1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензија според уплатеното: ПИОМ бара нов модел

29 септември 2026

Директорот на ПИОМ, Никола Мемов, смета дека е потребна нова методологија за пресметка на пензиите која директно ќе ги поврзе уплатените придонеси со висината на пензијата.

Никола Мемов, директор на ПИОМ
Мемов предлага пензијата повеќе да зависи од реално уплатените придонеси.Фотографија: Fond für Renten- und Invaliditätsversicherung Nordmazedoniens

Методологијата за пресметка на пензиите треба да се менува, а системот мора да стимулира редовно и целосно плаќање на придонесите. Ова е ставот на директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (ПИОМ), Никола Мемов, во однос на дебатата за иднината на пензискиот систем и потребата од реформи за негова одржливост.  

Тој во гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма посочи дека една од клучните слабости детектирани во изминатиот период е методологијата за пресметка на пензиите, која, според анализите на Фондот, не создава доволен мотив за редовно и целосно плаќање на придонесите.

„Суштината на проблемот е во тоа што постојната методологија не го вреднува во доволна мера реалниот вкупен придонес на осигуреникот во текот на работниот век. Во одредени случаи, системот не создава доволен мотив за плаќање придонеси на реалниот износ на платата. Тоа директно влијае врз приходите на Фондот и затоа е потребно да се подготви ново законско решение“, истакна Мемов.

Според него, идната формула треба да обезбеди директна врска меѓу реално уплатените придонеси и висината на пензијата, со истовремено задржување на социјално-солидарната функција на државата.

Предлог-концептот што се разгледува предвидува две компоненти: економска и социјално-солидарна. Економската компонента би го земала предвид вкупниот износ на реално уплатените придонеси во текот на работниот век, додека социјалната компонента би обезбедувала дополнителна заштита за лицата кои, и покрај исполнувањето на условите, немаат доволно средства за пензија над определениот социјален минимум.

„Треба да се вреднува колку вкупно средства осигуреникот уплатил во системот, тие средства да се ревалоризираат и целосната уплата да влијае врз висината на пензијата. Тогаш нема да биде исто дали некој уплаќал 15 или 40 години, ниту дали уплаќал придонеси на ниска или висока плата“, рече Мемов.

Пензиски реформи: Не е исто дали некој уплаќал 15 или 40 годиниФотографија: DW/ P. Stojanovski

Усогласување на пензиите според законските правила

Во екот на расправата дали е потребно линеарно или процентуално зголемување на пензиите, директорот на Фондот вели дека септемвриското усогласување се врши согласно постојниот модел.

Тоа изнесува околу 3 проценти, што претставува дополнителни околу 350 милиони денари месечно за исплата на пензиите. Вкупниот месечен износ за исплата на пензиите, кој во август изнесувал околу 9,65 милијарди денари, по усогласувањето ќе достигне околу 10 милијарди денари.

Во периодот од септември 2024 до март 2026 година пензиите кумулативно се зголемени за 7.000 денари месечно по пензионер.

Мемов: За исплата на пензиите не недостига една милијарда евра

Во однос на финансирањето на пензискиот систем, директорот на Фондот посочи дека во јавноста често се презентираат податоци без да се направи јасна разлика меѓу средствата потребни за исплата на пензии и останатите трансфери поврзани со обврските на Фондот.

За 2026 година, планираниот трансфер од Буџетот кон ПИОМ изнесува околу 64 милијарди денари. Истовремено, планираните средства за исплата на пензии изнесуваат околу 117 милијарди денари, додека планираните приходи од придонеси за пензиско осигурување се околу 85 милијарди денари.

„Разликата меѓу средствата потребни за исплата на пензиите и планираните приходи од придонеси е околу 32 милијарди денари, односно приближно 500 милиони евра. Тоа е износот што недостасува за директната исплата на пензиите. Средствата до вкупниот трансфер од 64 милијарди денари се однесуваат и на други обврски на Фондот, меѓу кои здравственото осигурување на пензионерите и транзициските трошоци кон пензиските друштва во вториот столб“, објасни Мемов.

Тој во повеќе наврати изминатиот период смируваше дека исплатата на пензиите не е доведена во прашање и дека државата ја гарантира нивната редовна исплата.

Со растот на пензиите растат и обврските на ПИОМ кон Фондот за здравствено осигурување. За 2026 година оваа обврска изнесува околу 220 милиони евра, а за 2027 година се очекува да достигне околу 250 милиони евра.

„Нема компромис околу здравствената заштита на пензионерите. Тие ја добиваат и ќе ја добиваат. Станува збор за меѓуинституционален финансиски однос кој мора јасно да се прикаже кога се анализира финансиската состојба на ПИОМ“, вели Мемов.

Постепено зголемување на придонесите

Според Мемов, сегашната стапка на придонес за пензиско осигурување е пониска во споредба со претходните периоди. Од вкупната стапка од 18,8 проценти, 12,8 проценти се наменети за првиот пензиски столб, додека 6 проценти се издвојуваат за вториот столб.

Поради тоа, вели Мемов, потребно е да се размислува за постепено зголемување на висината на придонесот, на пример за 0,5 до 0,6 процентни поени годишно, во дијалог со работодавачите и стопанските комори. 

Во однос на вториот пензиски столб, Мемов појасни дека средствата се индивидуална сопственост на осигурениците и дека не станува збор за средства со кои државата може слободно да располага. Во вториот столб има околу 640.000 осигуреници, а средствата се инвестираат согласно законски утврдена структура.

Првиот човек на ПИОМ е дециден дека пензискиот систем мора да биде систем во кој граѓанинот има јасна врска меѓу она што го уплаќа во текот на работниот век и она што го добива како пензија. Истовремено, државата мора да обезбеди заштита за оние граѓани на кои им е потребна социјална поддршка.

“Само со ваков пристап можеме да создадеме систем кој ќе биде и правичен и финансиски одржлив“, вели Мемов. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми