1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема германски тенкови за Полска - како се урива довербата

Франк Хофман
Франк Хофман
30 јули 2022

Полска требаше да добие германски тенкови - замена за оружјето што го испорача во Украина. Берлин не го одржа ветувањето. Особено Социјалдемократите му штетат на имиџот на Германија, смета Франк Хофман.

Фотографија: Armin Weigel/dpa/picture alliance

Ете ја повторно: некадарноста на германската владина политика, особено на Социјалдемократската партија од чиишто редови произлезе канцеларот, кога е во прашање чувствителното постапување со интересите на источна и централна Европа. Полска за 200 испорачани тенкови на Украина од советско производство требаше да добие замена во рамки на НАТО од  партнерска Германија.  Но, разговорите зад кулисите очигледно се неуспешни. Тоа минатиот викенд јавно го кажа полскиот министер за надворешни работи за неделникот „Шпигел”. 

Претходно германското Министерство за одбрана за „Франкфуртер алгемајне цајтунг" мораше да признае дека и со други земји предвидени за таква кружна размена, како Чешка и Словачка, не е постигнат договор за  испорака на тенковите.  А, поминати се повеќе од три месеца откако министерката за одбрана Кристине Ламбрехт и канцеларот Олаф Шолц токму таквата размена ја најавија со помпа. Заради превезот на тајноста, ќе потрае уште некое време додека да се обелоденат сите детали од овој неуспех.

Историски погледнато - чувствителен момент

Со самото тоа како беше објавено во Варшава дека договорот не успеал, може да се прочита меѓу редови што тргнало наопаку. Имено, очигледно се должи на длабоката некадарност на СПД да се стават на местото на ЕУ и НАТО партнерите источно од Одра и да постапуваат соодветно сензибилизирани. Ова им се случува и покрај големиот неуспех на нивната децениска политика спрема Русија и особено во енергетиката, која ја спроведуваше и долгогодишната демохристијанска канцеларка Ангела Меркел. 

Франк Хофман, автор на коментаротФотографија: DW

Германија сѐ повеќе си го прокоцкува угледот во Источна и средна Европа, токму на една од историски погледнато најчувствителните точки во односите со источните партнери. Според член 51 од основните права на ООН, демократски избраната влада во Киев има право да се брани со примена на насилство од нападот од Русија. Балтичките држави, пред сѐ Литванија, но и Полска, Чешка и Словачка од нивното историско искуство правото на самоодбрана го интерпретираат и пошироко: кој не му помага на нападнатиот, е виновен за непружена помош, дури и кога е дел од мирољубивата меѓународна заедница. Затоа Полска најбрзо што можеше испрати 200 тенкови од советско производство во Украина. 

Од Германија пак се слуша повеќе воздржаност отколку решителност за акција. Од воени кругови се вели постојано дека Украинците не знаат да ракуваат со западни борбени системи и дека затоа размената во круг била најдобро решение. Притоа украинската армија токму со од САД испорачаниот артилериски систем ХИМАРС постигнува важни успеси и според сопствени информации изминатите недели уништила 50 непријателски депоа со муниција на окупираната територија од земјата. 

Апсурдна воздржаност

Во овој контекст, застапената  воздржаност во делови од германската социјалдемократија  се чини апсурдна. Слободата на Европа сега се брани во источна Европа, а воено во Украина. Во интерес на сите, а пред сѐ на Германија, е Русија да не ја добие оваа војна.

Во историското гледање на нештата е неспорно дека при разгледувањето на една војна прво се прашува кој го почнал насилството. Во септември 1939. година тоа беа Германците, кои по налог на Хитлер ја нападнаа Полска. Една година пред тоа Германскиот рајх со Договорот од Минхен пред очи на Чехословачка насилно издејствува анексија на Судетскиот регион и неколку месеци подоцна окупираше големи делови од земјата. 

Германија само себеси си наштетува

Во овој контекст меѓународната заедница по Втората светска војна се договори околу наведениот член 51. За земјите од источна и средна Европа кои во Втората светска војна беа сомелени меѓу Хитлерова Германија и Сталиновиот Советски Сојуз, токму тој член е гаранција дека може да живеат во слобода и демократија. Секаква германска воздржаност во Источна Европа се гледа од оваа перспектива. Полска сега ќе се обрати на други партнери во НАТО за да добие замена за тенковите пратени во Украина. Ете го следното рушење доверба од страна на Берлин. Со ваквата политика Германија само наштетува на својата позиција во Европа. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми