1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Здравствени работници: Не се живее од тапкање по рамо

8 април 2024

Протестираме за да покажеме дека не отстапуваме од нашите барања за зголемување на платите. Ако не нѐ слушнат ќе се вратиме повторно и ќе се вратиме побројни“, порачуваат од ССМ.

Mazedonien Gesundheitssystem - Die Gesundheitsversorgung am Rande des Kollaps
Oд кадровски аспект јавното здравство одамна е со една „скршена нога",Фотографија: DW/P. Stojanovski

Пред 30-тина години имало околу 18.000 лекари, денес се меѓу шест и седум илјади. Само од јавното здравство на годишно ниво од земјата заминуваат од 200 до 250 лекари, а огромен е и одливот на медицински сестри и рентген техничари.

Иако од кадровски аспект јавното здравство одамна е со една „скршена нога", грижата за оние кои остануваат во земјата не е на соодветно ниво, кога станува збор за вреднување на трудот.

„Со тапкање по рамо, и со благодарам, не се поминува месецот“, се жалат здравствените работници, кои незадоволството ќе го искажат во 10 часот пред Министерството за здравство.

Тие се револтирани затоа што пред распишувањето на изборите не се потпишал анексот на колективниот договор, со кој требаше да се зголемат платите на сите вработени во дејноста. Еден ден по Светскиот ден на здравјето, протестот го организира Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита поддржан од Сојузот на синдикатите на Македонија.

„Протестираме за да покажеме дека не отстапуваме од нашите барања за зголемување на платите на вработените во дејноста Бараме да се потпише Анексот веднаш по завршување на изборниот процес, но со дополнително соодветно зголемување на коефициентите на вработените согласно со зголемените трошоци на живот", велат од ССМ.

Здравствените работници своето незадоволство денеска (8 април, 2024) ќе го искажат на протест пред Министерството за здравство.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Оттаму ги повикаа политичките партии кои претендираат да ја водат државата, како нивен иден социјален партнер да одвојат време да седнат со Синдикатот и да ги слушнат барањата.

„Ако не нѐ слушнат ќе се вратиме повторно и ќе се вратиме побројни“, порачуваат од ССМ.

Многу ветувања, малку решенија

Со непотпишувањето на анексот на Колективниот договор над 20 илјади работници во здравството остануваат без усогласување на нивните плати со порастот на минималната. Иако политичките партии во изборните програми со години нудат решенија за унапредување на здравствениот сектор, состојбите во него не напредуваат, ама и не стагнираат, туку - назадуваат.

Во претседателската трка годинава учествуваат и двајца лекари, а едниот од нив, Арбен Таравари, вчера на Светскиот ден на здравјето, во Тетово организираше дебата со лекари и здравствени работници.
Според Таравари, за да се подобри состојбата на здравствениот систем треба да се работи во повеќе насоки истовремено - обезбедување здравствени услуги во руралните подрачја, децентрализирање на здравството и мотивирање на кадрите да останат во земјата. Вели дека има места каде што нема лекар и не се даваат медицински услуги, бидејќи лекари не прифаќаат - не им одговора или не се доволно платени за да работат во села, од кои некои претежно планински.

„Мислам дека ова е проблем за кој треба сериозно да разговараме меѓу себе, да субвенционираме или да платиме неколку пати повеќе за да ги мотивираме овие доктори", вели Таравари.
Второ прашање е децентрализацијата на здравството, бидејќи над 60% од медицинските услуги до денес се даваат во болниците во Скопје. Проценката на Таравари дури може да звучи и скромно, со оглед дека лекари од некои клиники проценуваат дека дури 90% од медицинските услуги се даваат во Скопје.

Лекарот и поранешен министер за здравство, Арбен Таравари е кандидат за претседател на коалицијата „Вреди“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, доколку се инвестира во регионални болници во Тетово, Охрид или Струга, Штип и Битола, Таравари смета дека луѓето повеќе нема да се малтретираат да доаѓаат во Скопје за каква било услуга. За тоа не се потребни само објекти и опрема, туку и кадри, а најважното прашање е како тие да се мотивираат да останат во земјата.

„Сметам дека во Законот за јавното здравје треба да се мотивираат колегите кои само што завршиле факултет и имаат висока просечна оценка - веднаш да добијат специјализација или да им ја зголемат платата за време на специјализацијата за да не ја напуштат земјата“, вели Таравари.

Вие нè бркате

Токму условите под кои работат специјализантите е една од причините за незадоволство.

„Ние не сакаме да си одиме, вие нè бркате“, порачаа неодамна на протест приватните специјализанти, незадоволни од тоа што се неплатени, невработени и неосигурени. Нивниот месечен надомест е 26.000 денари, а се случувало надоместот за дежурства да не го добиваат редовно. Иако самите даваат услуги во јавното здравство, доколку тие имаат потреба од здравствен услуга мора да плаќаат приватно, бидејќи не се здравствено осигурени. Здравствените власти решавањето на овие проблеми го највија за после изборите, бидејќи согласно одредбите од изборниот закон во предизборен и изборен период не може да се иплаќаат буџетски средства кои не се редовни месечни исплати.

Македонските болници се празнат- од лекари

03:18

This browser does not support the video element.

Пред специјализантите протестираа и младите дипломирани лекари кои со месеци чекаа да започнат платена пракса, која им беше и услов за запишување на специјализација.

Здравствените власти се надеваат дека ќе ги мотивираат лекарите и здравствениот персонал да останат во земјава на само со вложување во инфраструктура, туку и во модерна и софистицирана опрема која овозможува светските методи што се работат во странство да се применуваат и во земјава.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми