Увоз на гас во ЕУ: Се заканува ли зависност од САД?
17 февруари 2026
Пред едвај пет години, повеќе од половина од гасот што се троши во Европа доаѓаше од Русија, главно преку гасоводи. Но, Москва започна тотална офанзива против Украина, а и во европските престолнини сакаа да увезуваат што е можно помалку од Русија.
Набрзо, како што се верува, украинските саботери го уништија и Северен тек, така што тој гасен пат беше физички затворен.
Но, дали Европа, ослободена од зависноста од гас од Русија, сега влегува во нова зависност? Бидејќи течниот природен гас (ЛНГ) денес засилено пристигнува, а дури 57 проценти од увозот на тој енергетски извор доаѓа од САД. Се проценува дека уделот ќе порасне на 80 отсто до 2030 година.
Патем, САД воопшто не извезуваа гас до 2016 година, а денес се најголемиот извозник на ЛНГ во светот.
Наскоро и преку Грција
Американскиот институт за енергетска економија и финансиска анализа (ИЕЕФА), кој се залага за транзиција кон обновливи извори на енергија, во еден извештај тврди дека Европската Унија го поткопува сопствениот план од 2022 година. Идејата на тој план беше да се „заштеди енергија, да се диверзифицираат изворите и да се забрза транзицијата кон чиста енергија“.
Додуша, во тие планови гасот е дозволен како „почист“ извор на енергија од, на пример, јагленот или мазутот. Но, фактот дека американскиот течен гас е значително поскап од рускиот гас, исто така, влегува во пресметката.
„Американскиот течен природен гас е најскап за потрошувачите во ЕУ, но европските компании само потпишуваат нови договори“, вели Ана Марија Џејлер-Макаревиќ, аналитичарка на ИЕЕФА за европска енергија и авторка на извештајот.
Меѓу договорите е и оној потпишан од новиот грчки конзорциум Атлантик-Си ЛНГ за увоз на американски гас. Тој ќе продолжи со вертикален гасовод низ Бугарија и Романија, потенцијално до Украина.
Србија, исто така, изрази желба за течен гас што влегува во Европа преку грчкиот град Александрополис.
Грците за седум дена ќе се сретнат со американската страна, со идеја да добиваат 15 милијарди кубни метри гас годишно во следните две децении. За споредба, вкупната потрошувачка на гас во Србија е три милијарди кубни метри.
Германската фирма Секјуринг енерџи фор Јуроп, исто така, има договор со истиот американски добавувач, Венчр глобал, од 2023 година. Всушност, таа е наследник на национализираниот огранок на Газпром за Германија. Според тој договор, Германците увезуваат 2,25 милиони тони течен гас годишно во следните две децении, од погонот во Луизијана.
Трамп се фали себеси
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се фали себеси и својот успех на патот кон „енергетска доминација“ на САД. Во јули минатата година, тој преговараше за договор со Брисел преку закани со царини, што би ја обврзало ЕУ годишно да пласира американски енергетски производи на пазарот за 750 милијарди долари.
„Тој договор ја стави Европа под притисок да купува повеќе американска енергија“, вели Џејлер-Макаревиќ. Доколку договорот се реализира, додава, тоа би создало „високоризична геополитичка зависност“ од американскиот течен природен гас.
Во извештајот на ИЕЕФА се вели: „Договорот практично го поврзува снабдувањето со енергенси на ЕУ со еден добавувач, ризикувајќи ја енергетската безбедност и поткопувајќи ги плановите за намалување на употребата на гас“.
Всушност, побарувачката за американски гас веројатно само ќе се зголеми, со оглед на тоа што ЕУ планира целосно да го забрани увозот на руски гас од крајот на 2027 година. Унгарија, една од земјите членки која сè уште увезува руски енергенси, презема правни чекори против тоа.
„Диверзификацијата не може да значи дека еден доминантен снабдувач е заменет со друг“, рече Рафаеле Пирија од Берлинскиот еколошки институт на почетокот на годината. Како што додаде, на Европа ѝ е потребна подобра стратегија што ја почитува „денешната геополитичка реалност“.
Ветерници наместо гас?
И во политичкиот Брисел одлучија двапати да размислат, особено откако Трамп неодамна повторно се закани со царини ако не му се препушти Гренланд.
„Во овие турбулентни геополитички времиња, Европа мора да биде силна и обединета - и да избере независност. Ова значи инвестирање во чиста, безбедна и домашна енергија“, рече европскиот комесар за енергија, Дан Јоргенсен, на крајот на јануари на самитот во Хамбург.
Таму беа прецизирани неколку точки, на пример пактот за инвестирање во ветерници на море. Јоргенсен рече дека Европа треба да добива гас и од Канада, Катар и од Алжир.
„Иднината на енергетиката во Европа ја менува насоката“, вели Џејлер-Макаревиќ. „Ако ЕУ се држи до својот план за замена на потрошувачката на гас со чиста енергија, тогаш и побарувачката за гас ќе се намали.“
Над 120 европски и други организации на граѓанското општество испратија писмо до лидерите на ЕУ во кое бараат да се укине трговскиот договор со САД кој ја принудува Европа да увезува енергија преку Атлантикот.
Тоа е повик за намалување на зависноста од американски фосилни горива „во знак на солидарност со оние на кои им се заканува империјализмот на Трамп на фосилен погон“. Тоа беше по американскиот напад врз Венецуела и посегнувањето кон Гренланд.