1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматично намален бројот на средношколци во Македонија

Срѓан Стојанчов
6 јули 2023

За 13 години бројот на средношколци во Македонија е намален за 24 илјади ученици, покажуваат податоците. Годинава, дури ни во популарните скопски гимназии не беа пополнети слободните места во прва година средно.

Северна Македонија Скопје Ученици
Се помалку запишани ученици во средните учиишта во МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Бројот на ученици во Македонија рапидно се намалува во изминатата деценија. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во учебната 2009/2010 година во средните училишта во земјава имало над 95 илјади ученици, додека во 2021/2022 година имало 71 илјади средношколци. Тоа е намалување за над 24 илјади ученици или една четвртина од учениците за само 13 години.

Рекорден брод на средношколци во изминатите две децении имало во 2005/2006, кога биле запишани скоро 96 илјади ученици, но за споредба ја зедовме 2009/2010 година, кога веќе важеше законот за задолжително средно образование.

Показател за намалувањето на бројот на ученици е и тоа што познатите скопски гимназии „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски Корчагин“, за кои до пред неколку години се бараше место повеќе, не се наполнија ни по второто пријавување за претстојната учебна година. Слободни места останаа и во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје, каде до пред неколку години имаше повеќе пријавени со сите петки од слободни места. Приемен испит сега ќе се полага само за фармацевтски техничар на албански јазик, каде што има пријавено поголем број кандидати со ист успех од основното образование. 

За оваа учебна година беа отворени скоро 30 илјади слободни места за прва година средно образование, а се запишаа 15.481 ученици. Има уште еден уписен рок во август за оние кои се на полагање.

Пред десетина години имало во просек по 19 илјади средношколци во генерација, пред 5 години по 17 илјади, а сега уште помалку.

Пописот спроведен во 2021 година покажа дека бројот на млади луѓе драстично се намалува. Во изминатите две децении бројот на луѓе помлади од 29 години се намалил за 270 илјади жители.

Помалите градови стануваат пустини 

Намалување на бројот на ученици има во сите општини, но најизразено е во помалите градови. Во Македонски Брод бројот на средношколци во изминатите 13 години е намален за четири пати, во Пехчево за скоро 3,5 пати, во Крушево за над 3 пати, во Валандово за 2,5 пати... 

Градоначалниците на помалите градови велат дека образовната реформа од 2008, кога средното образование стана задолжително и бесплатно најмногу ги погоди најмалите општини. Ако учат на страна, средношколците добиваат бесплатен интернат и храна, како и бесплатен превоз, па тие од малите градови избираат да учат во поголемите центри во околината. Таму имаат повеќе можности за шетање, побогат социјален живот, а ништо не ги чини. Повеќе од половина од завршените основци од малите градови се запишуваат во средно во најблискиот голем град. 

Училиштата во Македонија се почесто остануваат празниФотографија: Hans Blossey/IMAGO

Градоначалникот на Македонски Брод Жарко Ристески вели од кај нив продолжуваат во Прилеп и Битола, а помал дел и во Скопје. Вели дека преземаат мерки тоа да се промени. Пред четири години, во прва година средно се запишале само 11 ученици, а сега запишавме 37. Основно образование завршуваат околу 55-60 ученици.

„Ние сега даваме 5000 денари за секој средношколец што ќе се запише во Македонски Брод, плус отворивме дуална паралелка од машинска струка во соработка со фабриката АТС Груп од Самоков, каде што учениците одат на платена пракса. Тие што ќе сакаат да студираат ќе може и да добијат стипендии од фабриката, па почна да се зголемува бројот на запишани ученици. Тоа не е голема бројка, но процентуално е огромно зголемување“, вели Ристески.

Со сличен став е и градоначалникот на Валандово Перо Костадинов. Од кај нив учениците најчесто се запишуваат во Струмица или Гевгелија. Се обидуваат проблемот да го решат со дуални паралелки од машинска струка, кои ќе одат на пракса во фабриките во околината и со засилена промоција.

„Се бориме за секој ученик, многу работиме на тоа. Нам ни е целта, барем 70 отсто од завршените основци да ги запишеме во средно овде, но потребна е некаква законска интервенција. Со овој закон создаваме пустини низ државата“, вели Костадинов.

Не може сите да се задржат во родниот град. Некои сакаат да шетаат, некои да учат струка што ја има само во поголемите градови. Но, намалување има и таму.

И Скопје со помал број средношколци

Од поголемите градови, во Гостивар сега има за 43 отсто помалку ученици, во Кичево за 42 отсто, Струга за 34 отсто, Тетово за 32 отсто, Велес, Струмица и Куманово за 30 отсто, Охрид за 25 отсто, Битола за 23 отсто, Прилеп 22 отсто и во Штип за 20 отсто помалку ученици во средните училишта. Дури и во главниот град Скопје, каде што најмногу се доселуваат луѓето од внатрешноста, има за над две илјади средношколци помалку, односно намалување од 8 проценти.

Средношколците бегаат во поголемите градови, студентите во странство

Веќе пишувавме дека има намалување и на бројот на студенти. На таблоата на некои факултети има по 5 пати повеќе професори, отколку дипломирани апсолвенти. 

Иселувањето е една од причините за намалениот број ученициФотографија: picture-alliance/dpa

Ако средношколците од малите градови бегаат во поголеми, тогаш студентите бегаат надвор од државата. Истражувањето на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип покажува дека над една петина од матурантите од четири региони во земјава - Североисточниот, Источниот, Југоисточниот и Повардарскиот плански регион, сакаат да студираат во странство, што е речиси двојно зголемување за пет години. Најпривлечни дестинации се Бугарија и Словенија.

Професор Страшо Стојановски од Штипскиот универзитет вели дека образовниот систем во Македонија и не е толку лош, што го покажуваат и резултатите на македонските студенти кои студираат во Словенија.  

„Сме разговарале со колеги од Љубљанскиот Универзитет. Од топ 10 студенти кои се на Љубљанскиот универзитет, пет се со потекло од Македонија“, изјави Стојановски за МИА.

Мотивацијата за студирање во странство најчесто е од економски причини и градење на професионална кариера надвор од државата.  

Ами – идеално возило за француските средношколци

01:32

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми