1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

„Не против Украина“: Приказни на руски дезертери

Наталија Смоленцева
27 септември 2023

Многу руски дезертери немаат пасоши и се на меѓународна потерница. Се обидуваат без документи да живеат во странство. Тројца од нив за ДВ раскажуваа за својата судбина.

Руски војници на камион со воен симбол „Z“
Руски војници на камион со воен симбол „Z“Фотографија: Sergei Malgavko/TASS/dpa/picture alliance

Додека во Минхен во полн ек е Октоберфест, во мирен парк на периферијата на градот го среќаваме „Василиј“. Василиј е речиси еден месец во Германија. Тој е еден од првите руски дезертери кои успеале легално да влезат во земјата.

Младиот човек вели дека се чувствува безбедно во Германија,но се плаши за своето семејство дома. Затоа не сака да го нарекуваат со вистинското име. Поради дезертерство, во Русија, каде властите трагаат по него, му се заканува казна затвор до 15 години.

„Нема да се борам против сопствениот народ“

Василиј е артилерец. Студирал на Воената академија и се обврзал на служба во армијата неколку години. Но, тој одамна е разочаран од неа. Обидите да се напушти армијата биле неуспешни. Кога Русија ја нападна Украина, му било наредено да оди на фронтот.

„Тие рекоа: 'Подготви се, веќе ни снемуваат луѓе'“, се сеќава Василиј. Но, тој одбил. „Јас имам украинско потекло“, му рекол тој на својот претпоставен: „Татко ми е Украинец, нема да се борам против сопствениот народ“.

И покрај сите закани од неговиот претпоставен, Василиј не отишол на фронтот. Но не бил ни ослободен од својата единица.

„Немаше излез“, вели Василиј. „Добив повик од командата и ми рекоа: 'Или ќе одиш во војна или ќе отвориме кривична постапка против тебе. Потоа ќе те стават зад решетки, од каде и онака ќе те пратат во војна.'' Затоа Василиј решил да побегне од Русија.

Разговор со Василиј на периферијата на МинхенФотографија: N. Smolentzewa/DW

Виктор: „Едноставно беше невозможно да се противиш“

Според организацијата Go by the Forest, која им помага на Русите да избегнат мобилизација, повеќе од 500 дезертери ја напуштиле земјата по најавата за мобилизирање. И ова е само бројот на оние кои се обратиле до активистите за човекови права. Вистинската бројка е веројатно многупати поголема.

Повеќето од мажите бегаат првенствено во Казахстан или Ерменија. Еден од нив е офицерот за комуникации Виктор. Тој исто така не сака да го каже своето вистинско име. За разлика од Василиј, тој учествувал во руските воени операции против Украина.

Во видео повик од главниот град на Казахстан; Астана, Виктор раскажува дека и тој се обидел да ја напушти армијата. Но, во февруари 2022 година од него било побарано да оди на вежба на украинскиот полуостров Крим, анектиран од Русија. На 24 февруари неговата единица учествувала во руската инвазија.

„Нѐ разбудија во 5 часот наутро, нѐ построија и рекоа: 'Почнува! Но, не кажаа каде треба да се оди'“, се сеќава Виктор. „Во тој момент беше едноставно невозможно да се противиш. Ако трчаше напред, Украинците ќе те застрелаа, а ако бегаше назад, своите ќе те фатеа“, вели Виктор.

Тој бил на украинска територија до летото 2022 година. „Видов егзекутирани воени заробеници и ги слушав соодветните наредби од командантот на единицата“, вели тој, но нè уверува: „Нешто како во Буча кај нас немаше.“

Виктор ја раскажува својата приказна за ДВ преку видео повик од АстанаФотографија: N. Smolentzewa/DW

Евгениј: „Подготвен сум да ми се суди“

Евгениј, офицер во единицата на специјалните сили, исто така бил испратен на границата со Украина на вежба во февруари 2022 година. Тој потекнува од сиромашно семејство и војската му понудила социјален напредок.

„Се надевавме и верувавме дека нема да има војна“, се сеќава младиот човек на февруари 2022 година. „Мислевме дека Путин е убиец и крадец, но не и фанатик кој ќе започне војна. Но, испадна поинаку“, вели Евгениј.

На 24-ти февруари, тој и неговата единица ја преминале границата со Украина. Таа стигнала до Бровари, во близина на Киев. „Сето тоа беше многу тажно за нас. На 30 март, речиси цела чета беше убиена“, вели тој за борбите. „Кога бевме во близина на Киев, не земавме затвореници, бидејќи немаше начин да ги однесеме во Русија, па беа убиени. Украинската страна постапи на ист начин“, вели тој.

Разговор со Евгениј преку видео-врскаФотографија: N. Smolentzewa/DW

Страв од екстрадиција во Русија

По неуспешната руска офанзива кај Киев, единицата на Евгениј била преместена во Донбас. За да побегне оттаму си пукал во ногата. „Се повредивме меѓусебно во близина на украинските позиции и рековме дека Украинците пукале во нас. Ни поверуваа и нѐ однесоа во болница во Русија“, вели Евгениј.

Виктор бил испратен на одмор во средината на август 2022 година. Кога се вратил во својата касарна се обидел да даде отказ, но не успеал да го стори тоа пред да биде објавена мобилизацијата. И двајцата офицери на крајот побегнале во Казахстан.

Барање за хуманитарни визи за руски дезертери

„За себе гледам три опции: Франција, Германија или САД. Затоа што овие земји издаваат привремени патни исправи. На крајот на краиштата, никој од нас нема пасош“, вели Виктор. Тој веќе неколкупати контактирал со амбасадите на овие и други западни земји, но засега безуспешно.

Василиј е еден од првите дезертери кој можел да дојде од Казахстан во Европа без пасош. Младиот човек успеал да се вработи како програмер во ИТ-компанија во Германија. Германската амбасада во Казахстан му издала привремена патна исправа за странци со работна виза. Василиј признава дека не било лесно да најде компанија која би прифатила дезертер без пасош.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми