Нетанјаху во посета на Трамп: Дали ќе има договор за Газа?
29 септември 2025
Речиси две години по почетокот на војната во Газа, американскиот претседател Доналд Трамп сака да му претстави на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху конкретен план за прекин на крвопролевањето. Консултациите се „во завршна фаза“, рече Трамп за порталот Аксиос. Арапскиот свет сака мир, исто како и Израел, додаде тој. Според наводи во медиумите, предлог-планот од 21 точка тој ќе го претстави денеска околу 11:00 часот локално време (17:00 часот по средноевропско време) во Белата куќа.
Сеопфатен план за реорганизација во Газа
Според израелски и американски наводи, планот предвидува итно ослободување на преостанатите заложници кои се во рацете на исламистичкиот Хамас - во замена за стотици палестински затвореници - како и повлекување на израелската армија од Појасот Газа. Терористичката организација Хамас веќе не треба да игра улога во управувањето со крајбрежниот појас, а на Израел му се забранува анексија на територијата. Наместо тоа, Појасот Газа треба да биде управуван од привремена влада на палестински технократи под надзор на меѓународно тело.
Дел од планот, според истите извори, се и реконструкција и економски развој на уништениот крајбрежен регион. Палестинското население треба да биде охрабрено да остане во Појасот Газа и да создаде подобра иднина таму. Хамас треба да се разоружа, а меѓународни безбедносни сили да го одржуваат редот и мирот додека се обучуваат палестински полициски сили.
Нетанјаху може да си замисли безбеден премин за лидерите на Хамас
Нетанјаху за американската телевизија Фокс њус изјави дека под одредени околности се подготвени да им овозможат на лидерите на Хамас безбеден премин во странство. Доколку стават крај на војната и ги ослободат сите заложници, ќе им биде дозволено да си одат, рече тој. Хамас досега категорично отфрла да го положи оружјето.
Како дел од планот се наведува и перспективата за идна палестинска држава како резултат на мировни преговори со посредство на САД. Палестинските автономни власти кои управуваат со Западниот Брег треба да спроведат програма за реформи за подоцна да може да ја преземат и контролата врз Појасот Газа. Нетанјаху жестоко се противи на овие две работи.
Официјална реакција од Израел за планот ќе има дури по состанокот, можеби дури и по враќањето на Нетанјаху во Израел. Од Хамас во неделата (28.09) соопштија дека сè уште не добиле никаков предлог.
Трамп зборува за „шанса за вистински мир“
Трамп во врска со своите напори за Аксиос вели: „Сите се собраа за да постигнат договор, но треба да го финализираме“. Соработката со арапските земји била „фантастична“, вели американскиот претседател. Тој очекува дека Хамас ќе им се придружи, бидејќи има голем респект спрема арапскиот свет. „Арапскиот свет сака мир, Израел сака мир и Биби сака мир“, вели Трамп.
Ако се успее во постигнувањето договор, американскиот претседател смета дека од него нема да профитира само Израел. „Тоа ќе биде првата шанса за вистински мир на Блискиот Исток. Но, прво мора да стигнеме до таму“, вели тој за Аксиос.
Според потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, во моментов се водат преговори меѓу претставници на арапските земји, Израел и владата на САД. Специјалниот пратеник Стив Виткоф и американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио ги водат разговорите од американска страна, рече Венс за Фокс њус. Венс е оптимистичен, но нагласува дека преговорите би можеле и да пропаднат во последен момент.
Ултрадесничарите го зголемуваат притисокот врз Нетанјаху во пресрет на состанокот
Ултрадесните коалициски партнери на Нетанјаху и претставници на еврејските доселеници го зголемија притисокот врз израелскиот премиер во пресрет на средбата. Тие бараат од Нетанјаху да анектира делови од окупираниот Западен Брег и да не ја прекинува војната во Појасот Газа без целосен воен пораз на Хамас, информира весникот „Тајмс оф Израел“.
Трамп со денови буди нови надежи за пробив во преговорите и нагласува дека нема да дозволи Израел да го анектира Западниот Брег. Палестинците полагаат право врз територијата како дел од идна независна палестинска држава. Неколку важни западни држави неодамна ја признаа палестинската држава.
Хамас бара прекин на израелските напади – загрозени животите на заложниците
Хамас во неделата ја повика израелската армија да ги прекине нападите во градот Газа во период од 24 часа. Животите на двајца израелски заложници се во вистинска опасност, се вели восоопштението од военото крило на Хамас. Војниците мора неодложно да се повлечат во област јужно од „Патот 8“ во градот Газа за да се направи обид за „извлекување“ на двајцата заложници, се вели од Хамас. Бригадите Касам претходно соопштија дека контактот со двајцата заложници во изминатите 48 часа е прекинат поради интензивните израелски напади во градот. Израел не го исполни барањето на терористичката организација.
Во Појасот Газа и натаму се наоѓаат 48 заложници, меѓу кои и германски државјани. Според израелски информации, 20 од нив се сè уште живи.
Авторки: Сара Лемел и Франциска Шпикер, ДПА