1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Нетанјаху не се откажува од офанзива во Рафах

ЖА /АРД
9 април 2024

Израелскиот премиер Бенјамин Нетајаху и натаму планира да го заземе Рафах и да започне офанзива, за што има одредено и датум, но тој не го соопшти. Меѓународната критика расте, дури и кај неговите сојузници.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјахуng
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху останува цврсто на својата линијаФотографија: Ronen Zvulun/AFP/Getty Images

Ќе има ли офанзива во Рафах или не? Со недели набљудувачите нагаѓаат дали Израел навистина ќе ги спроведе во дело своите најави за копнена офанзива во јужниот дел од Појасот Газа. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој го најави овој чекор во борбата против радикално исламистичкиот Хамас, вели дека терминот за офанзивата е одреден: „За постигнување победа е неопходно заземање на Рафах и елиминирање на тамошните терористички баталјони. Тоа ќе се случи, постои и датум“.

САД и Германија се против офанзива

Со тоа Нетанјаху останува цврсто на својата линија, иако неодамна и САД и Германија по којзнае кој пат го предупредија да не се впушта во копнена офанзива од големи размери во Рафах. Со оглед на 1,5 милиони Палестинци, кои избегаа во Рафах,  САД „на Израел јасно му ставиле на знаење  дека од нивен аспект, голема воена инвазија во Рафах несомнено ќе има штетни последици за овие цивили и крајно ќе наштети на  безбедноста на Израел“,  изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи, Метју Милер, реагирајќи на најавите на Нетанјаху. На американската влада не ѝ е соопштен никаков термин за почеток на израелска офанзива во Рафах, додаде портпаролот. 

Во Израел продолжуваат протестите за ослободување на заложниците и против премиерот НетанјахуФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/dpa/picture alliance

Американскиот претседател Џо Бајден  пред неколку дена го предупреди Нетанјаху дека инвазијата без претходно евакуирање на цивилите за него би била „црвена линија“. По повлекувањето на израелските трупи од јужниот дел на Појасот Газа, десно екстремистичкиот коалициски партнер на Нетанјаху во владата, Итамар Бен-Гвир на платформата Х напиша: „Ако премиерот реши да ја заврши војната без офанзива од широки размери во Рафах за решително да го порази Хамас, нема веќе да има мандат за  да остане на премиерската функција.“

Франција, Египет и Јордан повикуваат на разум

Израелската влада сѐ повеќе е  изложена на критика  поради својата воена политика во Појасот Газа. Челниците на Франција, Египет и Јордан заеднички упатија повик за итен прекин на огнот. „Војната во Газа и со неа поврзаните катастрофални човечки страдања мора итно да завршат“, напишаа францускиот претседател Емануел Макрон, неговиот египетски колега Абдел Фатах ал-Сиси и јорданскиот крал Абдула Втори во нивниот прилог објавен во повеќе весници.

Тројцата државници побараа безусловно да се спроведе повикот на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот, исто како и ослободувањето на израелските заложници од рацете на  радикално исламистичкиот Хамас.

Во преговорите за примирје и размена на заложниците со палестински затвореници и натаму нема никаков договор. Според еден претставник, Хамас ги отфрлил најновите предлози на Израел. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми