1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаФранција

Невозможна мисија: Францускиот пензиски систем

Луис Лиза
31 јануари 2023

Француската влада сака да го реформира пензискиот систем и, меѓу другото, да ја зголеми минималната старосна граница за пензионирање на 64 години. Но, повеќето Французи се против тоа - па дури и некои економисти.

Национален штрајк против пензиските реформи во Франција се одржа на 19 јануари 2023
Национален штрајк против пензиските реформи во Франција се одржа на 19 јануари 2023Фотографија: Sarah Meyssonnier/REUTERS

Првиот ден од протестите против владината пензиска реформа навести нешто лошо за претседателот Емануел Макрон. Најмалку 80.000 луѓе се собраа во Париз тој четврток, а меѓу еден и два милиони низ целата земја. Толку демонстранти на улиците немало повеќе од десет години.

Постојано се слушаа извици како „Тука сме, дури и ако Макрон не сака“. Бидејќи, иако владата инсистира на тоа дека пензиските реформи се апсолутно неопходни, многу Французи се против плановите. Па дури и некои економисти.

Франк Лопез Коста беше еден од демонстрантите тој четврток во Париз. „Не се во прашање само пензиите – реформата го доведува во прашање срцето на нашиот социјален систем“, вели 35-годишниот наставник  за ДВ. „Времињата и онака се тешки, и  поради растот на цените. Сега сакаат да ни ја наметнат и оваа реформа. Франција станува економски сѐ полиберална, но ние не го сакаме тоа“. Според истражувањата, бројот на Французи кои, како и Лопез Коста, се противат на реформата расте - неодамна изнесуваше речиси 70 проценти.

Владата смета дека реформите се неопходни

Владата инсистира дека реформите се итно потребни. „Сакаме да го задржиме нашиот систем за плаќање придонеси. Оваа реформа ќе ја гарантира иднината на нашите пензии“, рече премиерката Елизабет Борн пред Сенатот во средината на јануари. За разлика од другите земји, како Германија, Франција има чист систем за плаќање придонеси, без никакви елементи на приватно осигурување. Постојат општи пензиски фондови за вработени и државни службеници и 27 посебни фондови, на пример за балетските танцувачи во Париската опера и за полицајци кои предвремено се пензионираат.

Францускиот министер за труд Оливие Дусоп зборува на пре-сконференција за пензиските реформи на 23 јануари 2023 годинаФотографија: LUDOVIC MARIN/AFP

Владата сака да ја зголеми минималната возраст за пензионирање од сегашните 62 на 64 години до 2030 година. Освен тоа, од 2027 година луѓето ќе мора да работат најмалку 43 години - а не веќе  42 - за да се квалификуваат за целосна пензија. Во секој случај, и натаму право на целосна пензија ќе се има од 67 години. Реформата ќе гарантира порана пензија за оние кои почнале со работа особено рано и би задржала одредени посебни фондови, а во исто време ќе укине други. Макрон, исто така, планира и да ја зголеми минималната пензија за околу 100 евра - на околу 1.200 евра месечно.

Кој им исплаќа пензии на државните службеници?

Владата своите аргументи ги темели на извештајот на експертската комисија нарачан од самата влада. Според него, пензиските расходи во 2032 година би биле до 14,7 отсто од брутодомашниот производ, а не сегашните 13,8 отсто. За многу економисти, затоа е исправно да се заостри минималната возраст за пензионирање - исто така и со оглед на демографскиот развој.

„Во 1950 година четворица работници финансирале еден пензионер, во 2000 година имало само двајца, а во 2040 година ќе има 1,3. Тоа веќе нема да биде одржливо“, вели Жан-Марк Даниел, почесен професор по економија на бизнис школата ЕСЦП во Париз. „Понатаму, единствената причина зошто пензискиот систем не е во минус е тоа што државата, меѓу другото, им исплаќа пензии на државните службеници. Да не го направеа тоа, ќе имаше минус од 30 милијарди евра“. 

За време на протестите на 19 јануари, тој беше во фокусот на критиките: претседателот Емануел МакронФотографија: Benoit Tessier/REUTERS

Економистот Филип Кревел се согласува. „Оваа реформа е неопходна бидејќи ни требаат повеќе работници за да го поттикнеме економскиот раст“, ​​вели тој за ДВ. „Во Франција стапката на вработеност кај постарите лица е релативно ниска во споредба со другите земји. Зголемувањето на минималната возраст за пензионирање автоматски би ја зголемило“.

Конфузна дебата меѓу експертите

Но,  сите економисти не ја поддржуваат реформата. И, парадоксално, нејзините противници се потпираат на истиот извештај на експертската комисија што власта го наведува како доказ. Во него се наведува дека „во зависност од политичките преференции, сосема е легитимно да се спроведе пензиската реформа или не“. Впрочем, резултатите од буџетот не покажале дека трошењето ќе излезе од контрола.

За Мишел Земур, економист на универзитетот Сорбона во Париз, кој не е поврзан со контроверзниот политичар од екстремната десница Ерик Земур, ова е доказ дека владата спроведува реформи од други причини. „Нашиот пензиски систем функционира добро и затоа што веќе е зголемена старосната граница за пензионирање со претходните мерки“, вели тој за ДВ. „Владата само сака да го избалансира својот буџет, затоа што најмногу им даде даночни олеснувања на компаниите - и сега сакаат малку по малку да го демонтираат нашиот социјален систем“.

Горди на работата - и на пензионирањето

Соочени со такво несогласување, Французите едвај знаат што да мислат, вели социологот Даниел Линарт, која е специјалистка за трудови односи. „Медиумските експерти нè бомбардираат со примери и анализи кои едвај ги разбираме“, изјави за ДВ директорката емеритус за истражување на јавниот институт ЦНРС.

Со знаме и со пиротехника: синдикатот ЦГТ ги предводи протестите против планираната реформа на францускиот пензиски системФотографија: Eric Gaillard/REUTERS

„Луѓето гледаат дека заклучокот од анализата зависи од идеологијата на експертите. Овде станува збор за тоа во какво општество сакаме да живееме - пазарно ориентирано, во кое преовладува законот или кое ги ублажува нееднаквостите.

Во исто време, луѓето во оваа земја реагираат особено чувствително на темата за пензиските реформи. „Французите имаат многу посебен однос кон работата која датира од времето на Француската револуција“, објаснува таа. „Со тоа е утврдено дека вашата работна сила можете да ја продадете само како слободен граѓанин. Така трудот стана симбол на класната борба. Луѓето долго време се бореа за правото на пензионирање на одредена возраст. И Французите не сакаат туку-така да се откажат од ова право - туку планираат дополнителни демонстрации и штрајкови. Протести се закажани и за денеска (31.01).

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми