1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не стивнува бурата околу новите документи

ДТЗ
14 февруари 2024

Хелсиншки комитет бара одговорност за проблемите со пасошите, а Комисијата за заштита од дискриминација вели дека има нееднаков третман на граѓаните кои платиле и оние кои ќе вадат документи бесплатно.

редици за нови документи
Не стивнува бурата околу новите документиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Не стивнуваат нервозите и реакциите во врска со законската обврска за менување на личните и патните документи со старото име „Република Македонија“. Собранието и Владата деновиве по итна постапка донесоа законски одредби и финансиски олеснувања, со кои се пролонгираше замената на одредени документи, а за дел се донесе одлука да бидат на товар на државата. Но, и покрај тоа што налепниците НМК за регистарските таблички станаа бесплатни, на социјалните мрежи и во некои автосалони тие станаа шанса за „бизнис“, па се продаваат по цена од 50 денари. Граѓаните кои не се информирани дека се одложи обврската за набавка на налепниците до 31 декември, се фаќаат на мамката и плаќаат за нови налепници, стравувајќи да не бидат казнети. 

Барање одговорност 

Хелсиншки комитет денеска (13.02) побара одговорност за настаната ситуација со патните исправи, но и брзо решавање на проблемот. Тие оценуваат дека граѓаните остануваат обесправени поради неорганизираноста на државата навремено да ги исполни обврските преземени со Договорот од Преспа и да организира издавање документи со новото уставно име.

„Ова ги погодува сите граѓани кои немаат нови патни исправи, а особено оние чии документи се издавани на стари обрасци во периодот од 2019 до 2022 година. Сакаме да потенцираме дека и покрај тоа што на 12 февруари беа изгласани измени на Законот за безбедност во сообраќајот со што се продолжи важноста на возачките и сообраќајните дозволи, измените на Законот за патни исправи воопшто не беа ставени како точка на дневен ред на Собранието“, посочуваат од Хелсиншки комитет.  

Но, и покрај тоа што налепниците НМК за регистарските таблички станаа бесплатни, на социјалните мрежи и во некои автосалони тие станаа шанса за „бизнис“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тие оценуваат дека сегашната состојба каде речиси половина од граѓаните немаат нови патни исправи и нема изглед дека наскоро ќе ги добијат е директна закана по остварувањето на правото на слободно движење. Ненаоѓањето на законско или друго решение за излез од оваа состојба со невалидноста на патните исправи може да има сериозни финансиски импликации за државата. Повредата на правото на слободно движење настаната со хаосот во обезбедувањето на нови патни исправи, им дава многу цврста основа да ја тужат државата за повреда на нивните права и да ги добијат тие постапки во нивна корист“, порачуваат од Хелсиншки комитет.  

Нееднаков третман 

Во меѓувреме се огласи и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која смета дека се прави нееднаков третман кон граѓаните кои платиле за промена на важечки документи со новото име на државата.

Нивната реакција следи по одлуката на Владата за бесплатно вадење на возачки дозволи и сообраќајни дозволи. „Не се работи за дискриминаторска основа, постои нееднаков третман, но не и дискриминација. Институциите треба да преземат мерки за обезбедување на еднаков третман на сите граѓани во постапките на промена на важечки документи со новото име на државата“, се наведува во соопштението од КСЗД. 

Во понеделникот (12.02) на седница на Собранието, по предлог на сите политички партии, едногласно беше изгласано возачките дозволи со старото име да важат до 31 декември. Личните карти продолжуваат да се користат за внатрешна употреба, а со нив може да се патува и во Србија, Косово и во Албанија. За влез во другите земји неопходно е да се поседува валиден пасош со новото име на државата - Република Северна Македонија. 

Повик 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во средата ги повика пратениците од сите политички партии да го поддржат законското решение предложено од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со кое ќе се продолжи важноста на личните карти и пасошите, по примерот на тоа со возачките дозволи. Според Мицкоски, единствено во парламентот може да се стави крај „да не бидеме притвореници во овие 26 илјади квадратни километри“ и ги повика пратениците да донесат законски измени исто како за возачките дозволи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми