1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

„Никој не сака да војува за интересите на Путин“

Наталија Смоленцева
23 септември 2022

Само воен пораз на Путин во Украина може да го урне рускиот режим, вели за ДВ опозиционерот Дмитри Гудков. Тој го опоменува Западот - масивните санкции кои ги погаѓаат обичните Руси, можат да се вратат како бумеранг.

Властите во Русија жестоко се пресметуваат со отпорот против мобилизација
Властите во Русија жестоко се пресметуваат со отпорот против мобилизацијаФотографија: Alexander Nemenov/AFP

Дмитри Гудков моментално ја обиколува западна Европа, каде разговара со политичари и дипломати. Овој руски опозиционер, кој ја напушти земјата лани по дводневен притвор, вели дека една од целите му е да им објасни на западните политичари дека некои санкции против Русија се ефикасни, а некои само му користат на режимот на Владимир Путин.

„Европејците мора да разберат дека ќе предизвикаат уште поголем проблем ако сега ја изолираат Русија, ако ја оградат со жица висока шест метри и ако околу ископаат канал со крокодили“, вели Гудков за Дојче веле.

„Зашто, ќе настане сиромаштија, распад на земјата би бил крвав. А  нуклеарното оружје ќе остане  и никој не знае кога ракетите би можеле да полетаат. Тоа ќе ѝ задава главоболки и на Украина и на сите останати“, додава овој бивш пратеник во руската Дума. 

Од друга страна, тој вели дека Западот мора да ја продолжи својата поддршка на Украина. „Само воен пораз на Путиновиот режим може да нѐ спаси од Путин“. Според неговите зборови,  делумната мобилизација во Русија  укажува на „хаос во војската.“ „Раководството не е адекватно. Путин во суштина создаде таков систем во кој владеат хаос и кражби, како и отсуство на искрена мотивација“, наведува Гудков.

Дмитри Гудков: Никој не гледа поента во војнатаФотографија: DW

Колкава е поддршката за Путин?

На прашањето колку Руси вистински го поддржуваат нападот врз Украина, Гудков вели: „Мислам дека исто како што  Путин се преправа дека ова не е војна,  туку ‘специјална воена операција', така и мнозинството луѓе се преправаат дека ја поддржуваат. Но,  штом ќе бидат принудени сами да земат пушка во своите раце, а тоа е билет во еден правец, од таа поддршка нема ништо да остане.“

„Мислам дека крајот ќе се случи на улиците, на протести, зашто никој не сака да војува за интересите на Путин.  Никој не гледа поента во војната.  Освен јастребите кои ја поддржуваат идејата за империја, а нив ги нема повеќе од 10 до 12 проценти во Русија. А и таквите сега се незадоволни од Путин и од Министерството за одбрана. Ним им е тешко да се простат од митот дека руската армија е втора најмоќна во светот“, додава Гудков.

Овој бивш пратеник активно се занимава со политика од протестите против реизборот на Путин за претседател пред десетина години. Беше член на повеќе опозициски партии. Неговиот татко, Генадиј Гудков, политичар и бизнисмен, исто така спаѓа во најпознатите критичари на Путин.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми