1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нѐ чека јаглеродна такса, Македонија „ограничено подготвена“

11 ноември 2024

Она што ни недостасува е систем преку кој треба да се докаже потеклото на електричната енергија - дали е од јаглен, гас или од обновливи извори на енергија, велат од Министерството за енергетика.

Македонија ќе треба да плаќа такса на јаглероден диоксид од 70 до 80 евра од мегават час, ако произведува електрична енергија од јаглен
Македонија ќе треба да плаќа такса на јаглероден диоксид од 70 до 80 евра од мегават час, ако произведува електрична енергија од јагленФотографија: DW/Petr Stojanovski

Ограничена е подготвеноста на Македонија, а останува малку време за исполнување на условите до први јануари 2026 година, кога Македонија ќе треба да плаќа такса од 70 до 80 евра од мегават час, ако произведува електрична енергија од јаглен, но и други производи чие производство е поврзано со високи емисии на јаглерод диоксид (CO2). Во прашање е механизмот за јаглеродно гранично прилагодување - СВАМ (Carbon Border Adjustment Mechanism (2023/956) кој опфаќа шест категории производи - железо и челик, алуминиум, водород, ѓубрива, цемент и електрична енергија, произведени во трети земји кои треба да се увезат во земја членка на ЕУ. Целта на мерката е да се обезбеди еднаков надоместок за јаглеродните емисии на слични производи, без разлика дали се произведени во земја-членка или трета земја.

Од македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), објаснуваат дека механизмот е во комплементарност со Системот за тргување со емисии на ЕУ, кој се користи за наплата на емисиите на стакленички гасови во постројките на територијата на ЕУ и обезбедува рамноправност при увоз на стоки преку потребата за СВАМ сертификати.

На овој план подготвеноста на Македонија и земјите од Западан Балкан е ограничена, а останува малку време за исполнување на условите, велат од Министерството.

„Кога се увезуваат стоки опфатени со регулативата на СВАМ, важно е да се поседуваат соодветни податоци за емисиите на стакленички гасови за да може увозникот да ја процени потрбата за СВАМ сертификати. Повисок степен на декарбонизација подразбира намалување на емисиите на стакленички гасови и затоа количината на серификати СВАМ потребни за увоз на одреден производ на пазарот на ЕУ е помала. Земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, се меѓу најпогодените бидејќи нивната подготвеност за усогласување со регулативата е ограничена. За жал, во изминативе години многу малку се правеше за обезбедување на потребните услови, а сега останува малку време за целосно исполнување на условите до први јануари 2026 година", велат од МЕРМС.

Товар за извозниците, удар врз конкурентноста

Во таква ситуација, клучно прашање е  - како таа такса ќе влијае врз конкурентноста на македонската економија и врз македонскиот извоз во ЕУ?

„Влијанието на CBAM врз конкурентноста на македонската економија зависи од брзината и успешноста на адаптирање на компаниите. Новиот надоместок може привремено да го зголеми финансискиот товар на извозниците, особено за компании кои немаат капацитети за обновлива енергија. Ова би можело да го направи македонскиот извоз помалку конкурентен во ЕУ, но со соодветна поддршка и подготовка, ќе може да се минимизира негативниот ефект", велат од МЕРМС. 

РЕК БитолаФотографија: Nord-Mazedonien Regierung

Оттаму тврдат дека таксата нема да се одрази на домашната потрошувачка на електрична енергија.

„СВАМ ќе се однесува само на делот од електричната енергија која е произведена од фосилни горива и која ќе биде извезена во земји – членки на ЕУ. Домашната потрошувачка на електрична енергија нема да биде засегната од СВАМ. Сепак, потребен е систем за докажување на потеклото на електричната енергија  и тоа е она што нам ни недостасува – систем преку кој треба да се докаже потеклото на електричната енергија, дали е од јаглен, од гас или од обновливи извори на енергија (ОИЕ)", објаснуваат од Министерството.

Засегнатите компании ги интересира дали постои можност давачката да се избегне или да се одложи, односно дали се водат разговори за тоа меѓу домашните надлежни институции со претставници на ЕУ, вклучително и за одредена финансиска помош во таа насока?

„За да се избегне CBAM, компаниите треба да докажат дека користат електрична енергија од обновливи извори“, објаснуваат од МЕРМС. „Воведувањето на CBAM ги поттикна компаниите да инвестираат во обновливи извори, а некои веќе поседуваат свои капацитети од обновлива енергија или планираат набавка на таква енергија, што може да ја елиминира потребата за надоместок. Најавата за воведување на ваквиот данок е и една од причините што имаме таков бум на капацитети од ОИЕ. Доколку биде изграден систем преку кој ќе може да се докаже дека потеклото на електричната енергија која се користи во производството е од обновливи извори на енергија, тогаш нема да се плаќа овој данок“, објаснуваат од Минстерството.

Привремен исклучок, под два услова

Во регулативата за CBAM механизмот бил наведен привремен исклучок од обврската за плаќање надоместок, само при извоз на електрична енергија во земја-членка на ЕУ, но за земјава да подлежи на тој исклучок треба да бидат исполнети два услови.

„Прво, да постигнеме целосно спојување на пазарите за електрична енергија и тоа за пазарот ден однапред и во тековниот ден, најдоцна до 31 декември 2025 година. Второ, да развиеме патоказ и да се обврземе на имплементација на механизам за наплата на јаглероден надоместок, со цена која ќе е еквивалентна на ЕУ ЕТС цената до 2030 година и да се заложиме за постигнување јаглеродна неутралност најдоцна до 2050 година“, ги објаснуваат од МЕРСМ двата услова.

Притоа, првата обврска е во надлежност на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и оттаму велат дека на неа се работи интензивно. Втората е во надлежност на Министерството за животна средина, и земјата треба интензивно да работи на воспоставување на систем за трговија со емисии, поточно првично за воведување на МRVA пакетот (monitoring, reporting, verification and accreditation) кој е дел од Директивата за ЕУ ЕТС 2003/87/ЕЦ.

Новата такса може привремено да го зголеми финансискиот товар на извозниците, особено за компании кои немаат капацитети за обновлива енергија.Фотографија: Stelian Porojnicu/PantherMedia/imago images

Ова јасно ги исцртува обврските што сега претстојат, а тие не се малку. Од МЕРМС велат дека работат на прeдлог-законот за енергетика, а се предвидуваат активности и од МЕМО и МЕПСО за поврзување на пазарите. Потоа треба да уследи донесување подзаконски акти и соодветни активности од страна на МЕМО и МЕПСО, со цел да се спои пазарот ден-однапред, како и да се воспостави пазар во тековниот ден, кој понатаму треба да се спои со европските пазари во тековен ден. Во меѓувреме, Министерството за животна средина ќе треба да воведе систем за трговија со емисии, согласно со директивата на ЕУ ЕТС. Потребна е и дополнителна администрација за мониторинг, известување и акредитација. А за да профункционира системот за следење и наплата на емисиите, неопходно е градење на административните капацитети, вработување на соодветен кадар во Министерство за животна средина и просторно планирање кој ќе работи на имплементација на овој систем и соодветно на обука. Откако овој систем ќе се воспостави, ќе може да се воспостави соодветна наплата на јаглероден надоместок.

На хартија многу, во пракса малку

Граѓански организациии кои ја следат оваа сфера констатираат дека во пракса не виделе напори за процесот на декарбонизација.

„На хартија има стратегии, планови, програми - што, како и кога треба да се реализира - но во пракса ништо од тоа го нема", велат од „O2 Иницијатива".

Ја посочуваат домашната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, донесена на крајот од 2019 година, каде се наведува дека според Сценариото за умерена транзиција и во Зеленото сценарио, критична година е 2025, кога постојните електроцентрали на лигнит ќе престанат со работа, зошто користењето на јаглен по 2025 година ќе биде неисплатливо. Според Националниот план за енергија и клима објавен јануари 2023 година, за 2025 година од вкупниот инсталиран капацитет на обновливи извори на енергија (ОИЕ), на хидроцентрали треба да отпаѓа 52%, а на фотонапонските електрoцентрали 36%. Учеството на ОИЕ во инсталираниот капацитет за производство на електрична енергија во 2030 година треба да достигне над 85%. 

„За споредба, според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика за 2023 година, термоелектраните учествувале со 39.28% од вкупниот инсталиран капацитет и 46.27% од производството на електрична енергија, хидроцентралите со 23.39% од вкупниот инсталиран капацитет и 21.08% од производството на електрична енергија, фотоелектраните со 19.22% од вкупниот инсталиран капацитет, но со само 4.55% од производството на електрична енергија, гасната централа ТЕ-ТО со 8.62% од вкупниот инсталиран капацитет, но со 19.95% од производството на електрична енергија, а малите хидроцентрали со 3.94% од вкупниот инсталиран капацитет и 4.07% од производството на електрична енергија“, посочуваат од „O2 Иницијатива".  

Од друга страна, во Програмата за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката 2021-2025 година, донесена во март 2021, во акцискиот план во делот на Декарбонизација, како мерки се наведени изградба на Чебрен, со 2024 година како почеток, а 2029 крај на изградбата, потоа изградба на Вардарска долина, каде до крајот на 2023 година треба да започне почеток на конструкција на мали хидроцентрали (Бабуна, Градско, Дуброво, Згрополци), но неговата реализација е поврзана со преместување на железничката линија Скопје-Солун, претворање на една единица на ТЕ Битола на природен гас и претворање на ТЕЦ Неготино на природен гас до 2025 година, итн.

„Од ова ништо не е реализирано. Но затоа ја имаме изјавата на сегашниот министер за животна средина и потпретседател на Владата, Изет Меџити, од септември годинава во Вашингтон, дека државава ќе употребува јаглен за енергетски потреби до 2050 година", велат од оваа граѓанска организација.  

Планираната изградба на хидроцентрали во ќорсокак?Фотографија: Dieh Sacramento/dpa/picture alliance

Еден вид климатска репарација

Финансиите се голем фактор во реализацијата на проектите на декарбонизација, но од О2 Иницијатива потенцираат дека мора да се има предвид историското учество на земјите во создавањето на проблемот со зголемени CO2 емисии со кој се соочуваме денес. Историски, до 2021 година, најголем емитер на CO2 е САД со 24.8%, Кина со 14.7%, Русија со 6.9%, Германија со 5.5%, Обединетото Кралство со 4.6%, итн. Според податоците заклучно со 2018 година, земјите на ЕУ историски имаат 22% удел.

„Овие земји се најодговорни во намалување на емисиите на CO2 и потребно е да ги финансираат посиромашните земји кои ги трпат последиците од стакленичкиот ефект, односно климатските промени", велат од организацијата. 

Емисиите на CO2 за 2023 година покажуваат дека земјите на ЕУ се со удел од 6.4% од вкупните емисии на глобално ниво (Германија е со 1.5%), Кина е со 34%, САД со 12%, Индија со 7.6%, а Македонија има само 0.02% удел во вкупните емисии создадени во 2023 година. 

„Оттука произлегува дека е само праведно, ЕУ, кои ја воведуваат еколошката такса и САД, како наш стратешки партнер, кои се одговорни за скоро половина од акумулираните стакленички гасови во атмосферата и главни причинители на климатските промени, да го финансираат нашето декарбонизирање и адаптацијата која е потребно да ја извршиме, како многу ранлива земја на ефектот на климатските промени, како вид на климатска репарација“, велат од О2 Иницијатива.

Потенцираат дека македонската Влада треба да заземе силен став во однос на ова прашање и да бара финансии по основ на климатска правда и климатска репарација.

„Особено што обичниот граѓанин ќе страда, цената на струја ќе се зголеми, конкурентноста на нашите производи ќе се намали и прашање е дали ќе може да го издржиме сето тоа. Ние проблемот не го креиравме, ниту пак може да го решиме со 0.02% удел во емисиите, но тие што го креирале треба да учествуваат во финансирање на бараната декарбонизација“, децидни се од О2 Иницијатива. 

Ова прашање го акцентираат и анализираат и земјите во регионот. Надлежните во Србија порачуваат дека енергетската транзиција е долг и скап процес и неопходно е да се обезбеди пристап до фондовите на ЕУ за да се спроведе на одржлив начин. Едно од можните решенија го гледаат во формирање Регионален фонд на Западен Балкан за праведна транзиција, кој би бил подржан од ЕУ. Во БиХ, која најголемиот дел од електричната енергија го произведува со согорување на јаглен во термоелектраните, стравуваат дека цената на електричната енергија би можела да се зголеми заради таксата што произлегува од СВАМ механизмот и стопанството да стане неконкурентно, а од надворешно-трговската комора проценуваат дека компаниите би можеле да губат годишно повеќе од 250 милиони евра.

Поскапување на струјата: Обичните граѓани ќе страдаат во процесот на декарбонизацијаФотографија: Micha Korb/pressefoto korb/picture alliance

Подземно складирање

Но забелешки има и во членки на ЕУ на сметка на нечленките. Драгомир Стојнев од БСП-Обединета левица, за време на предизборната кампања ја критикуваше политиката на Бугарија да извезува јаглен во Македонија и Србија.

„Таму тие произведуваат енергија која ни ја продаваат назад, а загадуваат без ограничување бидејќи не се земји членки на ЕУ", рече тој на БТВ, и ја повика ЕК да ја преразгледа цената за штетните емисии.  

Во регионот, Романија постигна голем напредок во намалувањето на нејзината зависност од фосилните горива. Ако во 2008 година јагленот сочинувал 39,5 отсто од енергетскиот микс во земјата, во 2023 година, уделот на јагленот бил намален на 13,44 отсто.

Во Грција, пак, на повидок е голем проект: јаглерод диоксидот што го испуштаат големите индустриски претпријатија во земјата и регионот, да биде насочен кон подземно складиште со цел да се обезбеди заштита на животната средина, но и да се избегнат трошоците поврзани со емисиите на стакленички гасови во ЕУ. Според грчката новинска агенција АНА-МПА, овој проект го развива компанијата „Enearth" фирма ќерка на „Energean", со буџет од над 1,1 милијарди евра. Проектот бил поддржан и со 150 милиони евра од Европската комисија во рамки на Механизмот за закрепнување и отпорност. Таа поддршка се однесувала на првата фаза -изградба на капацитет за складирање на 1 милион тони јаглерод диоксид годишно кај Принос, во заливот на Кавала. Во втората фаза било планирано проширување на капацитетот на 3 милиони тони годишно, за што во изминатите денови било поднесено барање за поддршка од уште 150 милиони евра, овојпат од CEF - инструментот на ЕУ за финансирање инфраструктурни инвестиции на европско ниво. „Enearth“ учествувала со проектот во Принос во две европски пилот-програми за складирање јаглерод диоксид, заедно со „Титан“ за складирање на 400 тони, и заедно с „Еlpedison“ за уште 40 тони.

Со овој текст, Дојче веле на македонски јазик се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми