1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ги стопли скопските радијатори?

ДТЗ
27 септември 2022

Владата уверува дека граѓаните ќе имаат парно без прекин и оваа зима. Се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут за да се спречи ценовен шок.

парно Скопје
Додека институциите си ја префрлаат одговорноста кој е надлежен за парното, роковите истекуваат, а решението на проблемот не е ниту на повидокФотографија: Friso Gentsch/dpa/picture alliance

На чекор пред почетокот на грејната сезона, скопјани сѐ уште не знаат дали и кој ќе ги затопли радијаторите во главниот град. Додека надлежните институции си ја префрлаат одговорноста кој е надлежен за парното, роковите истекуваат, а решението на проблемот не е ниту на повидок. Од Владата тврдат дека парно навреме ќе има, посочувајќи дека БЕГ имаат законска обврска да ги топли радијаторите додека не се пронајде нивна замена. Но, од БЕГ не се согласуваат со тоа - порачаа дека ниту имаат законска обврска, ниту пак можност да испорачуваат топлинска енергија на скопјани.

Се финализираат преговорите

Граѓаните на Град Скопје ќе имаат парно без прекин, тврдат од Владата. Заедно со ресорните институции постојано се работи на обезбедување на потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени сѐ со цел домаќинствата да имаат помали трошоци.

„Конкретно, се бара најдоброто решение за обезбедување на најниска цена на гас или мазут со цел да се спречи ценовен шок и да не поскапи парното. И оваа година како и минатата, Владата согласно законските можности прави максимални напори да обезбеди непречено снабдување на топлинска енергија за граѓаните на Скопје“, велат од Владата. Во изминатиот период владин економски тим и ресорите за енергетика имале повеќе регионални средби и состаноци, со цел обезбедување на потребните енергенси во услови на најголемата светска криза која ја памтиме во поновата историја.

БЕГ контра Битиќи

Владиното соопштение следи откако претходно Балкан енерџи груп се дистанцираше од обврската за затоплување на домовите на скопјани.  Согласно член 51 од Законот за енергетика БЕГ Производство имаше законска обврска да продолжи да ја извршува дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста. Но, тој рок веќе е истечен. Во овој период, како што тврдат од БЕГ-Производство, тие продолжиле да ја вршат дејноста и ги завршиле сите неопходни ремонтни активности во топланите сѐ со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона.

Но, тие се децидни дека веќе немаат правна основа за користење на топланите, бидејќи договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на топланите. Исто така, според нив, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби остварени во претходната грејна сезона како резултат на зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не беа покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ).

Поради овие причини, на 9 јуни БЕГ-Производство до РКЕ поднесе барање за престанок на лиценцата за навремено и непречено да се избере нов носител на лиценца за вршење на дејноста производство на топлинска енергија за новата грејна сезона. На 20 јуни, РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ-Производство. „Во врска со договорот за деловно – техничка соработка помеѓу БЕГ-Производство и АД ЕСМ сакаме да ја информираме јавноста дека овој договор беше со важност до 31 март, односно истиот е истечен“, информираат од компанијата.

Од БЕГ порачаа дека ниту имаат законска обврска ниту можност да испорачуваат топлинска енергија на скопјаниФотографија: Fotolia/dondoc-foto

Законска обврска

Но, од Регулаторната комисија за енергетика не се согласуваат. Велат дека обврската за производство на топлинска енергија престанува кога ќе биде издадена лиценца на нов вршител на дејноста. 

„Законот за енергетика, кој доби и зелено светло од  Енергетска заедница во целост ги има инкорпорирано сите одредби од европската легислативата по однос на сигурно, стабилно и континуирано снабдување со енергија. Во тој дух и РКЕ ги носи одлуките со кои се прецизира дека се до избор на нов вршител на посочената енергетска дејност, на актуелниот вршител не му престанува обврската за обезбедување на јавна дејност. Обврската за вршење на јавна дејност регулирано производство на топлинска енергија престанува со денот на издавање на лиценца (во случајов нов вршител на јавна дејност)“, наведуваат од РКЕ.

И вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, деновиве порача дека согласно законот БЕГ мора да има и резерви на гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија

Владата неодамна објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, на кои беа доставени понуди од новоформираните компании на ЕСМ. Со јавниот повик треба да се избере компанија која ќе го преземе работењето на Балкан енерџи груп, откако на крајот на јуни ѝ беа одземени лиценците за работа.

Проблемот со парното ескалираше откако Град Скопје одби да ја преземе обврската за затоплување на жителите на главниот град. Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за националниот сервис МТВ рече дека Владата оваа зима преку ЕСМ ќе го преземе парното греење, бидејќи градоначалничката Данела Арсовска не сака, иако ѝ е тоа комунална обврска.Арсовска му одговори на Ковачевски дека Владата е неспособна за справување со енергетската криза. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми