Нобеловата награда за литература за Јужнокорејката Хан Канг
ЕМФ | агенции
10 октомври 2024
Нобеловата награда за литература оваа година оди во рацете на јужнокорејската писателка Хан Канг.
Реклама
Шведската академија денеска (10.10) во Стокхолм соопшти дека добитничка на Нобеловата награда за литература е Ханг Канг од Јужна Кореја. Според образложението на жирито, 53-годишната писателка е наградена за нејзината „интензивна поетска проза“ која ја отвора темата на „историски трауми“ и ја разоткрива „ранливоста на човечкиот живот“. Авторката фрла светлина врз „поврзаноста помеѓу телото и душата, помеѓу живите и мртвите“ и со својот „експериментален стил“ е обновувачка на современата проза, смета жирито.
Хан Канг е 18 жена добитничка на Нобеловата награда за литература и прва жена меѓу годинашните добитниви на наградата. Минатата година добитник на наградата за литература беше Норвежанецот Јон Фосе, кој беше награден „за неговите иновативни драми и проза кои му даваат глас на неискажливото“.
Од доделувањето на првата награда во 1901 година, именувани се вкупно 121 добитници на Нобелова награда за литература. Меѓу нив беа светски познати литературни личности како Ернест Хемингвеј, Селма Лагерлоф и Жан-Пол Сартр, но и личности како што се поранешниот британски премиер Винстон Черчил и американскиот музичар Боб Дилан, кои на прв поглед не се доведуваат нужно во врска со светската литература.
По обелоденувањето на одлуката за добитникот на наградата за литература, настаните со Нобеловата награда привремено се селат од Стокхолм во Осло, каде утре треба да биде објавен носителот на Нобеловата награда за мир. Конечно, следниот понеделник ќе биде објавено кој ќе ја добие Нобеловата награда за економски науки, спонзорирана од шведската централна банка, повторно во Стокхолм. Нобеловата награда во секоја од категориите е дотирана со единаесет милиони круни, односно околу 970.000 евра.
Нобелова награда за литература - не одеше секогаш „подмачкано“
Годинава, поради скандали со корупција и сексуални напади, Нобелова награда за литература нема да се доделува. Но и порано имаше проблеми и контроверзи во врска со ова најважно книжевно признание.
Фотографија: picture alliance/dpa/V.Bucci
Закани по живот: Салман Ружди
Романот на Ружди, „Сатански стихови“ (1988), иранскиот врховен верски поглавар, го сметаше за богохулство, па објави „фатва“, награда за главата на писателот. Ружди со години потоа мораше да се крие. Шведската академија тогаш не зазеде став, па двајца членови на жирито си дадоа оставки. Дури 27 години подоцна, Академијата ги осуди заканите.
Фотографија: Getty Images for Christian Dior Couture/N. Hunt
Доцно признание за „првенецот“ на Томас Ман
Кога Томас Ман ја доби наградата во 1929. година, тоа не беше за неговиот тогаш од печат излезен роман „Волшебен брег“, туку за неговиот дебитантски роман, „Буденброкови“, во тоа време стар 30 години. Жирито романот „Волшебен брег“ го сметал за „развлечен и флегматичен“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bifab
Не е литература, но сепак се силни зборови - Винстон Черчил
Британскиот премиер Винстон Черчил всушност бил кандидат за Нобелова награда за мир, двапати бил на листата. Во 1953. тој ја доби наградата, но - за литература. Жирито ја фалеше неговата историска и биографска книга за Втората светска војна поради „реторичката уметност со која ги бранел човековите права.“
Фотографија: picture-alliance/AP-Photo
Не смееше да ја прими наградата: Борис Пастернак
Советскиот автор, светски познат по неговиот роман „Доктор Живаго“, беше одликуван во 1958. Но, неговата влада му се закани со прогон ако ја прими наградата. Пастернак попушти, а Здружението на писатели го исклучи од своите редови. Сепак, Пастернак остана во Советскиот Сојуз. Неговиот син во 1989. година во Стокхолм го прими Нобеловиот медал на својот татко.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Tass
Ги сакал само парите: Жан-Пол Сартр
Во 1964. година Нобеловата награда требаше да ја прими францускиот драматург и филозоф Жан-Пол Сартр. Неочекувано, тој го одби признанието („Секоја награда создава зависност“.) Се зборува дека години подоцна, одоколу се распрашувал дали сепак не може да ги добие парите - 273.000 шведски круни. Но, ова е веројатно само измислена анегдота.
Фотографија: picture alliance/AP Images
„Тоа не е литература“: Дарио Фо
Тој е само „забавен уличен циркузант, а не автор од светска класа“, критикуваше револтираната литературна елита кога во 1997. година беше одликуван италијанскиот драматург Дарио Фо. Како сатиричар, тој возврати во свој стил. На својот говор во Шведската академија тој му даде наслов „ Против отворените улични циркузанти“ и свеченото доделување на наградата го претвори во сатирично шоу.
Фотографија: Vittorio Zunino Celotto/Getty Images
Премногу луѓе: Елфриде Јелинек
Австриската писателка Елфриде Јелинек не сакаше да присуствува на доделувањето на наградите, кога беше одликувана во 2004. година. Образложение: има страв од голема публика и ненадејната популарност. „Психички не сум во состојба лично да се соочам со ова,“ порача Јелинек, а жирито тоа мораше да го прифати. Сепак, Јелинек одржа говор, преку видео-порака.
Фотографија: Imago/Leemage/S. Bassouls
Не сакаше да зборува: Боб Дилан
Боб Дилан е прв музичар кој доби Нобелова награда за литература, во 2016. година. Музичкиот свет го славеше поради тоа. Но, Дилан се дистанцираше и се чинеше незаинтересиран за своето високо признание. Тој го откажа учеството на свеченото врачување и не испрати ни свој говор. Во март 2017. година сепак отиде накратко во Стокхолм и си го зеде својот медал.