Пред самитот на НАТО: Смртоносни руски напади врз Украина
6 јули 2026
Во пресрет на самитот на НАТО во Турција, Русија изврши нов бран силни напади врз украинските градови. Кратко по полноќ, противвоздушната одбрана прогласи воздушна тревога во речиси сите региони на Украина, а од Киев беа пријавени силни експлозии.
Властите и медиумите известија за бројни погодоци во главниот град и неговите предградија. Според нив, биле оштетени повеќе објекти, најмалку девет лица загинале, а 46 други биле повредени. Илјадници луѓе побегнале во станиците на подземната железница за да се засолнат од нападите, објави информативниот портал Киев Индепендент.
Според извештаите, во Киев биле погодени станбени згради во повеќе градски населби. Една повеќекатница делумно се урнала, при што во средината на зградата се појавила огромна дупка. Постојат стравувања дека под урнатините има затрупани лица.
„Тоа е типично за Путин“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски уште вечерта во видеообраќање предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да нареди нов бран воздушни напади уште пред утрешниот почеток на самитот на НАТО во Турција.
Тој се повика на информации добиени од украинското разузнавање.
„Тоа е сосема во стилот на Путин – веднаш по американскиот Ден на независноста (4 јули) и пред самитот на НАТО во Анкара“, рече Зеленски, додавајќи дека Путин сака „да предизвика уште поголема несреќа и да убива луѓе“.
Според првичните информации, напаѓачите во текот на ноќта, покрај бројни беспилотни летала, употребиле и десетици крстосувачки ракети и други видови ракети.
Во своето видеообраќање Зеленски апелираше до партнерите на Украина порешително да ја поддржат одбраната на земјата.
„Секое одложување во испораката на ракети за нашата противвоздушна одбрана и за системите ‘Патриот’ чини човечки животи и ја охрабрува Русија да ја продолжи војната“, изјави тој.