1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никола Димитров: Царот е гол!

9 ноември 2023

Самонаречениот „европски фронт“ е европски на збор, а антиевропски на дело, коментира поранешниот шеф на дипломатијата, по Извештајот на ЕК за напредокот на РСМ.

Поранешниот македонски министер за надворешни работи, Никола Димитров (архивска фотографија)
Поранешниот македонски министер за надворешни работи, Никола Димитров (архивска фотографија)Фотографија: Imago/A. Parsons

Да не беше ваков геополитичкиот контекст, се стекнува впечаток дека Европската комисија ќе нотираше и назадување во клучните области, но како и да е, Извештајот го потврдува тоа што македонските граѓани добро го знаат - царот е гол, колку и да се пeрчи! Ова за ДВ го изјави поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, по вчера објавениот Извештај на ЕК за напредокот на Република Северна Македонија.

„Суштината на Извештајот е буквално во првите две реченици на комуникацијата на ЕК, кој е еден од документите во пакетот: македонските власти постојано зборуваат дека членството во ЕУим е стратешка цел, ама крајно време е да почнат да испорачуваат, посебно во најважните области - судството, борбата против корупцијата, јавната администрација, јавните финансии и јавните набавки", посочува поранешниот шеф на дипломатијата.

Вели дека Извештајот е дециден оти нема никаков напредок ниту во судските реформи, ниту во борбата против корупцијата, а во судството на тапет сосема логично е ставен Судскиот совет.

Судскиот совет „на тапет“ во последниот извештај на ЕКФотографија: Petr Stojanovski/DW

Каде „исчезнаа“ директивите на ЕУ?

Извештајот на ЕК целосно ја суспендираше аргументација на македонските власти, кои до вчера тврдеа дека експресно усвоените измени на Кривичниот законик во септември годинава, биле направени „заради усогласување со европски директиви". А токму на таа тема стигнаа најголемите критики од ЕК.

„Кривичниот законик беше изменет по забрзана собраниска процедура, а максималните казни за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што имаше импликации за примената на застареноста и влијаење, запирање или дури прекинување, а голем број случаи на корупција на високо ниво, вклучително и од поранешната СЈО. Измените ја попречуваат способноста на властите да ги истражат и гонат таквите прекршоци. Ова е прашање на сериозна загриженост“, се наведува во Извештајот.

Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ, оценува дека кога Европската комисија ќе употреби еден таков речник - ‘сериозна загриженост’ - тоа значи дека работите не чинат!

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој го потпиша указот за тие законски измени и покрај апелот на граѓански организации да не го потпишува, вчера не се осврна на забелешките во Извештајот. Остана само неговата објава на Фејсбук, дека евроамбасадорот Гир му го презентирал Извештајот на ЕК.

„Извештајот, кој го нотира сработеното од првата фаза за почеток на преговорите со скринингот, прикажува и детална слика за состојбите во македонското општество, а дава патоказ за натамошната работа на институциите, како и областите во кои треба да посветиме внимание", кусо напиша Пендаровски. 

Македонскиот претседател Стево Пендаровски на последната средба во Скопје со шефицата на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен на 29 октомври 2023 годинаФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„Усогласувањето“ како алиби

За (зло)употребата на европското знаменце и досега имаше бројни реакции во јавноста, но властите секогаш го правдаа тоа со некоја ЕУ-причина. Дури и употребата на европско знаменце за петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д од „Бехтел и Енка“, ја објаснија со „комлетирање на трансевропската мрежа на коридори“. 

„Самонаречениот ‘европски фронт’ е европски на збор, а антиевропски на дело“, коментира Димитров.

„На неколку места се потенцира дека измените на Кривичниот законик, не само што засегаат и застаруваат голем број предмети за висока корупција, туку се и пречка за истрага и кривично гонење на нови случаи - се причина за сериозна загриженост. Силно се критикува злоупотребата на европското знаменце генерално, а посебно за Кривичниот законик и серијата закони поврзани со проектот ‘Бехтел и Енка', за кои се вели дека не биле поврзани со усогласување со европското законодавство, за што впрочем единствено и постои процедурата со знаменцето“, наведува тој.

Го посочува податокот дека бројот на закони донесени по скратена постапка пораснал од 38% на 58%, но и дека работите не се многу подобри во реформата на јавната администрација, каде се доцни со трите закони (за административни службеници, вработени во јавен сектор и висока раководна служба) кои имаат за цел да воведат меритократија наспроти партизација во јавниот сектор. Од вкупно 58 именувани високи функционери, 40 биле именувани без конкурс, односно биле поставени вршители на должност.

„Да бидеме фер, има и пофалба - за целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика“, нотира Димитров.

Но, потсетува како биле нарекувани домашните критичари на истото она што сега го критикува и Европската комисија.

„Ако Владата е конзистентна, како што е и кон релевантните критичари дома, тогаш, после ваков Извештај за очекување е и Европската комисија да ја денунцира како ‘антизападна', или во најмала рака – ‘хистерична’, вели тој.

Правосудството останува најслабата македонска алка на патот кон ЕУФотографија: picture alliance/imageBROKER

Многу нули

По обичај, партиите од власта и опозицијата Извештајот на ЕК го толкуваат како што ним им одговара - за критиките причината ја лоцираат само во постапките на политичките опоненти, а за пофалбите заслугата си ја припишуваат исклучиво себеси.

По објавениот Извештај беше поставувано прашањето - дали е тоа најслабата оценка досега за напредокот на РСМ?

„Ова е втор најлош извештај после оној по скандалот со прислушувањето, кога РСМ беше наречена заробена држава, а веројатно прв според бројот на ‘нули’ кои укажуваат дека нема напредок во подрачјата што се многу важни“, оцени Малинка Ристеска Јорданова нa ТВ Телма.

Како што е познато, по јавното обелоденување на содржината на прислушуваните разговори, во Извештајот за напредокот на Македонија од 2016 година, Европската комисија и ја додели на земјата етикетата „заробена држава" и „заробени институции“, со што ги потврди наодите од Извештајот на групата експерти предводена од Рајнхард Прибе, објавен на 8-ми јуни 2015 година.

На земјата и беа потребни две години за да направи одредени реформски исчекори, а по Преспанскиот договор и по една декада од препораки, во Извештајот на ЕК во 2019 година земјата беше наведена како пример за позитивни чекори и напредок низ клучните критериуми за членство. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми