1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема веќе увоз на руски јаглен во ЕУ

Бернд Ригерт
10 август 2022

Денеска во ЕУ стапува во сила ембаргото на јаглен од Русија. Јагленот отсега ќе се набавува од други извори, но дали тоа ќе успее?

Kohle Symbolbild Kohleembargo Frachter Kohlefrachter
Фотографија: Malte Ossowski/SVEN SIMON/picture alliance

Од денеска (10.08.2022) во ЕУ веќе не смее да се увезува јаглен од Русија. Ембаргото на руски јаглен е дел од санкциите воведени со цел Русија да се поттикне на окончување на војната против Украина. Одлуката за забрана на увоз беше донесена пред 120 дена, време кое на увозниците, главно термоцентрали и индустриски претпријатија од Германија, Полска, Италија, Холандија, Шпанија и Франција, им беше оставено за да побараат нови снабдувачи. Овие шест земји беа најголемите муштерии на  руски јаглен  во ЕУ. Русија, според податоци од Европската комисија, досега 20 проценти од своето производство на јаглен го пласирала во ЕУ, со што заработувала осум милијарди евра годишно. Обратно, според информациите на Европската служба за статистика, Евростат, околу половина од вкупниот увоз на јаглен во ЕУ отпаѓа на Русија, што сега треба да се смени.

Во меѓувреме се направени напори за замена на рускиот јаглен, сметаат во Здружението на европски снабдувачи со јаглен, Еуракол во Брисел. Трговците со јаглен договориле дополнителни испораки на јаглен од Австралија, Индонезија, САД и Јужна Африка. Кон тоа доаѓа и лигнит од девет други земји, а и Полска ќе испорачува поголеми количества во соседните земји отколку досега.

Има ли доволно јаглен?

Јагленот од преку море стигнува главно во холандските пристаништа Ротердам и Амстердам, како и белгиски Антверпен. Тука се претовара во товарни бродови кои го пренесуваат до електрани или челичарници, пловејќи по реката Рајна или Мас. Обично. Но, во ова врело лето пловидбата поради нискиот водостој на реките е ограничена, така што моментално може да се транспортиа само 30 проценти од вообичаениот товар. Значи, јагленот заглавува во пристаништата. Но, во целина ситуацијата е мирна, вели трговец со јаглен од Амстердам, кој не сака да му се наведува името. Голема навала ќе се случи веројатно во септември или наесен, предвидува тој.

Дали спасот е во Казахстан?

01:34

This browser does not support the video element.

Експертот за прашања од областа на енергетиката во банката Голдман Сакс во Лондон, Саманта Дарт, не гледа опасност од прекин на снабдувањето, но предвидува големи напори. „Јаглен има доволно до крајот на летото, но подолготрајна зависност од јаглен заради надокнадување на гасот, би значела дека Европа некогаш мора да обезбеди дополнителни количества. Тогаш, поради забраната за увоз на руски јаглен, ќе има недостиг“, изјави Саманта Дарт за „Фајненшл тајмс".

Брајан Рикетс од Здружението на европски снабдувачи со јаглен, Еуракол, очекува ЕУ да увезува повеќе јаглен отколку досега, за да го надокнади производството од електраните на гас. „Сметаме дека тоа ќе се случи, зашто до 120 тераватчасови произведена електрична енергија од гас, треба да бидат заменети со онаа што ќе се произведе од камен јаглен и лигнит. Тоа би значело заштеда од околу 22 милијарди кубни метри гас годишно, далеку повеќе од која било друга поединечна мерка.“

Десет најголеми извозници на јаглен во светот

Ќе опстои ли ембаргото?

Според наводи од трговци со јаглен од Ротердам, Аместердам и Антверпен, до крајот на јуни од Русија пристигнале поголем број руски транспортни бродови со јаглен од ланската година. „Пред стапувањето во сила на ембаргото, сите побрзаа да се снабдат дополнително“, вели еден трговец. Но, од јуни бројките на увезениот руски јаглен паѓаат драстично, од денеска треба да стигнат на нула. Од пристаништето во Ротердам велат дека таму нема веќе ни еден единствен брод со јаглен од Русија.

Дали ембаргото ќе се почитува целосно, ќе може да се каже дури тогаш кога свои податоци ќе објават царината и статистичарите, смета Брајан Рикетс. „Царината прилично заостанува со објавувањето на бројките“, вели Рикетс.

Надлежни за контрола на увозот и на пристаништата се членките на ЕУ. „Таквите одлуки беа донесени едногласно од Советот на ЕУ. Се разбира, се очекува тие и да бидат имплементирани, зашто ги донесоа самите членки на ЕУ. Ние ќе ја следиме ситуацијата, но немаме сомнеж во тоа дека членките ќе го спроведат ембаргото“, изјави во петокот Ерик Мамер, портпарол на Европската комисија во Брисел.

Русија планира јагленот кој сега не може да го продава во Европа, да го нуди во Азија. Најголеми купувачи таму се Индија и Кина, која самата искористува 56 проценти од целокупниот јаглен кој се произведува во светот. Уделот на ЕУ во светската потрошувачка на јаглен изнесува околу осум проценти. Долгорочно, ЕУ планира до 2050 година да се откаже од фосилните горива, значи и од јаглен. Но, моментално се случува обратно, неговата потрошувачка расте, зашто мора да биде  замена за рускиот гас  во производството на електрична енергија и на топлина.  Во Германија јагленот  е најважниот поединечен извор при производство на струја, по него следи енергијата од ветер. Експлоатацијата на сопствен јаглен во земјите членки на ЕУ во последните години бележеше силно опаѓање, само Полска и Чешка во ЕУ уште вршат експлоатација на камен јаглен.

Ембаргото на јаглен против Русија  предизвика натамошен скок на неговата цена. Црното злато денес е трипати поскапо отколку пред една година, цената изнесува 316 евра за тон. Највисока цена беше регистрирана во април – околу 400 евра за тон.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми