1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Руска стратегија за Балтикот

Мануел Бевардер | Флоријан Фладе | ВДР/НДР | Палина Милинг (АРД)
27 април 2023

Досега непознати документи од Кремљ го опишуваат начинот на кој Москва сака да го обнови влијанието врз Балтикот. Според мислење на стручњаци, напорите на Русија досега не вродиле со плод.

 Вилнус, Литванија
Порака пред руската амбасада во Вилнус, Литванија: „Путин, Хаг те чека!“Фотографија: David Ehl/DW

Во главниот град на Литванија, Вилнус, на еден облакодер веќе со месеци стои транспарент: „Putin, The Hague is waiting for you!" („Путин, Хаг те чека!"). Истото го пишува и на асфалтот пред руската амбасада. Очигледно е дека овде, во руското соседство, им е важно да му покажат на агресорот во Кремљ дека ќе му се спротивстават. Литванската влада јасно застана на страната на Украина и ги замрзна целосно односите со Русија.

Таква политика водат и другите две балтички држави, Летонија и Естонија. Трите земји од Балтикот посебно се агилни во воведувањето и примената на санкциите на Европската унија против Русија. Многу пред нападот на Русија на Украина, тие предупредуваа на агресивниот курс на Кремљ.

Балтикот е во близина на Русија и Москва со години се обидува да го зголеми своето влијание во тоа подрачје. Така барем пишува во стратешкиот документ кој досега не ѝ беше познат на јавноста, а кој наводно потекнува од Кремљ.

Германските покраински јавни телевизии во соработка со весникот „Зиддојче цајтунг“ и други медиумски партнери оваа година известуваа за слични документи и планови за дестабилизација и јакнење на влијанието во Белорусија и Молдавија. Тој медиумски конзорциум сега претставува нов документ кој се однесува на Балтикот.

Документот веројатно настанал летото 2021 година

Во овој документ, кој што очигледно е напишан во летото 2021 година, не станува збор за планови за припојување на земјите како во однос на Молдавија, туку за стратегија за јакнење на влијанието и намалување на ангажманот на НАТО во Балтикот.

Некои методи се слични во двата случаи, на пример, поддршка на проруските сили. Москва најавува намера да се спротивстави на наводната дискриминација на граѓаните чиј мајчин јазик е руски. Но, во документите постојат и многу специфични пристапи за одделни земји. Така, во Литванија посебно внимание би требало да се посвети на јакнење на поврзаноста на „руските сонародници и нивната историска татковина.“

Освен тоа, изгледа дека Кремљ посебно внимание посветува на балтички организации кои имаат симпатии кон Русија. Се планира востановување „јавни структури, фондации и невладини организации“ кои ќе ја зајакнат соработката со Русија. Долгорочно, цел е „повторно да се воспостави“ однос на Русија со Литванија, Летонија и Естонија. 

Како и неодамна во судирот со Запад, Кремљ очигледно во енергенсите гледа можно средство за вршење притисок врз балтичките држави. Електричната мрежа на тие земји уште е тесно поврзана со Русија. Но тие одамна вложуваат напори за стекнување енергетска независност од Русија. Авторите на документот опоменуваат дека Кремљ со тоа би можел да го загуби решавачкиот лост на моќ. 

Електричната мрежа на балтичките земји уште е тесно поврзана со РусијаФотографија: Petras Malukas/AFP/Getty Images

НАТО во фокусот на вниманието

Една од главните теми во документите на Кремљ е НАТО. Авторите укажуваат дека воениот сојуз не би требало да се зацврсти во регионот. Слични формулации се користени и во стратешките документи за Белорусија и за Молдавија.

Во балтичките држави би требало да се „спречи изградба на бази на НАТО“, стои во документот. За Литванија, балтичка земја со најбројно население, се споменува поставување противракетни системи од среден дострел во режија на НАТО. И навистина, проруски политичари веќе одамна ја мобилизираат јавноста преку пропагандни канали и на социјалните мрежи, ширејќи дезинформации за проширување на воени полигони во балтичкиот регион.

Документите наводно настанале во Дирекцијата за прекугранична соработка на руската претседателска администрација. Тоа е некој вид аналитички центар на Кремљ, чија задача е изработка на стратегија за оние руски соседи во кои Москва сака да го зголеми влијанието.

„Геополитичко понижување“

Во 1990-те години токму Литванија, Естонија и Летонија со своите стремежи за независност го означија почетокот на крајот на Советскиот Сојуз. Кај-Олаф Ланг, експерт за Балтикот во германскиот аналитички центар „Фондација наука и политика“, вели дека пропаста на Советскиот Сојуз Кремљ до денес ја сфаќа како „геополитичко понижување“. Путин распадот на Советскиот Сојуз го нарече „најголемата геополитичка катастрофа“ на минатиот век. Затоа не треба да чуди тоа што Москва настојува повторно да го зајакне своето влијание во Балтикот, вели експертот.

Волфганг Ишингер, долгогодишен раководител на Минхенската безбедносна конференција: Москва ги покажува нејзините великодржавни фантазииФотографија: Lu Yang/Xinhua/picture alliance

Западни безбедносни стручњаци со кои разговарал новинарскиот истражувачки тим сметаат дека документот е автентичен. Волфганг Ишингер, бивш дипломат и долгогодишен раководител на Минхенската безбедносна конференција, вели: „Тоа што Москва воопшто се обидува да влијае врз независни нации во толкав обем, ги покажува нејзините великодржавни фантазии.“

Висок по ранг припадник на западна тајна служба вели: „Не станува збор за тоа во тие земји насилно да биде срушен поредокот. Наместо тоа, Русија се обидува со хибридни методи да го обезбеди влијанието, поддржувајќи проруски партии и обраќајќи им се на луѓето со двојно државјанство.“ Но, според него, тоа досега не донесло значајни резултати.

Си го знаеме нашиот сосед“

Премиерката на Литванија, Ингрида Шимоните, изјави дека тој документ за неа „не е изненадување“ и го смета за автентичен. Таа додава дека нејзината земја ќе преземе сѐ што е во нејзина моќ за што поскоро да стане енергетски независна од Русија.

Шефот на летонската влада Кришјанис Каринш нагласува дека неговата земја од стекнувањето на независност е соочена со желбата на Русија да ја зајакне својата позиција во соседните земји. Но, тој додава: „На меѓународен план Летонија активно се залага за изолација на Русија.“

Премиерката на Естонија, Каја Калас, констатира: „Си го знаеме нашиот сосед“. Таа својата задача ја гледа во тоа „да ги поделиме своите сознанија за руските акции за да се спротивставиме на директни и индиректни обиди за ширење на влијание.“

Припадник на една западна тајна служба укажува дека плановите на Кремљ досега не вродија со плод. Наместо тоа, балтичките држави по рускиот напад врз Украина уште повеќе се потпреа на Запад.

Руската претседателска администрација не одговори на прашањата на новинарите во врска со овој документ.

Покрај новинари од германските јавни сервиси ВДР и НДР, како и весникот „Зиддојче цајтунг“, во истражувањето биле вклучени и следните медиуми: Делфи Естонија, Јаху њус, Киев индепендент, ЛРТ, Експресен, Фронтстори, ВСКвер, Досие центар и РеБалтика.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми