1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Независност 32 години: Каде бевме, до каде стигнавме?

8 септември 2023

Цивилизациски, како заедница немаме некој напредок за пофалба во овие 32 години. Не е проблем што работите лошо стојат, туку што стануваат сè полоши, вели режисерот Милчо Манчевски.

Nordmazedonien, Skopje: Mazedonien Namensänderung
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Perkovksi

Каде бевме, до каде стигнавме - е прашењето што си го поставува секој македонски граѓанин на денешниот празник, Денот на независноста на државата - Осми септември. Светски реномираниот македонски режисер Милчо Манчевски кој со неговите успеси ја внесе независна Македонија на светската културна мапа, развојот на државата го следеше од две дестинации - Скопје и Њујорк.

„Пред 32 години од далеку гледав како се распаѓа Југославија и се раѓа Македонија. Во тоа време живеев во Њујорк и имав многу малку контакти со Македонија. Дури и мојот прв филм, „Пред дождот“ го напишав, го подготвив и го финансирав во странство, па го донесов во Македонија како подарок. И денес сум во Њујорк, ама живеам и во Македонија, тука снимам, зборувам за судбините на наши луѓе, денес ја познавам ситуацијата кај нас многу подобро. Цивилизациски, како заедница немаме некој напредок за пофалба во овие 32 години“, вели Манчевски за ДВ.

Смета дека во речиси сите суштински области - од урбанизам до образование, од здравство до стандард на живеење или владеење на правото, Македонија имала подобри позиции пред 32 години.

„Не е проблем што работите во Македонија лошо стојат, туку што постојано стануваат сè полоши. Се разбира дека политичката елита има најголем кабает за ерозијата на цивилизациските вредности, ама таа елита не постои во вакуум. И најлошите политичари и бизнис-лидери или културни дејци произлегуваат од овој народ. Можеби е ова резултат на таа критична маса што ја немаме, затоа што кога работите најпосле зависат само од нас, ние во Македонија најлошо ги сработуваме. Се разбира дека понижувањата и опструкциите од Грција и Бугарија и од ЕУ имаат ефект, ама тие не се виновни што веќе немаме тротоари, што се умира за лекови, што во становите нема сонце, што корупцијата дивее, што исчезна зеленилото во Скопје, што се гушиме во смет, што сме најзагаден град на свет, што лошотија извира од секој поглед, што себичност и невкус се стандард, а довербата во институциите се мери во милиметри“, оценува тој.

Филмовите на Манчевски до денес се прикажани на повеќе од 300 фестивали, со освоени стотици награди, со проекции во над 100 држави, а во некои земји се вклучени и во наставната програма.

Македонскиот режисер Милчо Манчевски (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Да, во културата имаме Златен лав, имаме номинации за Оскар, награди ФИПРЕСЦИ, Индепендент спирит, филм на листата 1.000 најдобри на сите времиња, дистрибуција во 100 земји, а пред 1994 година скоро и да немавме присуство на меѓународни фестивали. До тогаш не се знаеше што е тоа копродукција или кастинг, а денес тие се секојдневие. Ама, наместо да се надградуваат филмските успеси, ние имаме најкорумпирана Агенција за филм - нешто што го потврдуваат сите надлежни институции - која под диктатура на само еден партиски моќник работи како приватно дуќанче за семејни династии... Кога патувам ме прашуваат како е во Македонија. Им ја кажувам вистината, срочена како полушега: ‘Супер е, освен што е сиромашно и корумпирано’. Тоа е едно огромно ‘освен’“, вели Манчевски.

Некогаш имаше парламент

Корупција и криминал станаа најчесто спомнувани зборови во македoнското секојдневие. Денешната прослава се одвива во сенка на скандал на Клиниката за онкологија, но и на големо незадоволство откако Собранието ги усвои измените на Кривичниот законик без дебата во јавноста, од кои дел ќе донесат застарување на многу предмети и ќе водат кон неказнивост. Парламентот, кој повеќе години ја заборава неговата улога и се претвора во подизведувач на Владата, пред 32 години важел за вистински храм на демократијата, вели пратеничката од првиот парламентарен состав, Ѓулистана Марковска.

„Првото Собрание ќе остане забележано во историјата на Македонија како најсветол пример на парламентаризмот кој беше најпродуктивен, кој ги удри темелите на независноста преку носење на Уставот, знамето, химната, првата македонска парична единица - денарот, темелите на надворешната политика. Составот беше разнолик, начинот на размислување исто така, ама желбата да се направи самостојна држава кај сите беше иста. Немаше поделба на патриоти и предавници, немаше говор на омраза. Дали нашите мечти и надежи по повеќе од 30 години се реализираа онака како што сите очекувавме? Се разбира дека не. Денес имаме нефукционално Собрание, со пратеници кои меѓусебе се навредуваат, не се почитуваат, ниту го почитуваат Собранието како институција во која треба да нѐ претставуваат нас, граѓаните. Глорифицирајки ја Владата, наместо таа да биде контролирана од пратениците, таа станува место во кое сѐ почнува и завршува“, вели Марковска.

Потсетува дека уште во 1992 година бил оформен првиот НАТО-клуб и искажан широк консензус за пристапување кон европското семејство.  Оттогаш до денес, вели Марковска, може многу да се пишува за она што можело, а не се направило за Македонија. Но и нејзината клучна забелешка се однесува на корупцијата.

„Денес сме една од најкорумпираните држави каде корупцијата почнува од шалтер па сѐ до највисоките слоеви на власта. Имаме судство со доверба од 3 отсто, имаме неквалификувана администрација, а каде и да тргнете по државните институции тешко ќе најдете светол пример на достоинствен и почитуван носител на функција. Стануваме држава со бела чума, без млади, со мал број првачиња, држава која влегува во клубот на европјаните само според делот на стареење на населението“, укажува поранешната пратеничка. 

Поранешната македонска пратеничка, Ѓулистана Марковска (архивска фотографија)Фотографија: DW/K.Blazevska

Излезот од сегашната ситуација го гледа во враќање на изгубените вредности.

„Каде е исправниот пат? Според мене во ресетирање на системот и враќање на вистинските вредности и вербата дека чесни и достоинствени луѓе кои љубовта кон државата ја покажуваат со дела а не со зборови, сѐ уште можат од Македонија да направат средена функционална европска држава, во која ќе сакаат да останат, работат и творат новите генерации наши деца и внуци“, порачува Марковска.

Да создаваме сојузници

По повод Денот на независноста, во организација на Владата и под мотото „Гласник на слободата“ денеска ќе бидат одржани повеќе свечени и културни активности. Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски ќе оддаде почит на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски. Премиерот заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити ќе присуствува на презентација на нова опрема и апарати во градската болница „8-ми Септември, а потоа и на показни вежби на единиците на Армијата и на МВР во Градскиот парк во Скопје. Премиерот ќе се обрати и на традиционалниот празничен пикник и народен собир што го организира општинска организација на СДСМ во комплексот Пеленица. Во пресрет на празникот, Ковачевски имаше обраќање и на синоќешната Свечена академија - „32 години независност“.

„Пред 32 години со мнозинска определба од над 95 проценти од граѓаните, остварен е аманетот за сопствена, независна македонска држава на генерациите зад нас - глас што одекнува од Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година. 32 години подоцна, пред нас е гласот на граѓаните, во мнозинска определба од 80 проценти, за живот во Европа, но во родната, македонска татковина (...) Денес се наоѓаме во неповторлив контекст, кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент, ние сме потребни на ЕУ и на демократската меѓународна заедница, како што ни се потребни и тие нам (...) Ако нешто научивме во овие 32 години, тоа е дека македонската стабилност е директно поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и ЕУ, како и со внатрешната етничка инклузија. Научивме дека мора да создаваме сојузници, наместо непријатели. И дека мора да дејствуваме заедно и обединети“, нагласи премиерот.

Со разни манифестации празникот ќе биде прославен во сите градови во земјата, а од 11 часот ќе започне и културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“ со обезбеден бесплатен влез во културните установи, музеи и галерии во целата држава

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми