1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незадоволството кон УЈП за данокот не стивнува

12 јануари 2026

Граѓаните и дел од советниците во Куманово предлагаат конкретни решенија за излез од ситуацијата. Тие бараат итно стопирање на извршувањата и каматите и флексибилна наплата на рати според висината на данокот.

Управа за јавни приходи во Скопје 27.11.2017
Не стивнува незадоволството кон УЈП за ретроактивниот данокФотографија: DW/P. Stojanovski

Незадоволството од решенијата на УЈП за ретроактивно плаќање на данок на доход остварен во странство не стивнува, а граѓаните и дел од советниците предлагаат конкретни решенија за излез од ситуацијата. Кумановци кои работеле во базите во Ирак и Авганистан најавуваат нови протести пред зградата на УЈП, барајќи правична примена на законот и стопирање на присилната наплата.

Најавите се дека протести ќе има до петок од 14 до 16 часот пред зградата на УЈП во Куманово. 

Граѓаните бараат правична примена на законот

Досега се одржаа два протести со барања за правилно утврдување на даночната резидентност, признавање на доказите (пасоши, печати, потврди од работодавци), ревизија на решенијата, запирање на присилната наплата и усогласување на даночната пракса. „Не бегаме од плаќање даноци, бараме правична и законска примена“, порачаа печалбарите од Куманово.

На протестот што се одржа на 26 декември, тие реагираа дека „државата преку УЈП директно врши притисок врз сопствените граѓани". Велат дека не бегаат од даноци, но нема да прифатат „неправда, селективна примена на закон и уцени спакувани како информативни пресметки на данок и решенија".

Граѓаните и дел од советниците во Куманово предлагаат конкретни решенија за излез од ситуацијатаФотографија: Petr Stojanovski

Решенијата се однесуваат на 2020 година, а според најавите, ваквата пракса ќе продолжи и за периодот 2021–2025. Од УЈП се децидени дека не станува збор за ретроактивно оданочување, ниту за нова мерка, туку за постоечка законска обврска утврдена со Законот за данок на личен доход и претходно со Законот за персонален данок на доход во Македонија.

Советници предлагаат конкретни мерки

Советниците од „Ред за Куманово“ бараат ова прашање да се отвори за јавна дискусија, не како политичко, туку како прашање на правна пракса и одговорност на државата. „Законот мора да се почитува, но дали се применува праведно и навремено?“ прашуваат тие.

Предлозите на „Ред за Куманово“ се итно стопирање на извршувањата и каматите и флексибилна наплата на рати според висината на данокот. „УЈП и МВР треба да утврдат резидентност над 183 дена и да не изготвуваат решенија за оние кои не биле резиденти, како и јавно да се објават договорите за избегнување двојно оданочување“, сметаат тие.

Тие бараат наплатата да започне од следната година, „со јасно известување во 2026 година, со рок за информирање и подготовка, а не ретроактивен шок“.

УЈП досега испратила околу 10.000 покани за пријавување доход остварен во странство. Директорката Елена Петровска деновиве потецираше дека сите даночни резиденти се должни да го пријават и оданочат целокупниот светски доход, вклучително и приходите стекнати надвор од државата. УЈП уверува дека нема да има двојно оданочување ако е платен данок во странство и дека граѓаните можат да користат правни лекови ако сметаат дека им се повредени права.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми