1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Лавина реакции по извештајот за „Еуростандард банка“

ДТЗ
23 август 2022

Јавното обвинителство соопшти дека досега собрале куп документи, но не откриле кривични дела и измама со кредитирањето. За стечајот на банката уште се води истрага. Банките ги отфрлија обвинувањата како небулозни.

Еуростандард банка Северна Македонија
Истрагата за стечајот на „Еуростандард банка“ се уште траеФотографија: DW/P. Stojanovski

Лавина реакции предизвика извештајот којшто го презентираа вчера странски експерти во Скопје, нарачан од мнозинскиот акционер Трифун Костовски за стечајот во Еуростандард банка. На 160 страници се анализира дека во периодот од 2004 година преку банкарска шема систематски се прекршувале важечките регулативи во областа на банкарството, со цел да можат, покрај законски дозволеното кредитирање, да вршат и законски забрането кредитирање на субјекти кои не се подобни за добивање банкарски кредити.

Но, Јавното обвинителство преку соопштение реагира дека тоа е е единствено надлежно да донесува наредба и да спроведува истражна постапка. Изминатиот период биле спроведени повеќе истражни дејства, обезбедена е обемна документација и докази, испитувани се оштетени и сведоци, вршено е вештачење и проверки, но јавните обвинители не утврдиле дека има елементи на кривични дела. 

Нема кривично дело и измама 

Обвинителството смета дека пријавените физички лица не ја искористиле својата службена положба и овластување, ниту ги пречекориле границите на своето службено овластување, со крајна цел предизвикување штета на правните лице Кубус и Кубус инженеринг. Исто така, не е утврдено дека има и измама, бидејќи доказите не го поткрепиле тврдењето дека пријавените го навеле и го држеле во заблуда претставникот на оштетените правни лица, да зема кредити на штета на имотот на овие правни лица.

„Позајмиците се договорна волја на две или повеќе страни и како правен инструмент е предвиден во Законот за облигациски односи, поточно на оној што го дава заемот и оној што го прима и истите произведуваат како права за страните, така и обврски“, објаснуваат од ОЈО и потсетуваат на одлуката донесена во април лани, со која беше отфрлена кривичната пријава за измама поднесена од повеќе институции против „Кубус“

Јавното обвинителство повикува доколку некој има дополнителни докази или сознанија за сторено кривично дело, да ги достави до нив за да бидат извршени проверки. 

Истрага за стечајот 

Во врска со стечајот на Еуростандард банка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја испитува одговорноста за стечајот. По проверките кои биле направени, донесена е наредба за спроведување истражна постапка против четири одговорни лица од Еуростандард банка за предизвикување стечај на банка и перење пари и други приноси од казниво дело.

„Осомничените, како лица со посебни права и одговорности во Еуростандард банка АД Скопје ги повредиле одредбите од Законот за банки, како и Методологијата за адекватност на капиталот. Како резултат на несоодветното работење на осомничените, органите на банката целосно затаиле во извршување на основните функции и со своите одлуки не постапиле по изречените мерки на Гувернерот на НБРСМ, при што придонеле за дополнително влошување на профилот на ризик на банката“, наведуваат од Јавното обвинителство.

Странски експерти објавија анализа на 160 страници дека во периодот од 2004 година преку банкарска шема систематски се прекршувале важечките регулативи во областа на банкарствотоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тие го зголемиле ризикот од концентрација и масовно ја затскриле реалната способност на клиентите за подмирување на обврските и нереалната класификација, што резултирало со погрешно известување за финансиската состојба на банката и нејзините сопствени средства како кон НБРСМ, така и кон останатите заинтересирани страни. Со ваквото работење придонеле за генерирање на големи материјални кредитни загуби, со што го намалиле износот на сопствените средства на банката и наметнале потреба од значителна докапитализација на банката, а притоа не извршувале капитализација по мерка изречена од Гувернерот на НБРСМ. Сето ова придонело банката по сила на закон да биде во услови на стечај, што подразбира дека депозитите не може да бидат вратени во пари на доверителите, штедачите и депонентите на банката, со што банката била доведена во состојба на несолвентност.  Истрагата во овој предмет е во тек.

Реакции

Здружението на оштетени штедачи во Еуростандард банка смета дека резултатите од приватната истрага на Трифун Костовски само го потврдиле  „масовниот организиран криминал спроведен преку низа нелегални, законски забранети шеми на позајмици за покривање на достасани обврски на клиенти, перење пари преку воспоставени деловни односи со нерезидентни клиенти, злоупотреби на службена должност и овластување, фалсификување документи, измами, незаконски манипулации и превари“. 

На наводите од извештајот реагираа и Советот на Народната банка и Македонската банкарска асоцијација (МБА). Народна банка ги оквалификува како нерелевантни и неточни изнесените оценките и мислењата. Порача дека е професионална и независна институција, којашто при одлучувањето ги применува највисоките меѓународни стандарди и практики, што посочува дека е потврдено и со оценките на меѓународните финансиски организации и кредитни агенции.

„Изразуваме сериозна загриженост за леснотијата со која од различни поединци се изнесуваат неточни информации поврзани со банкарскиот систем и Народната банка. Ваквото неодговорно однесување поттикнато од лични интереси и приватни побуди, може да внесе немир и непотребно и неосновано да предизвика штета на финансиските институции во земјата, а со тоа и на економските субјекти и граѓаните. За Народната банка, оценките и мислењата, особено во делот на состојбите во банкарскиот и финансискиот систем на нашата земја и начинот на работата на Народната Банка, искажани од страна на нарачателот на овој извештај, како и лицата кои се најмени од негова страна за да го изработат и промовираат во јавноста, се нерелевантни и неточни“, се вели во реакцијата на Советот на НБ.

И според Македонската банкарска асоцијација (МБА),  наводите за банкарскиот сектор изнесени на прес-конференцијата се крајно неосновани.  „Никој нема право да изнесува небулозни наводи и обвинувања за цел банкарски сектор на една држава врз основа на некакви приватни истраги. Македонскиот банкарски сектор бил и останува најздравото ткиво на нашата економија и никој нема право да прави обиди за поткопување на неговиот углед и негово омаловажување“, велат од МБА.

Народната банка на 12 август 2020 година објави дека ја затворила Еуростандард банка, поради неисполнување минимални законски услови за работење, по што беше доставен предлог до надлежниот суд за отворање стечајна постапка. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми