1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаГлобално

Нобелова награда за хемија 2024 за истражувачи на протеини

ЖА
9 октомври 2024

Нобеловата награда за хемија ја добиваат американскиот истражувач Дејвид Бејкер, како и Демис Хасабис и Џон Џампер, кои работат во Велика Британија. Тие се одликувани за нивните откритија во областа на протеините.

Нобелова награда за хемија 2024 за тројца истражувачи на протеини
Нобелова награда за хемија 2024 за тројца истражувачи на протеини Фотографија: Christine Olsson/TT/picture alliance

Оваа година Нобеловата награда за хемија ја добиваат тројца истражувачи кои работат со протеини. Една половина од  наградата оди во рацете  на американскиот биохемичар Дејвид Бејкер за компјутерски потпомогнат протеински дизајн. Другата половина ја делат истражувачкото дуо Демис Хасабис и Џон Џампер за предвидување сложени структури на протеини со помош на вештачка интелигенција, соопшти Кралската шведска академија на науките во Стокхолм.

Истражувачите работат со „генијалните хемиски алатки на животот“, како што потенцираше Комитетот за Нобеловата награда. Бејкер го постигна речиси невозможниот подвиг да изгради сосема нови видови на протеини. Хасабис и Џампер, пак, развија модел на вештачка интелигенција за да решат проблем стар 50 години: предвидување на сложените структури на протеините. „Овие откритија имаат огромен потенцијал“, нагласува Комитетот.

„За да разбереме како функционира животот, прво треба да разбереме како функционираат протеините“, објасни експертот Хајнер Линке од Нобеловиот комитет во образложението. 

Протеините обично се составени од 20 аминокиселини, кои можат да се комбинираат на бесконечен број начини. Користејќи ги информациите складирани во ДНК како план, аминокиселините во нашите клетки се поврзани во долги нишки.

Тогаш се случува „магијата на протеините“, како што се вели во соопштението за печатот од Комитетот за  Нобеловата награда:  синџирот на аминокиселини се превртува и се преклопува во тродимензионална структура што им ја дава функцијата на протеините. Некои стануваат хемиски темели од кои може да се развијат мускулите, други стануваат хормони или антитела. Многу од нив формираат ензими кои ги контролираат хемиските реакции на животот. Протеините што се наоѓаат на површините на клетките се исто така важни и служат како канали за комуникација помеѓу клетката и нејзината околина.

Нобеловата награда  во секоја од вкупно шесте категории е дотирана со единаесет милиони круни, односно околу 970.000 евра. Доколку има повеќе победници, сумата се дели меѓу нив. Победниците во категоријата медицина беа објавени во понеделникот, а во категоријата физика во вторникот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми