1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Неважни ли се избеганите контраразузнавачи?

16 октомври 2023

Во објаснувањето на Османи дека од безбедносен аспект не е паметно да имаме бивш премиер кој е во рацете на друга држава, не се спомнуваат двајцата контраразузнавачи кои избегаа во Грција.

Дали поранешниот премиер Никола Груевски ќе се врати од бегството во Унгарија?
Дали поранешниот премиер Никола Груевски ќе се врати од бегството во Унгарија?Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Ни негови поранешни сопартијци, ни други претставници на опозицијата не веруваат во аргументацијата на Бујар Османи зошто од безбедносен аспект не е добро поранешен премиер да „е во рацете на друга држава“. Пред сѐ, поради тоа што таква аргументација доаѓа по цели пет години од бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Унгарија.

„Од политички аспект има едно прашање кое знам дека ќе се злоупотреби, меѓутоа од безбедносен аспект да имате премиер - кој што ви бил премиер повеќе од 10 години и ги имал сите информации на државата - во рацете на друга држава, тоа не е паметно за било која држава", изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Османи не коментираше дали тој се залага Груевски да се врати, туку рече дека говори само за посочената слабост од безбедносен аспект.

„Нема никаква иницијатива во тој дел. Најдобро е да биде овде и да се справува со судските процеси коишто ги има. Тоа би било најдобро решение“, рече Османи на ТВ 21. 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека најдобро Груевски да биде во Македонија и да се справува со судските процеси коишто ги има.Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Изет Меџити, кој ја напушти ДУИ и го формираше Демократското движење, смета дека токму власта преку неодамнешните законски измени на Кривичниот законик и предлозите на закони за амнестија и за помилување, подготвува терен за враќање на Груевски. Тој вчера праша дали властите се подготвуваат да го вратат Груевски во Скопје на 23-ти октомври, Денот на ВМРО?

Од владејачката СДСМ ги демантираат шпекулациите за амнестија на Груевски.

„Никола Груевски, во оној момент кога ќе стапне во нашата држава, ќе издржува казна затвор согласно со конечни позитивни судски пресуди“, изјави Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.

Од лојалноста зависи

Поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, образложението на Османи го оценува како алиби за амнестија на Груевски.

„Натамошниот престој на Никола Груевски во Унгарија, наспроти изјавата на Бујар Османи, не може да се подведе под можни безбедносни ризици и тоа да биде основа за негово враќање во Македонија и заштита на нашите национални интереси. Со политички азил за слободен престој и после 5 години живеење во Унгарија, сега да ја штитите државата од Груевски е апсолутно неприфатливо и не е здраво за државата. Тоа може да се разбере единствено како алиби за можните следни чекори на ДУИ и СДСМ и скриени намери за негова амнестија заради партиско- политички цели“, вели Трајанов.

Тој потсетува дека има и други бегалци од земјата и тоа од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК).

„Има и други ‘бегства' од Македонија, меѓу кои и на двајца припадници на контраразузнувањето, кои и натаму се во Грција, а располагаат со класифицирани информации од висок степен, но Османи не е заинтересиран за нив, ниту пак за други бегалци од правдата. Во суштина, Османи му прави лоша услуга на Груевски, со тоа што наводно преку неговото враќање ќе ги заштити интересите на Македонија. За некој да ‘продава' информации на странските служби, мала улога игра тоа дали е овде во Македонија или е во странство. Тоа пред се зависи од цврстината на неговиот карактер и лојалноста кон својот народ и држава“, вели Трајанов.

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, образложението на Османи го оценува како алиби за амнестија на Груевски.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Според него, со изјавата на Османи сега се отвораат и други прашања, вклучително и тоа дали има некој од државниот и политичкиот врв кој со своите активности ја загрозува националната безбедност на Македонија. 

Четврто барање за екстрадиција

Никола Груевски избега од Македонија во ноември 2018 година. Во јули 2021 година во гратчето Пецел на 20 километри од Будимпешта со три милиони унгарски форинти (8.350 евра) регистрирал Друштво со ограничена одговорност И.Ц.И.Ц (I.C.I.C.) и добил одобрение за активности во најмалку 10 дејности: трговија на големо со порцелан, стакларија, средства за чистење, со храна, пијалоци, тутун и со други стоки, управување со имоти, бизнис менаџмент, комуникации со јавност, рекламирање, истражување на пазари и испитување на јавно мислење, организација на конференции и трговски изложби.

Тој и во Будимпешта не пристигна низ коридорите на транзитниот центар за бегалци. Како што објаснија тогаш од премиерскиот кабинет на Орбан, „со оглед дека бил повеќе од 10 години премиер, од безбедносни причини унгарските власти му овозможиле да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во централата на Канцеларијата за имиграции и азил во Будимпешта“. Сето тоа по забрзана постапка.

Македонското Министерство за правда испраќаше барања за екстрадиција на Груевски од Будимпешта и во 2018 година, и во 2019, и во 2021 година, но Судот во Унгарија ги одби. Последното такво барање министерот Кренар Лога го најави на крајот од март годинава, како за Груевски, така и за осудените поранешни разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски, чија екстрадиција судот во Грција претходно ја одби.

Врховниот суд на најжешко столче

Сега сите погледи се вперени во Врховниот суд. Како што потврди овој суд, до него била доставена Иницијатива за утврдување на начелен став и начелно правно мислење за повеќе прашања во врска со кривичната постапка, помеѓу кои и за прашањето за дадените помилувања од страна на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов. Иницијативата била поднесена од Миле Наумовски, адвокат од Скопје.

На крајот од јуни Врховниот суд со потврда на пресудата за предметот „Транспортер" веќе се произнесе дека помилувањата од поранешниот претседател Ѓорге Иванов било дадено без правен основ. Со ова се сметаше дека тоа прашање е затворено. 

Евентуален позитивен став на Врховниот суд за поднесената Иницијатива од адвокатот, би значел пресврт - потврда на помилувањата од Иванов, односно спас од кривичен прогон на сите помилувани функционери, меѓу кои е и Груевски. 

Пред јавноста да дознае за ваквата Иницијатива поднесена до Врховниот суд, во кругови блиски на поранешниот премиер се шпекулираше дека услов за негово враќање било и повлекување на меѓународната потерница по него и на упатот за извршување на казна затвор.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми