1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МузикаШвајцарија

Немо го враќа трофејот од Евровизија

СН/агенции | АРД
12 декември 2025

Во знак на протест против учеството на Израел на Евровизиja 2026, минатогодишниот победник Немо го враќа назад својот трофеј. Како причина музичарот на Инстаграм ги наведе постапките на Израел во Појасот Газа.

Швајцарскиот пејач Немо настапува на раскошна сцена на Изборот на песна на Евровизија во 2024 година
Швајцарскиот пејач Немо победи на Евровизија 2024 со песната „The Code“Фотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Поради учеството на Израел на следното издание на Изборот на песна на Евровизија (ЕСЦ), швајцарската музичка ѕвезда и минатогодишен победник, Немо, го враќа трофејот што го освои во 2024 година. „Веќе не чувствувам дека овој трофеј припаѓа на мојата полица“, напиша Немо на Инстаграм. Тој најави дека ќе го врати пехарот во Европската радиодифузна унија (EБУ) во Женева. „Ако вредностите што ги славиме на сцената не се живеат и надвор од сцената, дури и најубавите песни стануваат бесмислени“, објасни Немо.

Немо: Конфликт помеѓу вредноста и одлуката

Станува збор за „фактот дека натпреварот постојано се користи за подобрување на имиџот на држава која е обвинета за тешки злосторства“, напиша Немо. Тој истакна дека истражната комисија на Советот на ОН за човекови права заклучила дека израелските власти и безбедносните сили извршиле геноцид во војната во Појасот Газа. Израел категорично ги отфрла обвинувањата на ова тело на ОН.

Како Евровизија не успева да биде „аполитичка“

00:56

This browser does not support the video element.

Немо напиша дека според организаторите на EСЦ, настанот претставува единство, инклузивност и достоинство, но дека учеството на Израел укажува на конфликт помеѓу тие вредности и одлуките на EБУ.

Повеќе земји го бојкотираат EСЦ

Членовите на EБУ минатата недела дадоа зелено светло за учеството на Израел. Како објаснување, беше наведено дека најголемиот музички спектакл во светот е настан на јавните радиодифузери и дека не треба да има врска со политиката. Како одговор, радиодифузерите од Шпанија, Холандија, Ирска, Словенија и Исланд најавија дека ќе го бојкотираат ЕСЦ 2026 во Виена.

Сепак, германскиот АРД ја поддржа одлуката да му се дозволи на Израел да учествува и експлицитно ја поздрави одлуката на EБУ. „Многу ни е мило што на крајот правилата, вредностите и непристрасноста на јавните медиуми беа посилни од емотивните јавни дебати на денешницата“, рече директорката на БР, Катја Вилдермут. Таа е член на Извршниот одбор на Европската радиодифузна унија како претставник на АРД и ЦДФ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми