1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеЕвропа

Загадување на воздухот: најзагрозените градови во Европа

Родриго Менегат Шуински
7 септември 2023

Анализата на сателитските податоци покажува дека најголемиот дел од луѓето во Европа се соочува со загаден воздух над препорачаните граници на СЗО. ЕУ со предлог за нови правила.

Загадување на воздухот во Скопје Северна Македонија
Загадување на воздухот во СкопјеФотографија: DW/P. Stojanovski

Практично сите во Европа живеат во загадени градови. Просечното годишно ниво на загадување со фини честички е поголемо од нивото кое го препорачува Светската здравствена организација. Тоа го зголемува ризикот од респираторни и срцеви заболувања и го скратува животниот век. 

„Со актуелното ниво на загадување на воздухот многу луѓе се разболуваат, а знаеме дека намалување на загадувањето го намалува и бројот на заболени”, вели Марк Нивенхујзен, директор на Институтот за глобално здравје во Барселона. 

Колку е опасно загадувањето на воздухот во Европа?

Новинарите на ДВ во рамки на европската мрежа на податоци, заедно со колегите од другите редакции, ги анализираа сателитските податоци на европската служба за мониторинг на атмосферата „Коперник” и утврдија дека во 2022 година 98 проценти од луѓето во Европа живееле во подрачја во кои концентрацијата на фини честички - ПМ 2,5 - била над горните граници поставени од СЗО, односно годишно пет микрограми на кубен метар. 

Нивото на загадувањето се разликува од регион до регион, а посебно проблематична е ситуацијата на истокот на Европа, по долината на реката По во Италија и на пошироки подрачја од големите градови како Атина, Барселона и Париз. 

Анализата покажува и дека најзагадените региони во Европа достигнуваат просечна годишна концентрација од 25 микрограми на кубен метар. 

Анализата прв пат нуди споредба на загадувањето во различни региони и увид каде има подобрување, а каде влошување на квалитетот на воздухот. 

Утврдени се и две места со спротивен развој на ситуацијата - во северна Италија и Полска. Истражувано е и во колкава мера помагаат стратегиите за намалување на загадувањето. 

Што се фини честички? 

Се работи за комбинација на цврсти и течни честички од различни органски и неоргански материи и загадувачи. Тие содржат сулфати, нитрати, амонијак, метални оксиди, водородни јони, вода и морска сол. Имаат пречник помал од 2,5 микрометри, односно околу 30 пати помал од влакно. 

Постојат и многу други загадувачи, но истражувањето се фокусира на нив затоа што има научни докази за нивното негативно влијание врз здравјето на луѓето. 

Каков е квалитетот на воздухот во Европа? 

Квалитетот е генерално подобар отколку во други региони во светот. На северот на Индија, во градови како Њу Делхи и Агра просечните вредности може да достигнат и до 100 микрограми на кубен метар. Во Европа пак според податоците во ова истражување, тие достигнуваат до максимално 25 микрограми на кубен метар, но и тие количини се доволни за да имаат значително влијание на здравјето на луѓето. 

Која граница за загадувањето ја предлага ЕУ? 

Новите европски правила за квалитетот на воздухот треба да дозволуваат просечна годишна концентрација од 10 микрограма фини честички на кубен метар воздух. Комитетот за заштита на животната средина при Европскиот парламент предложи усвојување на препораките на СЗО кои со пет микрограми честички по кубен метар се поригидни.

Но, дури и концентрација од 10 микрограми би била далеку помала од актуелните стандарди кои дозволуваат годишна концентрација од просечно 20 микрограми, четири пати повеќе од препораките на СЗО. 

Здравстевни експерти и еколози тврдат дека новите правила треба да ги отсликуваат насоките на СЗО, но признаваат и дека тоа би било голем предизвик. 

„Ограничувањата на концентрацијата на загаденост во ЕУ се базираат не само на здравствени аспекти, туку и на економски причини и аргументи, додека СЗО го зема предвид само здравјето”, вели Нивенхујзен и додава дека се надева оти „ќе се согласат да ги преземат препораките на СЗО, иако некои ќе тврдат дека тоа би било прескапо”.

Северна Италија: квалитетот на воздухот константно лош

Кон средината на февруари годинава многу градови по долината на реката По беа загадени, а посебно погодени се регионите Ломбардија и Венето. Просечната дневна концентрација во Милано, Падова и Верона порасна над 75 микрограми на кубен метар. Делумно тоа се должи и на географијата - регионот е опкружен со планини и нема движење на воздухот. Загадувањето го предизвикува густиот сообраќај, тамошната индустрија, емисиите на штетни гсови од земјоделието и греењето на становите. 

Агенцијата за заштита на човековата средина известува дека илјадници луѓе секоја година умираат прерано заради болести предизвикани од загадувањето. Студија објавена во весникот „Лансет” користи податоци од 2015 година и проценува дека околу 10 проценти од смртните случаи во градови како Милано можеле да се спречат кога просечните концентрации би се смалиле за околу 10 микрограми на кубен метар. 

Кога најголемите европски градови би успеаледа го постигнат нивото од пет микрограми по кубен метар воздух, истражувачите проценуваат дека секоја година би имало околу 100 илјади помалку смртни случаи предизвикани од загадувањето.

„Покрај проблематичната географска ситуација, ние правевме точно спротивно од тоа што треба”, вели Ана Геромета, правник и претседател на организацијата „Граѓаните за воздухот”, која се залага за построга политика во Италија во однос на квалитетот на воздухот. Геромета посочува дека мерките за ограничување на штетните емисии од загадувачите се премногу слаби во однос на размерите на проблемот.

Тоа пак е различно во Полска, каде локалната стратегија покажува подобрувања на квалитетот на воздухот. 

Полска се ослободува од печките на јаглен 

Во делови од Полска нивоата на загаденост се меѓу највисоките во Европа, но тие постојано се намалуваат од 2018 година, што ја земавме како појдовна точка за анализата.

Во 2018 година градот Краков, вториот по големина во земјата, имаше годишно ниво на загадување од речиси 25 микрограми на кубен метар. До крајот на 2022 година нивото падна за повеќе од 20 проценти. Соседните места, како и главниот град Варшава, исто така забележаа намалување на нивото на загадувањето.

Таквото подобрување на квалитетот на воздухот е резултат на планот за модернизација на системот за греење во домаќинствата инициран од полските власти. Програмата трае веќе десет години.

„Се работи за замена на старите печки“, објаснува Пјотр Сиргеј од еколошката организација „Полско предупредување за смог“. „Речиси 800 илјади застарени печки се заменети, но има уште околу три милиони. Тоа е бавен процес“, вели тој.

Во регионот на Краков, каде што во 2019 година стапи на сила забраната за употреба на јаглен и дрво за греење, речиси сите стари системи за греење се заменети. 

Како ставовите на јавноста влијаат на квалитетот на воздухот?

„Да зборувавте пред 10 години за загадување на воздухот во Полска, луѓето ќе ви речеа дека не е толку страшно како удирањето со глава во ѕид“, вели Сергеј и додава дека „по години постојано удирање со главата во ѕид, најголемиот успех е токму промената во перцепцијата. Важно е да има закон, но сепак мора да се каже дека политичарите го прават само она што гласачите го очекуваат“.

Во Италија, еколошките активисти имаа сличен проблем со премостувањето на јазот меѓу науката и секојдневниот живот. „Луѓето не го разбираат проблемот со загадувањето на воздухот бидејќи не го гледаат, не можат ни да сфатат какво влијание има врз нивните животи“, вели Геромета. Но, нештата и таму се менуваат.

Според истражувањето на Евробарометар од 2022 година, повеќето Европејци сега сметаат дека респираторните болести предизвикани од загадувањето на воздухот се сериозен проблем. Многу испитаници сметаат дека не се добро информирани за тековните стандарди, но огромното мнозинство вели дека се свесни за проблемот и мислат оти правилата за квалитетот на воздухот треба да се заострат. 

Подетални податоци, како и методологијата користена за оваа анализа, можете да најдете ОВДЕ.

Проектот е резултат на соработка на повеќе медиумски куќи во рамките на Европската мрежа за новинарски податоци.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми