1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Дали Турција е следната мета на Нетанјаху?

БГ /АФП
20 август 2026

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред изборите ја насочува реториката кон Турција, додека се продлабочуваат тензиите меѓу Анкара и Тел Авив околу Сирија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и турскиот претседател Реџеп Ердоган во Њујорк. септември 2023
Бенјамин Нетанјаху и Реџеп Ердоган веќе подолго време водат остри вербални војниФотографија: AK Party/Zuma/picture alliance

По повеќе од две години воени напади врз непријателите на Израел низ Блискиот Исток, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој се соочува со тешка изборна трка за реизбор, сѐ повеќе го насочува вниманието кон уште еден, според него, противник – Турција.

Во вторникот, израелски воени авиони бомбардираа база во северна Сирија, на кратко растојание од турската граница.

Нетанјаху изјави дека Турција се обидува да воспостави воено присуство во таа област и дека, откако Анкара ги игнорирала предупредувањата на Израел, „се погриживме да разберат појасно“.

Од своја страна, израелскиот министер за одбрана Израел Кац го обвини турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека „ја вовлекува Турција во опасни авантури во Сирија“.

Во пресрет на изборите закажани за 27 октомври, кампањата на Нетанјаху постави билборди со фотографии на неколку светски лидери, меѓу кои и Ердоган, со пораката: „Тие сакаат Нетанјаху да загуби.“

Ердоган е меѓу најострите критичари на израелската масовна офанзива во Појасот Газа по нападот на Хамас од 7 октомври 2023 година. Односите меѓу двете земји дополнително се влошија поради агресивното пресретнување од страна на Израел на активистички флотили од Турција кои се обидуваа да достават хуманитарна помош во Газа.

Сепак, за разлика од некои други земји кои беа цел на напади од страна на владата на Нетанјаху, како што е Иран, Турција располага со моќни сојузници. Таа е членка на НАТО, а Ердоган одржува блиски односи со американскиот претседател Доналд Трамп, чиј амбасадор во Анкара ги осуди израелските напади.

Односите меѓу Турција и Израел, исто така, се посложени отколку што изгледаат на прв поглед. Турција беше првата држава со мнозинско муслиманско население што го призна Израел, а двете земји долго време имаа развиени трговски врски. Сепак, за време на војната во Газа, Анкара соопшти дека ќе ги прекине сите деловни односи со Израел.

Јаир Голан, лидер на израелската опозициска партија Демократи, оцени дека нападот во Сирија бил „провокативен и опасен“, предупредувајќи дека тој „нѐ приближува до конфронтација со Турција и го продлабочува јазот со нашите сојузници, пред сѐ со САД“.

„Уште еднаш, воената сила се користи за политички цели, а уште еднаш Израел плаќа безбедносна цена“, изјави Голан.

Широко распространети сомнежи кон Ердоган

Ердоган, кој им дозволи на лидерите на Хамас да престојуваат во Турција, има бројни критичари во Израел и надвор од кругот на поддржувачи на премиерот. Нафтали Бенет, поранешен израелски премиер и опозициски политичар од десниот центар, претходно годинава го обвини Нетанјаху дека ја игнорира „новата турска закана“ бидејќи е фокусиран исклучиво на Иран. 

Турскиот претседател Ердоган одржува блиски односи со американскиот претседател Доналд Трамп. Фотографија: Yoan Valat/AFP

Галија Линденштраус, виш истражувач во Институтот за национални безбедносни студии во Тел Авив, изјави дека бескомпромисната реторика на Ердоган не придонесува за намалување на израелската загриженост.

„Постојат и стравувања дека, како што Турција му обезбедува засолниште на Хамас, би можела да им дозволи на вооружени групи да дејствуваат во Сирија и во иднина да претставуваат закана за Израел“, изјави таа.

Сепак, Линденштраус посочи дека Израел, кој воспостави она што го нарекува безбедносна зона во јужна Сирија, генерално ги прифаќал турските интереси во северниот дел од земјата.

„Се гледа дека Нетанјаху ја користи антитурската карта. Мислам дека ја гледа како можност да ја обедини својата политичка база околу себе“, рече таа.

Според Ѓонул Тол, виш соработник во Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон, Нетанјаху се соочува со критики од опозицијата дека не ги остварил целите на бројните воени кампањи, како што се соборувањето на исламската република во Иран или уништувањето на Хамас.

Во САД, и покрај тоа што Ердоган има многу критичари, секој подиректен потег против Турција би можел да направи Нетанјаху да изгледа како „непромислен лидер кој е подготвен на сѐ за да остане на власт“, смета Тол.

„Доколку ја премине таа граница, мора да разбере дека тоа нема да биде добро за него, бидејќи тука е и непредвидливиот фактор Трамп, а Нетанјаху не може да смета на неговата поддршка“, вели таа.

Тол смета дека турското негирање на израелските обвинувања е обид за намалување на тензиите.

„Ердоган, како популистички лидер, можеше веднаш да заземе поостар став и да каже дека ќе нападне и ќе возврати. Но, тој не го направи тоа“, додаде таа.

Сирија во средиштето на ривалството

Интересите на Турција во Сирија традиционално се поврзани со спречување на прелевање на конфликтот преку активностите на курдските вооружени групи.

Но денес, според Тол, приоритет на Анкара е обновата на сириската економија за да се овозможи враќање на бегалците, како и создавање силен регионален сојузник во време кога Грција, Кипар и Израел ѝ се спротивставуваат на Турција во источниот Медитеран.

Турција силно го поддржува сирискиот претседател Ахмед ал Шара, поранешен сунитски џихадист, чии бунтовнички сили кон крајот на 2024 година го соборија долгогодишниот владетел Башар ал Асад, со што беше ставен крај на бруталната граѓанска војна.

За Сирија, клучниот предизвик е да не стане арена за туѓи судири, смета Махер Тамран, писател и политички истражувач од Дамаск.

„Таа мора да го искористи турско-израелското ривалство за повторно да го зацврсти сирискиот суверенитет“, изјави тој.

Според Тамран, и Турција и Израел „се согласуваат околу потребата од стабилна Сирија, но се разликуваат во дефиницијата за тоа што претставува стабилност“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми