1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Нетанјаху најави крај на интензивните борби во Газа

СН/агенции
24 јуни 2024

Според израелскиот премиер, најжешката фаза од борбите во Газа е при крај. Но, војната е далеку од завршена. Наместо тоа, силите сега би можеле да бидат преместени на север - кон Либан.

Израелскиот премиер вели дека прекинот на интензивната операција во Рафах ќе му овозможи на Израел да ги прераспореди своите сили на север
Израелскиот премиер вели дека прекинот на интензивната операција во Рафах ќе му овозможи на Израел да ги прераспореди своите сили на северФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/dpa/picture alliance

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека „интензивните“ борби против палестинскиот Хамас во Рафах, на југот на Појасот Газа, каде израелската армија спроведува копнена офанзива, „наскоро ќе заврши“.

„Наскоро ќе заврши интензивната фаза од борбата против Хамас. Ова не значи дека војната ќе заврши наскоро, но војната во нејзината интензивна фаза наскоро ќе заврши“, рече Нетанјаху во интервју за израелскиот Канал 14.

„На крајот на интензивната фаза ќе можеме да прераспоредиме некои сили на север и тоа ќе го направиме, главно за одбранбени цели, но и за да ги вратиме раселените жители во нивните домови“, додаде премиерот, кој го даде својот прво интервју за израелски телевизиски канал од почетокот на војната против Хамас на 7 октомври. 

Нетанјаху денеска изјави и дека Израел е подготвен накратко да ги прекине борбите во Појасот Газа во замена за враќање на голем број заложници кои ги држи Хамас, но дека нема да се обврзе на целосен прекин на огнот „пред да се постигнат целите на војната".

Агонијата на семејствата на заробените Израелци продолжува

01:55

This browser does not support the video element.

„Подготвен сум да се согласам со делумен договор кој ќе ги врати дома некои од нашите заложници“, нагласи тој во интервјуто за Канал 14.

Тој изјави дека „обврска“ на Израел е да продолжи да се бори по паузата за да ја исполни целта да го уништи Хамас.

„Не сум подготвен да се откажам од тоа“, порача Нетанјаху. „Целта е да се повлечат заложниците и да се искорени режимот на Хамас во Газа“, додаде тој.

Зборувајќи за можноста за војна против Хезболах, Нетанјаху рече дека се надева оти нема да има потреба од тоа, но дека и Израел ќе се соочи со тој предизвик.

„Можеме да се бориме на повеќе фронтови, подготвени сме за тоа“, нагласи тој.

Тој додаде дека Израел ќе го спроведе секој договор со Хезболах за да се осигура дека силите на групата не се на границата, додавајќи дека тоа нема да биде договор на хартија.

„Тоа ќе вклучува физичко дистанцирање на Хезболах од границата и ние ќе мора да го спроведеме. Посветени сме на враќање на жителите од северот во нивните домови“, рече Нетанјаху.

Израелските власти се заканија со воена офанзива против Либан доколку Хезболах не се повлече од граничниот појас со Израел.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми