се во подем меѓу земјите на ЕУ. А Британија ќе треба да преговара за враќање во членство. Бернам изјави дека Британија би можела да оди „до крај“, додека се подготвува да ги преиспита „црвените линии“ на Лабуристичката партија во однос на периодот по „Брегзит“.
Премиерот искористи серија интервјуа по неговиот емотивен говор на конференцијата на лабуристите на крајот од септември за да појасни колку опсежно би можело да биде разгледувањето на иднината на Британија во однос на Брисел, со оглед на тоа што „Брегзит" предизвикал „повеќе штета отколку корист“.
На прашањето дали сака Обединетото Кралство повторно да му се придружи на блокот, премиерот за емисија на Би-Би-Си Радио 4 изјави дека сака да ги „разгледа опциите“. Тој додаде: „Можеме да останеме како што сме сега. Тоа дефинитивно е опција, доколку луѓето сметаат дека тоа е вистинската позиција. Можеме да ја разгледаме царинската унија, можеме да се приклучиме на единствениот пазар, или пак можеме да одиме до крај“. До повторно членство.
Како британскиот премиер го промени ставот
Како кандидат на дополнителните избори во Мејкерфилд, кои го вратија во парламентот за да може да стане лидер на партијата, а потоа и премиер, Бернам вети дека нема повторно да ги отвора дебатите за „Брегзит“ и изјави дека „не предлага Обединетото Кралство да размислува за повторно зачленување во ЕУ“.
Чуден овој британски премиер. Го променил ставот за само неколку месеци кога виде колкава штета има Британија кога е надвор од економските текови. Во емисијата тој рече дека сака да биде јасен во однос на тоа „во која насока сакаме да се движи Британија во наредната деценија“.
Британските медиуми пишуваат дека високи претставници од Даунинг стрит стапуваат во контакт со тинк-тенк организации и агенции за испитување на јавното мислење, со цел да ја проверат поддршката од јавноста за повторно зачленување на Обединетото Кралство во ЕУ. Соработниците на Енди Бернам разговараат со експерти за ЕУ од различни организации за тоа како јавноста би гледала на ветувањето за повторно зачленување, додека расте поддршката за вклучување на таква заложба во следната изборна програма на Лабуристичката партија.
Коментарите на Бернам предизвикаа радост кај застапниците за членство во ЕУ, кои тврдат дека повторното зачленување е најдобриот начин за поттикнување на стапките на економски раст на Обединетото Кралство, но и гнев кај политичките противници.
Проевропската кампањска група „Best for Britain“ објави резултати од големо истражување спроведено од „YouGov“, кои сугерираат дека Лабуристичката партија би можела повеќе од двојно да го зголеми бројот на пратенички места доколку на следните избори настапи со ветување за повторно зачленување во Унијата.
Тоа се идникаторите по кои се води Енди Бернам кога бомбастично најави дека ги разгледува сите опции за иднината – вклучително и враќање во ЕУ. Она што него го води е економскиот раст. И да влијае врз политиките на блокот со кого се одвива главната трговија. Навистина, чуден овој британски премиер – размислува за иднината.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.
