1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Николај Младенов: Бугаринот на чело на Одборот за мир

Михаил Иванов
26 февруари 2026

Како генерален директор на Одборот за мир на Трамп и висок претставник за Газа, Николај Младенов се соочува со огромен предизвик. Кој е човекот задолжен за спроведување на мировниот план за Газа со посредство на САД?

Швајцарија Давос 2026 | Николај Младенов зборува на состанокот на Одборот за мир за време на Светскиот економски форум
Николај Младенов зборува на состанокот на Одборот за мир за време на Светскиот економски форум во ДавосФотографија: Fabrice Coffrini/AFP/Getty Images

Во текот на својата кариера, Николај Младенов често бил во жижата на настаните. Дипломатот Младенов, поранешен министер за надворешни работи на Бугарија и специјален координатор на Обединетите нации за мировниот процес на Блискиот Исток во периодот од 2015 до 2020 година, ја стекна довербата и на израелските и на палестинските лидери дејствувајќи како чесен посредник подготвен да биде критичен спрема сите страни во периоди на големи тензии.

Со назначувањето на Николај Младенов за генерален директор на Одборот за мир на претседателот Трамп и висок претставник за Газа, таа доверба мошне веројатно ќе биде од исклучително значење. Задачата што го очекува е голема: Младенов треба да го надгледува прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, да го имплементира мировниот план од 20 точки со посредништво на САД, да ја обнови Газа, да го разоружа Хамас и да ја поддржи транзицијата кон палестинска технократска влада во енклавата - истовремено балансирајќи различни геополитички интереси.

Големо познавање на Блискиот Исток

Младенов својата политичка кариера ја започнува во Бугарија како пратеник на партијата од десниот центар УДФ. Подоцна, како кандидат на партијата ГЕРБ од десниот центар, тој станува еден од првите бугарски членови на Европскиот парламент. Кратко време служи како министер за одбрана на Бугарија, а потоа и како министер за надворешни работи во периодот од 2010 до 2013 година.

„Николај Младенов е првиот [бугарски] министер за надворешни работи со толку длабинско познавање на Блискиот Исток. Тоа беше одлична можност за Бугарија, бидејќи кратко потоа започна војната во Сирија, по што следеше Арапската пролет“, вели Весела Чернева, заменик-директор на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦХР), која беше дел од кабинетот на Младенов во времето како министер за надворешни работи. Чернева го опишува како талентиран за комуникации и човек кој „не ја гледа дипломатијата како адут за пазарење“.

Младенов ја проширува надворешната политика и бизнис ангажманот на Бугарија на Блискиот Исток, зајакнувајќи ги реалциите меѓу другото и со Тунис, Египет и Ирак. Во 2012 година, тој се соочува со еден од најголемите предизвици како министер за надворешни работи кога возач на автобус и петмина израелски туристи беа убиени во самоубиствен бомбашки напад на аеродромот Бургас, во југоисточна Бугарија. Терористичкиот напад - најсмртоносен во поновата историја на земјата - подоцна му беше припишан на Хезболах. Младенов по настанот тесно соработуваше со израелските власти.

Претседателот Доналд Трамп (во средината) и други светски лидери се состанаа во Вашингтон минатата неделаФотографија: Mark Schiefelbein/AP Photo/picture alliance

Доверлив градител на мостови

По завршувањето на неговиот мандат како бугарски министер за надворешни работи, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, го назначува Младенов за специјален претставник на ОН за Ирак во период од две години. Младенов потоа ја презема улогата на специјален координатор на ОН за мировниот процес на Блискиот Исток.

Во Ерусалим, тој тивко гради доверба со израелските и палестинските функционери, како и со претставниците на Египет, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Хамас, кого ЕУ го квалификува како терористичка група. Во времето како претставник на ОН, Младенов работи на деескалација на тензиите и опстојување на решението за две држави. Тој се залага за Аврамските договори од 2020 година, постигнати со посредништво на САД, кои доведуваат до нормализација на дипломатските односи меѓу Израел и Бахреин, ОАЕ, Мароко и Судан.

Додека Палестинците договорите ги сметаат за предавство на нивната кауза, Младенов е убеден дека тоа ќе донесе поголема стабилност во регионот. Како специјален координатор на ОН, тој не се плаши да искаже критика ниту на сметка на израелските ниту на сметка на палестинските чинители, осудувајќи ги убиствата (вклучително и на деца), проширувањето на населбите на Западниот Брег и ракетите што погодуваат цивилни области. „Ако како ОН не сте јасни во врска со овие работи, не може да бидете веродостојни“, објаснува Младенов за весникот „Њујорк тајмс“ во 2021 година.

Весела Чернева, заменик-директор на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦХР), го опишува Младенов како талентиран за комуникации и човек кој „не ја гледа дипломатијата како адут за пазарење“Фотографија: BGNES

Логичен избор за Одборот за мир?

Според Руслан Трад, новинар и експерт за воени конфликти и Блискиот Исток, назначувањето на Младенов за генерален директор на Одборот за мир и висок претставник за Газа е „логично“ за оние кои се запознаени со регионалната динамика.

„Младенов е најмалку контроверзната личност за оваа мисија“, вели Трад за ДВ, додавајќи дека Младенов во арапските држави ужива позитивен углед и често му се припишува способноста да приближи навидум непомирливи страни.

По месеци шпекулации, во кои наводниот прв избор на Трамп, поранешниот британски премиер Тони Блер, беше отфрлен од арапските нации, назначувањето на Младенов прво го објави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а подоцна го потврдија и САД. „Неговото искуство, но и неговиот придонес во потпишувањето на Аврамските договори од 2020 година за време на првиот мандат на претседателот Трамп, веројатно е една од причините за довербата на американската администрација“, смета Весела Чернева.

Речиси невозможна задача?

Иако сè уште не е јасно колку независност ќе има Младенов кога станува збор за носење одлуки во рамки на Одборот за мир, јасно е дека тој ќе биде одговорен за имплементирање на втората фаза од прекинот на огнот, што вклучува разоружување на „сиот неовластен персонал“ во Газа и надгледување на нејзината реконструкција и безбедност.

Тоа веројатно ќе биде екстремно тешко од многу причини, меѓу другото и поради фактот дека Хамас сè уште покажува јасна намера да ја задржи политичката власт, смета Трад. Освен тоа, двете страни и покрај прекинот на огнот обострано се обвинуваат за повеќекратни прекршувања на примирјето.

Николај Младенов беше специјален координатор на ОН за мировниот процес на Блискиот Исток од 2015 до 2020 година (фото: Младенов држи говор во градот Газа во 2019 година)Фотографија: Ali Jadallah/Anadolu Agency/picture alliance

Во емисијата „Конфликтна зона“ на ДВ по повод Минхенската безбедносна конференција претходно месецов, Младенов го опиша мировниот план за Газа како „единствената опција да се оди напред со сè што има смисла во Газа и што ја запира оваа војна и не дозволува враќање на насилството“. Младенов нагласи и дека нештата треба да се придвижат многу брзо, бидејќи најголемиот ризик во моментов, според него, е да биде цементирана реалноста на теренот во Газа.

„Не само што Газа е одвоена од Западниот Брег и легитимните палестински автономни власти, туку се работи и за поделбата во самата Газа на две зони“, посочи Младенов.

Руслан Трад смета и дека без оглед на добрата волја спрема Младенов, која произлегува од неговите квалитети и искуство, фактот дека неговата позиција и мисија се креирани од актуелната американска администрација ќе „висат над него како облак“. Младенов ќе треба да ја „задржи својата репутација на човек што носи одлуки врз основа на експертиза, а не на политички притисок“, вели тој за ДВ.

„Младенов е најмалку контроверзната личност за оваа мисија“, вели Руслан ТрадФотографија: Ruslan Trad

Врски со ОАЕ и проевропски убедувања

Пред да ја прифати новата функција, Младенов беше генерален директор на Дипломатската академија „Анвар Гаргаш“ со седиште во ОАЕ, која обучува дипломати и носители на одлуки во надворешната политика. Тоа предизвика загриженост за неговите врски со активната надворешна политика на ОАЕ за Газа и Израел.

Во исто време, тој важи за дипломат со силни про-ЕУ убедувања.

Иако повеќето земји-членки на ЕУ одбија да се приклучат на Одборот за мир и наместо тоа испраќаат свои  набљудувачи, бугарскиот дипломат во понеделникот (23.02) се сретна со министрите за надворешни работи на Унијата на брифинг за координирање на напорите.

„Европа мора и веројатно ќе сака да учествува во мировниот процес на Блискиот Исток и во стабилизацијата на Газа и во таа смисла присуството на Европеец, Николај Младенов, како висок претставник за Газа, треба да претставува навистина позитивен фактор“, смета Весела Чернева.

Младенов за ДВ во Минхен посочи дека неговиот „фокус сега е навистина целосно насочен кон тоа како може да бидеме сигурни дека трагедијата што ја доживува Газа нема да продолжи ниту ден подолго отколку што веќе трае“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми