Несреќа при огномет: 19 лица повредени во Дизелдорф
19 јули 2025
Огнометот на Рајнкирмес во Дизелдорф, еден вид градски панаѓур, повреди 19 лица, од кои четворица сериозно.
Службите за итни случаи ги потврдија повредите доцна во петокот откако ракетите, според сведоците, експлодирале невообичаено блиску до земјата. Според полицијата во градот во западна Германија, меѓу повредените има и најмалку едно дете.
Очевидци изјавија за германскиот јавен радиодифузен сервис ВДР дека некои ракети летале накосо наместо нагоре и детонирале ниско, а неколку дури паднале во реката Рајна. Едно видео од другата страна на реката покажува експлозии кои истовремено го осветлуваат и небото и земјата.
„Бев на панаѓурот и го гледав огнометот“, рече еден посетител. „Некои ракети летаа изненадувачки ниско и експлодираа блиску до луѓето. Се прашував дали е премногу блиску до толпата.“
Пожарникарите веруваат дека некои од ракетите можеби скршнале од курсот, а една директно погодила толпа луѓе што го гледале огнометот.
Организаторите првично го држеа панаѓурот отворен за да избегнат паника, но решија да го завршат порано, околу 22.45 часот. Настанот требаше да трае до раните утрински часови.
Рајнскиот панаѓур, Рајнкирмес, најголемиот настан што се одржува на реката, има корени во годишната прослава на светецот заштитник на градот, Аполинар. Рајнкирмес започна на 11 јули и треба да заврши во недела.