Николоски: „Ни фалат хотели со пет ѕвезди“
13 ноември 2025
Владата размислува за поедноставување на постапките за изградба на хотели, особено во заштитените подрачја, како и за развој на туризмот долж Коридорот 10.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, вели дека на државата ѝ недостигаат повеќе квалитетни хотели.
„Во моментов е навистина комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, особено во заштитените подрачја како Охрид, Битола, Кратово и Старата скопска чаршија. Таму е практично невозможно да се гради“, рече Николоски на панел дискусијата во рамките на конференцијата „ Е 75 –Основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“.
Според него, не може да се зборува за туризам ако во главниот туристички центар нема хотел со пет ѕвезди или ако има ограничувања во висината на објектите. „Ако сакаме да се развиваме во туризмот, треба да ја олесниме процедурата за изградба на хотели и да привлечеме инвеститори. Ова важи и за Коридорот 10“, додаде тој.
Смарт автопати и брза пруга – нова ера на транспорт
Министерството за транспорт, заедно со Светска банка, започна постапка за набавка на интелигентни транспортни системи. Македонија ќе биде прва во регионот со смарт автопат од границата со Србија до границата со Грција.
Овие автопати ќе овозможат следење на временските услови, густината на сообраќајот, брзината на возење, несреќи, електрични полначи и интернет во реално време. Покрај тоа, се работи на целосна рехабилитација на Коридорот 10, иако делови од него се во добра состојба.
Коридорот 10 – туристички и економски потенцијал
Николоски нагласи дека туризмот е еден од главните приоритети на Владата. Засега земјата користи само 10% од можностите за развој на туризмот.
Во подготовка е изградба на брза пруга од Скопје до Солун, а Владата усвои одлука за урбанистичко решение на локалитетот Стоби. Се отвораат нови винарии во Тиквешијата, а целта е да се задржат туристите кои транзитираат низ Коридорот 10 (Е-75).
Минатата година преку автопатот Е-75 поминале над 10 милиони луѓе, а оваа година има рекордна наплата на патарини. „Тоа јасно покажува дека транзитот се зголемува, а Коридорот 10 носи најголем економски и туристички потенцијал“, вели Николоски.