1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитров: Треба да утврдиме државни позиции за патот напред

22 мај 2023

Бугарската негација на македонскиот јазик, како одговор треба да добие европски официјални декларации од другите членки на ЕУ дека тој е дел од лингвистичкото богатство на Европа, вели Димитров.

Поранешниот шеф на македонската дипломатија и вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров
Поранешниот шеф на македонската дипломатија и вицепремиер за европски прашања, Никола ДимитровФотографија: Imago/A. Parsons

Ќе заличиме навистина на сериозна држава ако најдеме сили и зрелост, низ широк процес на вистинска демократска дебата, да формулираме државни позиции за патот напред, вели во разговор за ДВ поранешниот шеф на македонската дипломатија и вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, посочувајќи го тоа како нужност за излез од актуелната „каша“ во која се наоѓаат македонско-бугарските односи. Димитров од неодамна е претседател на невладината тинк-тенк организација „Балкански центар за конструктивни политики- Солуција", посветена на важноста од справување со корупцијата, клиентелизмот и поларизацијата на општеството, унапредување на општествената дебата и културата на дијалог, за конструктивни решенија во сите сфери на општеството. Со Димитров разговаравме за дел од овие прашања, но и за последните промени во „тонот“ на Скопје кон Софија.

Гледате ли конзистентност во политиката на македонските власти кон Бугарија? Што сигнализираа неодамнешните изјави разменети во Рејкјавик?

Никола Димитров: Изјавата на премиерот Ковачевски во Рејкјавик во однос на сличноста на бугарскиот наратив кон Македонците со рускиот за Украинците е валидна, но задоцнета и контрадикторна со политиката на постојано одоброволување на Бугарија во услови на отворено непочитување на нашето право на самоопределување и негирање од нивна страна. Велам задоцнета, затоа што кога официјална Софија депонираше писмена негација на македонскиот јазик среде Брисел, Владата овде не само што глумеше пријателство, туку беше и соучесник во рушењето на македонските позиции, прифаќајќи сите алатки што ги бараше Бугарија за реализација на својата антиевропска амбиција на негирање на македонскиот идентитет да бидат дел од пристапниот процес со ЕУ. Да беше вистинско ова задоцнето соочување со реалноста, Владата ќе престанеше слепо да ги турка амандманите, ќе се извинеше за својата лекомисленост и ќе побараше помош од граѓанскиот сектор, експертската јавност и опозицијата, заедно да се најде излез од кашата. Без тоа, „јунаштвото" на премиерот е само некаков емотивен излив или уште полошо, празна предизборна реторика.

Од одговорот, пак, на претседателот Радев и иницијативата за нова декларација во бугарското собрание, јасно се гледа непроменетата реалност. Спорот не само што не е решен туку е дополнително искомплициран. Негирањето на македонскиот јазик и идентитет, инаку класичен говор на омраза, поврзано со инсистирањето дека Бугарите во Македонија не се малцинство и покрај пописот, соголува непријателска стратегија на историски ревизионизам. Софија е охрабрена со таканаречениот француски предлог и се лути кога ние се однесуваме како суверена држава. Уставните амандмани се првата пречка, но зад неа чекаат и многу други, вклучувајќи ги очекувањата на бугарската политика од историчарите во Комисијата. Атмосферата е погубна за македонско-бугарското пријателство, што подразбира меѓусебно елементарно почитување, но и за европскиот наратив кај нас бидејќи е сведен на навредливи уцени.

Каков треба да биде пристапот кон уставните измени ако навистина нема поддршка од двотретинско мнозинство, а да се избегне репризирање на старите „начини“, кои едно градат но друго разградуваат, пред сѐ на внатрешен план?

Уставните амандмани се во рацете на двотретинско мнозинство во Собранието и би било крајно неодговорно, да не кажам нешто погрубо, ако тоа не се искористи за барем да ги закрпиме дупките на европскиот пат што се гледаат со голо око. Ќе заличиме навистина на сериозна држава ако најдеме сили и зрелост, низ широк процес на вистинска демократска дебата, да формулираме државни позиции за патот напред. Ќе наведам само неколку примери.

