1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Нетанјаху сакаше раскол меѓу Палестинците и го подели Израел

Феликс Тамсут
26 јануари 2024

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сакаше да го одржи Хамас во живот за да спречи единствена палестинска држава. По терористичките напади на 7 октомври, Израел е конфронтиран со слабостите на тој план.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Како ќе биде запишан во историјата? Израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/dpa/picture alliance

Во конфликтот меѓу Израел и Палестинците, премиерот Бенјамин Нетанјаху по секоја цена се обидува да зачува статус-кво . И тоа покрај неговиот познат говор на Универзитетот Бар Илан во 2009 година, кога начелно се согласи за формирање на палестинска држава.

Неговите потези, пак, покажуваат дека Нетанјаху и неговите влади се повеќе заинтересирани за одржување на внатрешниот палестински конфликт меѓу Хамас и Палестинската ослободителна организација (ПЛО), дури и по цена да го одржи Хамас во живот.

Хамас е милитантна исламистичка група која државата Израел сака да ја елиминира. Германија, ЕУ, САД и некои арапски земји го класифицираа Хамас како терористичка организација.

Според десничарската интернет страница Мида, Нетанјаху во 2019 година им рекол на своите партиски претставници дека мора да му се дозволи на Хамас да добива пари од Катар бидејќи тоа е клучен начин да се спречи палестинска држава. 

Како изгледа Газа по речиси три месеци војна?

01:03

This browser does not support the video element.

„Тоа е дел од нашата стратегија - да се поттикне поделба меѓу Палестинците во Газа и на Западниот Брег“, рекол Нетанјаху.

Во последните години, голем дел од израелското општество беше рамнодушно кон оваа тактика на својот премиер. Но, сè се промени на 7 октомври, 2023.

Промена на концептот: Потребни се различни решенија

Еден од најчестите изрази користени во Израел по терористичките напади на Хамас е „шинуи концепзија“, што значи промена на концептот. Луѓето очекуваат различни решенија од оние кои ги нудат политичарите од двете страни на спектарот. А, Нетанјаху сѐ уште не понудил ново решение.

Дополнително, мора да се каже дека голем дел од израелското општество не верува дека воопшто постои решение, како што забележа и американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Либералните и левоориентираните Израелци бараат избори - бараат смена на Нетанјаху. Неговата влада, во која има екстремни десничари, се обидува да ја искористи војната за повторно воспоставување на израелските населби од кои луѓето беа евакуирани кога Израел се повлече од Појасот Газа во 2005 година.

Многу Израелци сакаат пред сѐ едно: заложниците киднапирани од Хамас на 7 октомври, 2023 конечно да бидат ослободени - протест во Тел Авив на 14 јануари 2024Фотографија: Amir Levy/Getty Images

Самиот Нетанјаху во неколку наврати изјави дека Израел нема намера да ги обнови тие населби. Но, неговите коалициски партнери, предводени од екстремно-десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, ги обиколуваат телевизиските студија и бараат таканаречено „доброволно иселување“ на Палестинците од Појасот Газа.

Нетанјаху не ја контролира сопствената влада

Подемот на Бен-Гвир покажува и дека Нетанјаху ја загубил контролата над сопствениот кабинет. Претходно, сите политички партии, вклучувајќи ја и Ликуд на Нетанјаху, јасно ги одбиваа радикалните елементи од израелската десница.

А, тогаш Нетанјаху јавно го поддржа Бен-Гвир, најпознатиот екстремен десничар, за да обезбеди сопствен политички опстанок. Така, тој му даде политички легитимитет на човекот кој беше законски осуден за поддршка на една терористичка група.

Анкетите велат дека поддршката за Нетанјаху опаѓа, додека екстремната партија Еврејска моќ предводена од Бен-Гвир веројатно ќе освои уште повеќе места во парламентот, од сегашните шест.

Во подем: Екстремно-десничарскиот министер за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-ГвирФотографија: Abir Sultan/AP Photo/picture alliance

Што и да се случи - израелското општество по 7 октомври станува многу поинакво отколку што беше во политичка и во секоја друга смисла. Во овој контекст, ќе ги оценат и најновите најави на Нетанјаху дека Израел мора да врши безбедносна контрола над Газа кога ќе заврши војната.

Местото на Нетанјаху во историјата ќе го одредат одговорите на две прашања: Дали Хамас и натаму е закана за Израел? И дали заложниците, кои сѐ уште се во рацете на Хамас, ќе се вратат дома живи и здрави?

Нетанјаху е лидер со најдолг стаж во Израел и честопати велеше дека сака да биде запаметен како „бранител на Израел“. Но, ако неговата влада не ги постигне целите за кои јавно се залага, негово наследство ќе биде тоа што ја започна првата војна која земјата ја загубила.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми