Делегација на ЕП во Србија среде отворен судир со власта
22 јануари 2026
Иако посетата беше најавена уште есента минатата година, српската власт веќе со недели ја користи како повод за дополнително поттикнување на антиевропско расположение. Во прв момент се создаде впечаток дека посетата целосно ќе биде игнорирана, но сега е извесно дека делегацијата ќе ја пречекаат министрите Марко Ѓуриќ и Немања Старовиќ, како и раководителите на пратеничките групи на владејачката коалиција.
Планирани се и средби со претставници на опозициските партии, универзитетската заедница, медиумите и граѓанските организации.
Реторика на врвот на власта: „Непоканети и непожелни“
Политичко-таблоидната кампања ја започнаа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ. Откако првично тврдеа дека посетата не била најавена, подоцна признаа дека тоа не е точно, но сепак оценија дека делегацијата пристигнува „непоканета“.
Вучиќ изјави дека во Белград доаѓаат „луѓе кои ја мразат Србија“ и порача дека не сака ниту да ги види ниту да разговара со нив. Во деновите на посетата, тој ќе престојува во Давос, додека Брнабиќ ќе биде во официјална посета на Естонија.
Европратениците во Резолуцијата на Европскиот парламент за Србија, донесена кон крајот на октомври, поддржаа итно распоредување ад хок мисија на ЕУ за утврдување на фактите во земјата. Целта е на терен да се процени состојбата со демократијата, тековните протести, нападите врз демонстрантите и репресијата врз студентите, академиците, просветните работници и вработените во јавниот сектор.
„Лош ученик кој ги обвинува наставниците“
„Ставот на власта личи на однапред поставено дистанцирање од резултатите на оваа посета“, изјави за Дојче Веле, Душко Лопандиќ, потпретседател на Европското движење во Србија и потпретседател на партијата СРЦЕ.
Според него, тоа е јасен показател за натамошно напуштање на европскиот пат: „Иако станува збор за репрезентативна делегација, власта ја претставува посетата како заговор на Тонино Пицула и Хрватска. Тоа личи на пропагандно извртување на реалноста – како лош ученик кој тврди дека го мразат наставниците и професорите“.
Лопандиќ додава дека ниту една од забелешките наведени во Резолуцијата на Европскиот парламент не е отстранета, а дека продолжуваат одмаздата и репресијата кон оние кои ги поддржаа протестите.
Србија под лупа на ЕУ и НАТО
Претседателката на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија, Соња Бисерко, предупредува дека ваквите реакции не наликуваат на однесување на држава кандидат за членство во ЕУ.
„Ова е проценка на реформскиот напредок, а реформи практично нема. Србија, освен на декларативно ниво, не се движи кон ЕУ, туку ја интересира единствено финансиската поддршка. Доаѓа до колапс и на меѓународната и на внатрешната политика, поради што земјата е под лупа на ЕУ и НАТО“, оценува Бисерко.
Изгубената европска поддршка и кризата на режимот
Според Лопандиќ, непријателскиот став на Вучиќ кон Европскиот парламент е резултат на комбинација од психолошки фактори и сознанието дека ја има загубено поддршката во европските институции.
„Неговиот рејтинг е исклучително низок во европските кругови, па затоа надежта ја насочува кон политиката на Доналд Трамп и отворената поддршка на Виктор Орбан, што е спротивно на ставот на Европската народна партија“, вели Лопандиќ.
Бисерко оценува дека Вучиќ со ова ја разоткрива својата вистинска ориентација: „Тоа е политика што го користи Западот како банкомат, а суштински се потпира на Русија. Отпорот кон правната држава, плурализмот, слободните медиуми и критичкото мислење излегува на површина“.
Губење на монополот врз комуникацијата со Западот
Реформата на правосудството е клучен услов за европските интеграции, а токму тука особено внимание предизвикаа законските измени со кои, според критичарите, се ослабува борбата против криминалот и корупцијата.
Средбата на германската амбасадорка Анке Конрад со врховната јавна обвинителка Загорка Доловац предизвика жестоки реакции од владејачките структури. Конрад изрази загриженост за предложените законски измени, што Ана Брнабиќ го оцени како „шокантно“, а пратеникот на СНС, Углеша Мрдиќ, како „срамно“.
„Власта е исклучително иритирана кога европските претставници разговараат и со други актери во Србија“, укажува Лопандиќ.
Игри со евроскептичната јавност
Дел од проевропската опозиција ќе има посебни средби со делегацијата на Европскиот парламент, додека некои партии се против каков било дијалог со европските институции.
„ЕУ не беше доволно критична, но и опозицијата не беше доволно силна“, признава Бисерко, додавајќи дека изборниот процес е сериозно нарушен и дека антиевропската кампања дала резултати.
„Се игра на картата на евроскептичната јавност, која во Србија е посилна отколку во другите земји од регионот. Сепак, ЕУ останува клучен и единствен сериозен партнер за реформи и демократски напредок“, заклучува Лопандиќ.