1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Низа без видлив крај: 36 уставни измени за 30 години

27 септември 2024

Од 2005 година сме охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“, рече Сиљановска од говорницата во ОН

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова
Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОНФотографија: Leonardo Munoz/AFP/Getty Images

Новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски, порача македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во обраќањето на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН. Таа потсети на „Сцилите и Харибдите“ низ кои поминала и сè уште минува земјата од приемот во ОН во 1993 година: за приемот под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија, за дополнителниот услов да преговара за изнаоѓање конечно решение за спорот за името, и за потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година.

„Но,  членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно ‘последен услов’ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат! За нас, членството во ЕУ,  по 20 години преговори  и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: ‘уште само овој услов’, ‘уште само оваа отстапка’, ‘уште само оваа уставна измена’. Така, станавме ‘sui generis’ држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“, ја опиша Сиљановска постојаната условеност на интеграцискиот пат на РСМ.

Недовршена симфонија

Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, Сиљановска порача дека земјата очекува разбирање и соработка со соседите, без закана со вето, бидејќи каде што има вето, честопати, нема правда.

„Ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, односно нејзина стагнација. Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите, туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за продор на малигни империјални и великодржавни влијанија“, предупреди претседателката.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова: Европската реунификација е како недовршена симфонија без насФотографија: Frank Franklin II/AP Photo/picture alliance

Потенцира дека проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхашки критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет. Од европските и стратешките партнери очекува разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите за членство во ЕУ и отфрлање на двојните стандарди.

„Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас. ЕУ не е само политички систем, туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани. Интеграцијата е моќен мотив и клучна сила за демократскиот развој. Целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен. Но, се разбира, балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи (...) Мора да научиме да се поддржуваме едни со други, како во случајот со Ковидот, поплавите и пожарите, наместо да се блокираме на европскиот пат“, рече Сиљановска.

„Се разделивме со најпријателски чувства...“

Во Њујорк е и нејзиниот бугарски колега, Румен Радев, кој неодамна ѝ беше домаќин во Софија, а  неистакнувањето на македонското знаме  во таа пригода, (што беше објаснето со одредби на протоколот за неофицијална посета, како во случајот со Сиљановска), предизвика бројни реакции во Скопје и реплики од Софија, што атмосферата ја доведе до точка на зовриеност.

Одговорајќи на новинарско прашање, Радев во Њујорк изјави дека комуникацијата на неговата средба со претседателката Сиљановска поминала во добронамерност, а двајцата разговарале за важни теми од соработката и односите меѓу двете земји.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев во СофијаФотографија: President RNM

„Се разделивме со најпријателски чувства и со прегратки“, изјави Радев, објаснувајќи дека во РСМ самите објавиле фотографија од таа посета и сè започнало дури по нејзиното објавување.

„Нападите дојдоа од сосема различни страни. Можам да кажам дека со претседателската институција и лично со г-ѓа Сиљановска негуваме многу добри односи и се надевам тоа така да продолжи“, рече Радев.

Во однос на  раздвојувањето на Северна Македонија од Албанија на патот на европската интеграција, оцени дека „тоа е  логична последица од политиката на владата во РСМ  и патот што таа го избрала“.

Потсети дека уште кога стапила на власт  новата Влада на РСМ,  тој предупредил дека таа има дефицити во познавањето на меѓународното право и на сите карактеристики на патот кон евроинтеграциите, како и дефицити во билатералните односи.

Според Радев, Бугарија е подготвена да продолжи да ѝ помага на РСМ на патот на нејзината евроинтеграција, но нужно е во Скопје да се осознае  значењето што го има ЕУ  и како треба да се работи за да се постигне националната цел што си ја поставила РСМ.

„Досега Владата на РСМ оди во спротивна насока и јас се надевам дека ќе извлечат потребни заклучоци и ќе ја преземат правилната насока. А единствената правилна насока е Северна Македонија да ги вклучи Бугарите во нејзиниот Устав, бидејќи тоа е запишано во преговарачката рамка на ЕУ и мора да се почитува, па дури потоа ќе се отвори вратата за почеток на преговори“, изјави Радев.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми