1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На што се должи успехот на порталите за лажни вести?

Астрид Пранге
6 септември 2022

Страницата изгледа како вистинска, но не е. Лажни новинарски портали на познати медиумски брендови служат за ширење лажни вести и руска пропаганда. Како се справуваат со ова медиумите чиј бренд е злоупотребен?

Megaphon mit Sprechblase FAKE NEWS
Фотографија: M. Gann/picture alliance/blickwinkel/McPHOTO

Тинејџер кој паднал од велосипед и починал бидејќи не ги видел дупките на улица поради тоа што не била осветлена. Украинци кои наводно со парите од европска помош си купиле станови во Русија. Се случила експлозија на гас во училиште во Бремен која била предизвикана поради мерки на штедење.

Сите овие  лажни вести  циркулираат во изминативе денови на интернет. Она што е специфично во случајов е дека тие се појавуваат на портали кои многу наликуваат на етаблираните германски портали како spiegel.de, welt.de, bild.de  и t-online. Речиси и да не се гледа разлика помеѓу лажниот и оригиналниот портал.

Злоупотреба на етаблирани брендови

„Имитирањето веб-страници и  ширењето лажни вести  и пропаганда преку познати угледни медиуми чие име е злоупотребено е нешто што сè уште не постоело во оваа форма во Германија“, вели Феликс Карте, раководител на Ресет, невладина организација која се залага за регулирање на технолошките компании.

Новинарот Ларс Винанд, кој ја разоткри најновата проруска кампања за дезинформации во напис за t-online, пронајде повеќе од 30 такви лажни страници, а германскиот медиум успеа релативно брзо да стави крај на ова.

„Го регистриравме ова на 26 август и веднаш му пишавме на серверот во Холандија. На 29 август страницата веќе беше отстранета“, вели Винанд за ДВ. „Но, набргу потоа повторно се појави во Колумбија“. Во меѓувреме веб страницата е трајно отстранета од интернет.

„Колегите можеа да го решат проблемот со помош на компанијата за ИТ услуги Клаудфлер и компанијата преку која беше регистрирана страницата“, појаснува Винанд.

Без импресум и без контакт

За жал, ваквите успеси се ретки. Многу медиуми не успеваат да воспостават контакт со посочените веб-страници.

„Бидејќи лажните веб-страници генерално немаат импресум, ниту адреса ниту посочена можност за контакт“, вели Винанд. А кога страницата е хостирана надвор од Европа, вели тој, секоја правна постапка е воглавно залудна. Такво е и искуство на издавачот Аксел Шпрингер, под кој се двата најголемите дневни весници во Германија, „Ди Велт" и „Билд".

 „За жал, речиси никогаш не може да бидат утврдени тие што стојат зад ова “, се вели во соопштението на компанијата. „По правило, проверуваме дали може да се стори нешто законски и, во зависност од изгледите за успех, покренуваме сопствена постапка или даваме инструкции на надворешни адвокатски канцеларии да ги спроведат нашите барања."

Издавачот на „Шпигел" во случајов директно им се обрати на своите читатели, информирајќи ги во напис за тоа дека постојат речиси идентични лажни веб-страници кои користејќи го дизајнот на „Шпигел",  шират вести со проруска пропаганда.

„Во принцип, ние сме многу воздржани во однос на известувањето за лажните веб-страници бидејќи обично зад нив стојат сомнителни, комерцијално мотивирани интереси кои не сакаме да ги наградиме со дополнително внимание од нашите читатели“, велат од издавачката куќа. Но, се додава дека во случајот со оваа актуелна кампања за лажни вести, предничела потребата да се разјаснат работите.

Иста рамка, различна содржина - фалсификувана страница на „Билд“ со лажна вест

Спас во „Закон за дигитални услуги“?

Оваа немоќ во однос на справувањето со постојаниот наплив на нови бранови на лажни вести на интернет наскоро би можела да исчезне. Барем во тоа е убеден експертот Феликс Карте. „Овие практики би биле „добро место за примена на Законот за дигитални услуги (ДСА)“, објаснува тој. Регулативата донесена од Парламентот на ЕУ на 5 јули оваа година ги обврзува платформите, меѓу другото, да ја засилат превенцијата, следењето и одговорот на кампањите за дезинформација. Најверојатно законот ќе стапи на сила наесен, а потоа ќе треба да го спроведат земјите-членки на ЕУ.

Феликс Карте е сигурен: „Ако ДСА веќе беше на сила, медиумските куќи ќе имаа поефикасни начини за поднесување жалби против платформите, а лажните страници ќе беа отстранети“. Тој вели дека затоа медиумите се заинтересирани за спроведување на мерката, бидејќи тоа би значело дека лажните страници ќе бидат побрзо избришани и дека нивното влијание и дострел ќе биде скратено.

Успешно се избегнуваат регулаторите

Издавачот на „Шпигел" се надева дека со законот за дигитални услуги, ДСА „ќе се олесни спроведувањето на законот барем во однос на содржината што се споделува преку главните платформи“.

Лажни вести и проверка на факти

01:59

This browser does not support the video element.

Меѓутоа во минатото повеќепати се покажало дека „дистрибутерите на нелегална содржина обично наоѓаат начини да продолжат да допираат до својата публика успешно избегнувајќи ги  регулаторите“, вели портпарол на издавачката куќа.

Проверка на факти за фалсификатори

И покрај тоа што Германија досега не доживеала ваков наплив на сајтови со лажни содржини, овој феномен не е нов. Во Шведска, порталот за проверка на факти основан од пет издавачи во 2018 година имаше „конкуренција“ од лажен портал со сличен изглед.

Јозеф Холнбургер од Цемас, организација која ги анализира теориите на заговор и содржината на екстремната десница, се залага за тоа на поединците кои водат  кампањи за дезинформација  да им се забрани пристап до социјалните мрежи.

„Деплатформирањето функционира! Отстранувањето на лошите актери од платформи како Јутјуб значи намалување на нивниот досег. Тие може да отворат акаунти на други мрежи, но најчесто потоа ќе ги споделуваат содржините само со многу помала група корисници, истомисленици“, вели Холнбургер.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми