Депониите чадат - граѓаните протестираат за чист воздух
26 септември 2025
Уште не се санирани последиците од пожарот во магацинот за електронски отпад во Трубарево, а веќе нов чад се издигна од депонијата во Арачиново.
Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вели дека горела поголема количина на пакуван сончоглед. Огнот е изгаснат по неколкучасовна интервенција на скопските пожарникари со помош на специјална пена. На неколку места сè уште се забележува чадење.
„Оваа депонија има ограда и влезна врата, но скопските пожарникари ја затекнале отворена. Во неа има фрлено поголема количина пакуван сончоглед кој гори со силен пламен, но и други горливи производи“, изјави Ангелов.
Во меѓувреме жителите на скопското село Трубарево се уште ги чувствуваат последиците по здравјето по страотниот пожар кој избувна пред две недели во објект за електронски отпад. Само за еден ден, во рамките на скринингот кој го спроведе Министерството за здравство, се прегледани повеќе 100 луѓе на двата пункта во Трубарево, од кои осум се упатени на Клиниката за пулмологија поради хронични заболувања за кои подолго време не направиле контролни прегледи.
Пациентите кои биле упатени на Клиниката имале симптоми како потешко дишење, сува кашлица и стегање во градите.
Револт: Имаме право на чист воздух
Пожарите на депониите во Македонија, кои не стивнуваат со недели, предизвикаа револт кај граѓаните, кои преку протести и блокади бараат надлежните да преземат конкретни чекори за заштита од токсичниот воздух.
Во Струга од 14 до 15 часот, е најавена блокада на кружниот тек на влезот во градот. „Не може повеќе вака – депонијата гори, никој не презема ништо, цела општина се труе.Токму поради изборите, одговорните се најранливи и време е стружани да покажат сила. Ако не направиме притисок сега, проблемот нема да се реши ни во следните четири години“, порачуваат организаторите на протестот.
Реактивната Мониторинг мисија на УНЕСКО која го посети Охридскиот Регион на почетокот на 2020 година во својот извештај даде препорака за затворање на сите нерегуларни депонии како што се Буково, Мауцкер и таа во Струга, како и сите нелегални места за фрлање отпад во рамките на доброто, и санирање на погодените области. Беше даден рок од три години, кој не беше испочитуван.
„Локалните и централните власти си ја префрлаат одговорноста и купуваат време, оставајќи ги овие жаришта потенцијално опасни по живот да егзистираат до денес. Пробиениот рок го констатира наредната Реактивна Мониторинг Мисија од 2024 година, и даде дополнителни три години рок да се исполни препораката веќе дадена пред скоро шест години. Измина повеќе од една година од доаѓањето на последната мисија, а нештата не се поместени од мртва точка“, велат од Охрид СОС.
Според нив, правото на здрав живот и здрава животна средина се уставни права, кои населението од Охридскиот Регион ги нема, не ги ужива.
Протести и блокади
Додека надлежните најавуваат решавање на проблемот со депониите по локалните избори во октомври, повеќе граѓански здруженија најавија протести против загадувањето и уништувањето на животната средина. Па така, жителите на Аеродром повторно излегуваат на блокади против депонијата Вардариште и протест кој секој денс е одржува во 18 часот на мостот „Близнаци“ помеѓу Аеродром и Гази Баба.
Протест ќе има и во Гази Баба кај железнички премин кон Маџари, а незадоволство со протести веќе подолг период изразуваат и жителите на селото Љубојно, против голосекот на шумата.
„Македонија не е депонии, рудници, пресушени реки и уништени шуми! Доста беше!“, порачаа од Зелена народна стража.