Никола Димитров на пресконференција во својство на министер за надворешни работи во март 2020 годинаФотографија: Regierung Nordmazedonien

Прво, бугарската негација на македонскиот јазик депонирана во контекст на нашата прва меѓувладина конференција во јули 2022 година, треба да добие европски одговор во форма на афирмативни официјални декларации на другите земји членки на ЕУ дека македонскиот јазик е дел од лингвистичкото богатство на Европа и дека по зачленувањето ќе биде еден од официјални јазици на ЕУ. Второ, влегувањето во сила на уставните амандмани да се услови со бугарско прифаќање на нешто што е неспорно во 21. век - правото на самоопределување и самоизјаснување на македонскиот народ, или со зачленувањето во Унијата. Трето, Софија бараше и успеа историските прашања од билатерални да станат дел од пристапниот процес со ЕУ, но форматот на Комисијата остана билатерален. Во Комисијата затоа мора да има и европски олеснувач со искуство од која било од историските комисии меѓу други европски држави. Едноставно е, по изневереното ветување од страна на ЕУ врзано со Преспанскиот договор, немаме луксуз да нѐ бидеме претпазливи и искрени со македонските граѓани.

Клиентелизмот не е само алатка за обезбедување изборно- партиска предност, туку и за маневрирање околу надворешни приоритети. Вие, од Солуција", имате ли солуција против такви злоупотреби?

Сведоци сме како политичкиот клиентелизам односно партизацијата, кога основниот критериум за именување или вработување е партиска послушност, ги уништува институциите. Но, клиентелизмот ја гуши и демократијата. Тој антисистем создава еден вид должници кои даваат отчет кон партиите и партиските лидери. Во него, автономните слободомислечки граѓани со свој интегритет без кои всушност нема вистинска демократија се проблем и непријатност за вака насадените политички партии кои функционираат како тезги. Антисистемот очекува да се следи партиската „вистина" дури и тогаш кога се размислува поинаку. Како што во 1984 пишува Џорџ Орвел: „Партијата ви кажа да не им верувате на сопствените очи и уши. Тоа беше нивната финална, најбитна наредба". Затоа често сме сведоци на феноменот „магарето лета". Кога премиерот првично го одби францускиот предлог, социјалните мрежи беа преплавени од историското „не" на лидерот. Кога пак набргу потоа го прифати суштински истиот пакет, историското „не" стана „храбра и државничка одлука".

Солуција е драстично намалување на партискиот колач, ослободување на институциите и поставување јасна линија каде завршува државата, а каде почнува партијата. Законот за висока раководна служба со широк опфат и независна експертска комисија, што никако да влезе во собраниска процедура, ќе биде добар прв чекор и напред, и кон ЕУ. Покрај закони, ќе биде нужен и голем притисок на јавноста, но и граѓани со интегритет кои ќе бидат пример и инспирација за општеството. Фејсбук неодамна ме потсети на мојот говор на големиот протест пред Владата на 17-ти мај 2015 година. Тогаш реков дека е преважен моментот за старите верности - слепо да следиме букви на партии или личности. Треба да бидеме верни на идеја и на принцип. За жал, прашањето е исто толку актуелно и денес. Ако сакаме институции и закон за сите, ако сакаме демократија и демократска дебата на аргументи и визии. Ако сакаме држава.

Како се самопортретираат еу-приврзаници кои негуваат макијавелистички пристап кон европското знаменце, во стилот - целта ги оправдува средствата?

Ако пред промената на власта во 2017 година, лошото владеење се затскриваше зад „заштита на националните интереси", денес лошото владеење се покрива во целофан на „европски интеграции". Корупцијата, неказнивоста и партизацијата се во судир и со националните интереси и со европската иднина, без разлика дали мафтате со македонското знаме или со европското знаме. Целата прилично гротескна реторика на „проевропскиот блок" во услови на оддалечување од европските стандарди дома, буквално се отсликува во ставањето европско знаменце на измените на законите поврзани со Коридорите 8 и 10д. Делегацијата на ЕУ е логично против, бидејќи знаменцето служи за олеснување на усогласувањето на домашните закони со европските стандарди, а не за нивно газење. За напред кон ЕУ, а не за рикверц. Актуелното кршење на законодавството на ЕУ, односно суспендирањето на редовниот правен систем во делот на јавните набавки, работничките права, правото на сопственост, заштитата на животната средина, давачките и што уште не, за полесно да се спроведел Договорот, сѐ прави замислете - во името на ЕУ! На легитимните прашања на јавноста, пак, за тоа како ќе се гради, зошто тајност, кои јавни интереси ќе бидат загрозени и колку јавни пари ќе бидат потрошени, се одговара со обвинување дека сите кои прашуваат биле против градење автопати. Се сеќавате на мотото „битно е да се гради"? Сега го имаме надградено: битно е да се гради и да се мафта со европско знаменце!

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми