Нетанјаху му се заканува на Хезболах
29 ноември 2024Израелскиот премиер Бенјамин Нетанjaху во интервју за Канал 14 соопшти дека ѝ дал инструкции на армијата да се подготви за „интензивна војна“ во случај Хезболах да го прекрши примирјето во Либан. Притоа, шефот на израелската влада остави отворено што точно подразбира под прекршување на договорот.
Откако примирјето стапи на сила во средата наутро (27.11), интензивните меѓусебни напади престанаа. Оттогаш, израелската војска пријави неколку инциденти и вели дека повремено преземала мерки против членовите на милицијата Хезболах поради прекршување на прекинот на огнот. Истовремено, либанската армија ја обвинува израелската војска за прекршување на договорот.
ЕУ: Прекинот на огнот е одлучувачки
Европската унија ги повика Израел и Хезболах да се држат до прекинот на огнот. Тоа е одлучувачко за безбедноста на луѓето во Либан и во Израел и за враќање дома на протераните на двете страни од границата, изјави првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел. Според него, суверенитетот на двете држави мора да се почитува целосно и мора да престанат прекуграничните напади.